за

Opel ќе претстави автономни возила веќе во 2016 година

General Motors и Opel планираат да стартуваат со возила што управуваат самостојно најдоцна за две години. Моментно технологијата се тестира во Opel Insignia и Chevrolet Cruze.

На конгресот на „Интелигентни системи за транспорт“ што започна синоќа во Детроит, General Motors и Opel ја прикажуваат иднината на автономното возење и на меѓусебната комуникација меѓу возилата. Како технолошки носители се користат Opel Insignia, автоматизиран Chevrolet EN-V 2.0 и Chevrolet Cruze опремен со технологија за комуникација меѓу возилото и пешаците (Vehicle-to-Pedestrian, V2P). „GM планира да го пушти во продажба првиот автомобил со комуникација ‘возило со возило’ за околу две години. Покрај тоа би сакал да најавам дека во истиот период ќе понудиме во продажба и напредна, високо автономна технологија за возење“, изјави Мери Бара, шефицата на General Motors. Овие технологии ќе помогнат во намалување на сообраќајниот метеж, на загадувањето на животната средина, како и на незгодите во сообраќајот.

Наскоро ќе започне тестирањето со Opel Insignia, којашто е опремена со камери, лидар сензори (Light Detection And Ranging), техологија на комуникација на возило-со-возило (V2V) и возило-со инфраструктура (V2I). Во почетокот ќе се тестираат можностите за вмрежена мобилност при ниски брзини, односно во градски метеж, како и автоматизирано возење на автопат. Шесте лидар-сензори во браниците на Insignia ја скенираат светлината, со цел да ги идентификуваат објектите од секаков вид околу возилото. Камерата на покривот ги отчитува ознаките на патот и другите објекти. Техниката за комуникација на возило-со-возило и возило-со-инфраструктура е вградена во антена на покривот и ги разменува податоците со другите објекти на коишто наидува Insignia. За точно позиционирање на возилото се користат податоците од сателитската навигација. Сите собрани информации на крајот се внесуваат во технологијата „Senzor Fusion“, со чијашто помош се овозможува надгледување на просторот околу возилото во 360 степени, како и точно препознавање на објектите.

gm avtonomni vozila1

Chevrolet EN-V 2.0 (Electric Networked-Vehicle) е носител на последните достигнувања во технологијата на мрежното поврзување на возилата. По дебито на концепното возило со две тркала EN-V на Expo 2010 во Шангај, технологијата созреа за нормален автомобил, опремен со систем од камери, лидар-сензори и комуникација на возило (Vehicle-to-X, V2X), со цел да овозможи возилото со погон на струја да управува самостојно со умерена брзина, без асистенција од возачот. Малечкиот концептен автомобил ќе се тестира заедно со Opel Insignia, на тест-патеката на General Motors во Детроит.

General Motors на когресот ги прикажува и можностите на комуникација на возило-со-пешак, со технологија вградена во Chevrolet Cruze. На тест-патеката се симулира локација на којашто се изведуваат работи на патот. На локацијата се поставени кукли, коишто возачот и патниците не можат да ги видат од возилото. За возачот навреме да се предупреди дека на локацијата се движат работниците, во случајов куклите, тие носат ремен околу рачниот зглоб, за воспоставувањето на контакт со возилото што наидува. Потоа, возачот добива предупредување на проекцискиот дисплеј пред ветробранот дека има работници на местото. Оваа технологија може да се интегрира и во други подрачја, со цел да се подобри безбедноста на патиштата.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Opel Adam Rocks: Важно е да изгледа како теренец

Први фотографии од новиот Jaguar XE