за

Opel Grandland X со три „мотори“ и 300 КС

Opel Grandland X Hybrid4

Нова изведба на компактниот СУВ на Opel вози со плагин-хибриден погон, располага со моќност од 300 КС и со погон на сите тркала. Во следната година и пол, Риселсхајм ќе претстави дури четири моделски изведби со погон само на струја. Се потврдува и наследникот на Mokka X.

Електричниот погон не е голема вест во Opel, затоа што германската марка уште во почетокот на деценијава понуди сериски модел со погон на струја. Ampera, односно сегашна Ampera-e, уште е достапна на неколку пазари, како мало, но слатко наследство од времињата кога германската марка беше под закрила на General Motors. Но, плагин-хибридниот погон е голема вест.

Турбо бензинец од 1,6 литар и 200 КС, и по еден електромотор напред и назад со по 109 КС, произведуваат системски 300 КС

Новата моделска изведба во гамата на компактниот СУВ-модел Grandland X ја носи ознаката Hybrid4 и поседува два електромотори, во комбинација со 1,6-литарски турбо бензинец. За идните сопственици да се гордеат уште повеќе на својот автомобил со „системски“ 300 КС, хаубата може да биде лакирана во црна боја.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Првиот модел на Opel со плагин-хибриден погон ќе може да се нарачува веќе од летово, а испораките ќе стартуваат во почетокот на следната година.

Grandland X Hybrid4 е само вовед во главниот електро-настан што претстои годинава, а тоа е премиера на новата генерација на Corsa, вклучувајќи изведба со погон само на струја. Нарачките за електричната Corsa исто така ќе стартуваат годинава. До 2024 година, во секоја моделска серија на Opel ќе се нуди изведба со електрифицирана погонска спрега.

New photo by Automedia MK / Google Photos

На познатиот 1,6-литарски турбо со 200 КС му се придружуваат два електромотори со моќност од по 80 киловати, односно 109 КС, како и литиум јон батерија со капацитет од 13,2 киловатчасови. Предниот електромотор ја пренесува силата на предните тркала, преку електрифициран осумстепен автоматски менувач. Вториот електромотор и диференцијалот се вградени во задната оска.

Батеријата дозволува вообичаената дневна тура да се вози само на струја

Електричниот погон обично се вклучува при пониски брзини и послабо оптоварување. Според новиот циклус, со полна батерија може да се извозат до 50 километри само на струја. Тоа ќе биде доволно за повеќето возачи да ја извозат вообичаената дневна тура само со енергијата во батеријата, без ниту грам СО2.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Возачот избира меѓу четири режими: Електричен, хибриден, погон на сите тркала и спортски. Батеријата е вградена под задната клупа и не одзема простор од кабината или од багажникот. Полнењето на домашен полнач од 7,4 kW трае околу 1 час и 50 минути. Со посебна претплата се добива пристап до мрежа од преку 85.000 станици со полначи во Европа.

За посилен ефект на повратокот на енергијата при сопирањето, може да се избере „Regeneration on Demand.“ Во тој случај, електромоторот постигнува толку силен ефект на сопирање, што во најголемиот број случаи нема потреба од притискање на педалот за сопирање. Hybrid4 поседува електричен компресор за климата и електрично греење на кабината.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Новиот Grandland X Hybrid4 е предводник на цело семејство модели на Opel со електрифицирана погонска спрега. Покрај Ampera-e, која уште е достапна на одредени пазари, во следните 20 месеци ќе следат новата генерација на Corsa, Zafira Life, Vivaro и наследникот на Mokka X – сите во изведба со погон само на струја.

Opel Grandland X со специјална понуда за македонскиот пазар

Opel Combo со погон 4×4 по специјална нарачка

По 26 години: Последната Opel Corsa од германска продукција

Opel во Русија, Peugeot во Северна Америка, Citroen во Индија

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Renault EZ-Pod: Кога одењето пеш ќе излезе од мода

Британски What Car со список на најиздржливи и најрасипливи модели