за

Новата измама на Opel: Karl е само скапа верзија на Chevrolet Spark

Пред да замине, „оригиналот“ Chevrolet Spark се продаваше за помалку од 7.000 евра. Сега Opel најавува 9.500 евра за „маскираниот“ Karl. За што се паплаќаат 2.500 евра плус?

Chevrolet си замина од Европа. Евтината марка ја нудеше истата техника од Opel и на разумниот европски ум брзо му стана јасно. Но, дали Chevrolet вистина си замина?

Во General Motors слабо ги почитуваат автомобилските марки. Сé што не е Corvette или Silverado е недоволно добро и нема да биде штета ако некоја марка, па макар и со незаменлива традиција, згасне како неуспешен експеримент. Токму тоа се случи со гордоста не само на шведската, туку и општо на автомобилската индустрија, марката Saab. Американците открија дека можат да го користат беспрекорниот имиџ на Saab и да ја продаваат својата евтина и застарена техника зад знакот на шведската марка. Така се случи да се појави моделот 9-3 на база на Opel Vectra, но со цена на Saab. Европските купувачи брзо ја открија измамата на американската мајка на Opel и ја отфрлија понудата, а ниту Американците не испаднаа наивни. Saab денес е марка на улица, во ничија сопственост и со неизвесна иднина.

Не сме заборавиле дека Spark и натаму вози во САД - за 12.000 USD! Тоа е веќе друга измама
Не сме заборавиле дека Spark и натаму вози во САД – за 12.000 USD! Тоа е веќе друга измама

Откако кризата ја сосече германската марка до корен, Американците се смилуваа на плачот од Opel и ја отстранија нивната евтина марка од тукашниот пазар. Нивната марка, инаку, не беше Chevrolet, туку Daewoo. Повторно, дрска измама од General Motors. Но, како што велат старите, тој што измамил еднаш, ќе измами повторно. Opel го најавува „новиот“ Karl, како најевтин модел во понудата, со цена од „само“ 9.500 евра на европскиот пазар.

Karl е новата измама од Opel и неговата американска мајка General Motors

Но, Karl ниту е нов модел, ниту пак цената од 9.500 евра е нешто што може да се прифати како разумна понуда. Основата на моделот не доаѓа од Adam или од Corsa, туку од американскиот Spark. Според тоа, Opel Karl не е друго освен маскирана верзија на Chevrolet Spark, со фризирана цена, затоа што напред, нели, стои знакот на Opel. Германската марка никогаш немала постигнало самостојност во оваа класа на возила. Претходникот Agila во обете свои генерации беше базиран на моделите на Suzuki.

„Карл драјвс карл...“ Кој кого вози тука?
„Карл драјвс карл…“ Кој кого вози тука?

„Американската“ основа се премолчува. Автомобилот дури и не е променет суштински, туку е истиот што од европскиот пазар си заминуваше со дампинг цена за помалку од 7.000 евра. Од каде сега разликата од 2.500 евра? Колку Opel ќе заработува од секој продаден примерок? Ако се работи за логично (чесно) постапување, Karl би требало да е дури и поевтин од Spark. Техниката веќе одамна е исплатена, секој нов продаден автомобил со старата техника носи само ќар.

Ако е чесно, Karl треба да биде поевтин од Spark

Како може чесно да функционираат односите меѓу евтините марки, најдобро демонстрира Renault. Во почетокот, евтината романска Dacia ја користеше постарата, но за марката сé уште добра техника, нудејќи го Logan со цена што ја стресе целата бранша. Денес е сé помала разликата меѓу последната технологија што Французите ја вградуваат во своите модели и меѓу онаа што се користи за Dacia. Истото некогаш се случуваше и со Volkswagen и Skoda. Можеби ќе беше подобро доколку Chevrolet останеше на европскиот пазар – и доколку Opel произведуваше модели што се на ниво на конкуренцијата.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

По Детроит 2015: Америка, земја на неограничени можности – со евтиниот бензин!

Зошто купувањето користен Bugatti Veyron не е добра идеја?