за

Opel по мера како Rolls-Royce: Лакирање во боја по желба

Opel Insignia Exclusive

Изборот на боја и материјали по желба порано беше привилегија на купувачите на најексклузивните и најскапите марки. Сега и Opel ја нуди оваа можност за својот знаменосец Insignia, но не и за бадијала

Големите модели на Opel отсекогаш поседувале нешто посебно во карактерот. Посебното сега може да се нагласи и преку бојата на каросерискиот лак. Сите три изведби на знаменосецот Insignia – класичниот Grand Sport, комбито Sports Tourer и робусниот Country Tourer – може да се нарачаат во боја по желба. Тоа е целта на програмата Opel Exclusive, во којашто се нудат и специјални дизајни на бандажи, украсни панели за кабината или боја за кожата на седиштата.

Покрај десетте бои во редовната понуда, за Insignia стојат на располагање уште 15 специјални бои од Opel Exclusive. Доплатата за овие бои изнесува околу 2.500 евра, а боите носат звучни имиња, како динамично портокалова, торнадо сина, пантер црна или шампањ.

Цената на лакирањето во боја по желба достигнува вредност на користена Insignia

Во стилот на топ-шоп рекламите, тоа не е се! Клиентот може да побара боја по своја желба и вкус, за автомобилот да одговара со бојата на омилената вратоврска или можеби со приоколката за коњот. Експертите на Opel ќе ја исполнат и таа желба, а тоа ќе чини 5.900 евра.

Првиот чекор кон Insignia од соништата (како и секогаш) е посетата на салон на Opel. Откако таму ќе се остави фотографијата со омилената боја, следи изработка на таканаречената обоена жаба. Тоа е макета од возилото, лакирана со бараната боја, којашто се испраќа до клиентот. Претходно експертите на Opel работат на изнаоѓање на нијансата што ќе одговара најдобро.

Автомобилот се издвојува од производствената лента и оди во специјална лакирница

Доколку бојата му се допаѓа клиентот, се подготвуваат девет литри од бојата по специјална нарачка. Толкава количина е потребна да се лакира целото возило. Во меѓувреме, возилото на клиентот веќе го има добиено основниот слој и се издвојува од останатите возила на производствената лента, заради нанесување на специјалната боја – рачно, во посебна лакирница. На возилото се поставува и посебна плочка со точната формула за мешање. По желба, сопственикот може да добие и футрола за својот телефон во бојата на автомобилот.

За заокружување на посебниот стил може да се доплати и за пакет High Gloss Black. Во тој случај, хромираниот финиш на маската, магленките и рамките на прозорците се заменува со финиш во црна боја со висок сјај.

Погледајте ја фото-сторијата на нашиот фејсбук профил

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Suzuki Jimny 2018

Suzuki Jimny го следи примерот од G-Class

borgward bx7 ts le

Германците си ја вратија марката Borgward