за

Opel Adam ги достигна првите 100.000 примероци

Opel Adam Rocks

Скептиците не беа во право кога оценија дека малечкиот Adam нема да има шанси против Mini и Fiat 500. Продажбата врви одлично, доаѓаат нова моделска верзија и нов мотор.

На Opel му се погоди идејата да понуди трендовски малечок автомобил на пазарот. Од почетокот на продажбата рано во 2013 година, Opel досега прими преку 100.000 нарачки за Adam. Голем интерес се покажува и за кросоверот Adam Rocks, за кого уште пред стартот на испораката од следниот месец се добиени 3.000 нарачки. Со воведувањето на новата верзија почнува и вградувањето на еднолитарскиот турбобензинец, се додаваат нови можности за внесување личен печат во возилото и се нуди опција за преклоплив платнен покрив SwingTop којшто го обезбедува уживањето на свеж воздух за само пет секунди. Кросоверот Adam Rocks е препознатлив по заштитните облоги во црна боја и сребрените елементи од заштитата на подвозјето.

Ѕвездата под хаубата на Adam и Adam Rocks е новиот еднолитарски бензинец со турбонатполнење и директно впрскување на горивото, комбиниран со шестстепен менувач од новата генерација. Трицилиндарецот се нуди во верзии со 90 и со 115 КС, со примерна штедливост и ниска емисија на штетни гасови.

Пуштањето на „кросовер“ верзијата може да биде и пробен балон за порадикално проширување на гамата на Adam. Трендсетерот Mini во меѓувреме е присутен во седум каросериски изведби, а италијанскиот трендсетер исто така не заостанува премногу, со класичната и кабриолет верзијата, Abarth, ванот 500L и наскоро кросоверот 500Х. За разлика од нив, Adam нема култен претходник да го гради имиџот врз него.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Новата Skoda Fabia влегува во производство кон крајот на август

Volkswagen објави старт за нарачките за Beetle Cabriolet Karmann