за

Opel Combo Life: Разумната алтернатива за СУВ

Opel Combo Life

Пазарот повторно ги засакува мултинаменските возила, што се должи на пониските цени во споредба со СУВ-моделите, а при неспоредливо поголема практичност. Opel Combo го започнува новиот бран во овој сегмент

Кога ќе се каже мултинаменско комбе, тоа не звучи како автомобил на когошто сопственикот може да биде особено горд. Многу поубаво звучи СУВ, на пример. Или ван. Но, тоа им пречи на се помалку купувачи, затоа што продажбата на овие мултинаменски комбиња или кусо МПВ во последните години расте со пристојно темпо.

Растечката популарност на МПВ-моделите се случува по освестувањето на купувачите од СУВ-бумот, откако сватија дека производителите им продаваат само празен простор – многу скапо

Тие се новите „семејни ванови“, или уште поверно, пазарот повторно ги засакува овие автомобили, како во времето на првите Peugeot Partner и Citroen Berlingo. Причина за растечката популарност на МПВ-моделите е тоа што купувачите постепено се свестуваат од СУВ-бумот и откако ќе ја направат домашната математика сваќаат дека производителите им продаваат само празен простор, по многу скапа цена. Мултинаменските возила – како што логично укажува и името на нивната сорта – нудат повеќе простор отколку нашминканите СУВ-модели и се многу попрактични. За сето тоа што го нудат, потребно е да се додаде речиси минимална доплата.

Opel Combo Life, Combo Cargo 4

Недостатокот во претходните генерации обично беше во тоа што овие комби-модели со повишен покрив користеа основа од товарни возила или некоја чудна комбинација во подвозјето и погонската спрега. Тоа се смени, затоа што новите МПВ-модели се изработуваат на чиста „лимузинска“ основа. Кругот на новата генерација го стартуваше Opel Combo, кој може подеднакво добро да послужи и како Peugeot Rifter или Citroen Berlingo. Сите три модели имаат идентична техника и каросерија, разликите се повеќе од козметички тип.

Изборот на марката се сведува на тоа колку добро ја имаат извежбано техниката на смешкање во продажните салони на одделните марки

Во салоните на Opel ќе кажат дека традицијата на марката со овој вид возила датира уште од 1986 година и од Kadett Combo. Денешната генерација е петтата. Без разлика што Combo сосем пристојно ќе функционира и како работно возило, особено во неговата товарна изведба, овој автомобил е уште подобар како семејно возило со додадена вредност. Постои обична верзија од 4,40 метри и XL-верзија од 4,75 метри.

Opel Combo Life, Combo Cargo 2

Во основната изведба Selection за поголемите европски пазари следуваат напредни системи за асистенција, како стандард, вклучувајќи предупредување при опасност од судир со автоматско запирање и препознавање пешак на пат. Постои и систем за следење лента, помош при поаѓање на нагорнина – што е мошне корисна ставка и од психолошкиот аспект, кога со толку „големо и тешко возило“ се поаѓа угоре – интелигентен темпомат, препознавање замор и камера за сообраќајни знаци.

Моторот, опремата и украсите не менуваат многу, основниот квалитет на МПВ-концептот го поседува и најевтината моделска изведба

Вкупно стојат на располагање 19 системи за асистенција, со што Combo избива на врвот во својот сегмент. Во арсеналот спаѓа и новиот вид заштита на праговите, којашто користи 12 сензори и предупредува од странични пречки, но само доколку се вози побавно од 10 km/h.

Opel Combo Life, Combo Cargo 5

Понудата од погонски единици во почетокот се состои од 1,5-литарски дизел, во верзии со 78, 102 и 130 КС, како и од 1,2-литарски бензинец на PSA, кој од своите три цилиндри извлекува 110 КС. Најсилниот дизел може да се комбинира и со осумстепен автоматик.

Combo Life – како што официјално се води патничката изведба, наспроти товарниот Combo Cargo – со своите 1,84 метар висина сé уште успева да забрза за 11,4 секунди до темпо 100 со дизелот од 130 КС или да постигне крајна брзина од 185 km/h.

Opel Combo Life, Combo Cargo 6

Кој сака да додаде малку луксуз, може да избере ставки од видот на панорамски покрив со амбиентално осветлување, кој чини 1.090 евра во германскиот ценовник.

Во истиот ценовник, Combo Life стартува од 19.995 евра, за верзијата со 1,2-литарскиот турбо бензинец со 110 КС и шестстепен мануелен менувач. Крајот на ценовникот му припаѓа на Combo со 1,5-литарски дизел, 130 КС и опрема Innovation, за 31.550 евра.

Верзијата Combo Cargo ќе биде претставена на 19-ти септември, на товарното издание на салонот ИАА во Хановер. Тој нуди товарен простор меѓу 3,9 и 4,4 метри кубни, а собира и две европалети. Носивоста изнесува еден тон. Посебен индикатор назад предупредува кога возилото е преоптоварено. Изолацијата на кабината во основа не се разликува од Combo Life, така што и возачите на оваа верзија ќе бидат сосем задоволни од возниот комфор.

Цените за македонскиот пазар уште не се објавени, штотуку почнува комерцијализацијата на Opel Combo на најголемите европски пазари.

[FAG id=34623]

Технички податоци · Opel Combo Life 1.5 CDTI (во заграда за XL)

Должина x Ширина x Висина (m): 4,40 (4,75) x 2,10 x 1,84
Меѓуоскино растојание (m): 2,78 (2,97)
Мотор: Дизел, 1,5 литар
Моќност 96 kW / 130 КС при 3.750/min
Вртежен момент 300 Nm при 1750/min
Крајна брзина 184 km/h
Забрзување 0 до 100 km/h: 11,4 s
Просечна потрошувачка: 4,1–4,5 L (според WLTP)
Емисија на CO2: 108–118 g/km (Euro 6 d-Temp)
Празно возило / Носивост: min. 1473 kg / max. 700 kg
Багажник: 597–2126 L
Круг на вртење: 10.8 m
Основна цена (за конкретниот модел, во Германија): 29.250 евра

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

ревија на ноншалантност берлин

Берлин се подготвува за првата ревија на ноншалантност

тјунинг Carly, BMW

Тјунинг за BMW преку мобилна апликација