за

Opel стартува со нарачки за новата Corsa

Петтата генерација на класниот бестселер Opel Corsa го почнува своето поглавје од историјата. Германските дилери ги добија и цените. Старт од 11.980 евра за верзија со три врати и бензинец со 70 КС.

„Opel ја најавува новата ѕвезда во класата“, амбициозно објавија денес од домот на марката со молњата во германскиот Риселсхајм. Амбициозноста не е без основа. Во 32 години досега и четири генерации, во целиот свет се продадоа преку 12 милиони примероци од моделот, при што само на последната генерација Corsa D отпаѓаат 2,8 милиони примероци во периодот од 2006 година. На „автомобилскиот мондијал“ во Париз, којшто се одржува од 4-ти до 19-ти октомври, премиера ќе доживее петтата генерација, Corsa E – „веднаш по завршувањето на париската модна недела“, додаваат од Opel.

Производството на новата Corsa ќе стартува кон крајот на годината во матичните фабрики во Ајзенах и Сарагоса. Засега Opel ги објави само цените за домашниот пазар, каде што Corsa E со три врати и со основниот бензинец чини 11.980 евра. Најевтиниот модел со дизел мотор чини 14.930 евра. Каросеријата со пет врати е достапна со доплата од 750 евра.

Марката со молњата ветува нови квалитети во поглед на уживањето во возењето, прецизноста и комфорот, во спој со премиум нота којашто досега беше резервирана само за возилата од повисоките класи. Ѕвезда под хаубата на Corsa E е комплетно нов трицилиндарски бензинец со зафатнина од 1,0 литар, со турбонатполнење и директно впрскувае на горивото. Новиот мотор е дел од големата офанзива на Opel, веќе ја исполува нормата Euro 6 и се одликува со исклучително ниска бучност и ниво на вибрации, споредено со конкурентите во класата, како и со директна реакција при притискање врз гасот. Трицилиндарскиот Ecotec е изработен во целост од алуминиум, поседува балансирачко вратило за компензирање на вибрациите, и достапен е во верзија со 90 и со 115 КС, по цена од 14.480 евра (со три врати), односно 15.230 евра (со пет врати). Послабата верзија ослободува вртежен момент од 170 њутнметри при само 1.800 вртежи. Според инженерите, тоа што најмногу го издвојува 1.0 Ecotec е еластичноста, односно моќното повлекување од 80 до 120 km/h во највисокиот степен на пренос. Кај верзијатасо 115 КС, ова меѓузабрзување трае само 10,4 секунди. Системот старт стоп следува во серија, а моторот ја има впишано штедливоста уште во гените. Според фабрика, просекот изнесува 4,3 литри бензин со верзијата со 90 КС и каросерија со 3 врати.

opel corsa e 2

Во понудата на мотори влегуваат и новиот 1,4-литарски турбо со 100 КС и 200 Nm, како и усовршените мотори од 1,2 и 1,4 литар со 70 и 90 КС, унапредени на Euro 6. Од дизелите во почетокот е достапен 1.3 CDTI со 75 и 95 КС, исто така чист според Euro 6. Нова генерација на турбокомпресори се грижи за поубедливо забрзување при ниски вртежи, со минимално ослободување на непријатни звуци. Системот старт стоп и тука следува како стандард. Најштедливата верзија на Corsa во почетокот на комерцијализацијата, со 95 КС, петстепен мануелен менувач и повраток на енергијата при сопирање, троши 3,2 литри дизел на сто километри и испушта само 85 g/CO2 на километар.

Новите мотори одат во комбинација со нови менувачи. Еднолитарскиот Ecotec поседува комплетно нов шестстепен мануелен менувач. Во неговиот развој се посвети најголемо внимание на намалувањето на триењето и на подобрувањето на прецизноста при ракувањето.

Идните сопственици ќе ги импресионира подеднакво и ентериерот. Во средишната конзола, со доплата, може да се ракува преку дисплеј од 18 сантиметри и да се управува со функциите на системот IntelliLink, односно апликацијата за навигација BringGo, како и со Stitcher или Тune-In. Системот е компатибилен со Apple и Android, а можно е да се користи и Siri Eyes Free. IntelliLink е достапен со доплата од 300 евра во нивото на опрема Edition. Во кабината следуваат неколку ставки од повисоките класи: Биксенонски светла со диодни дневни светла, систем за самостојно паркирање и систем за надгледување на мртвите агли. Сите овие три ставки се добиваат во пакет со доплата од 580 евра.

Помошта при поаѓање на нагорнина е составен дел од контролата на стабилноста. Со доплата може да се добие и камера за рикверц, што би чинело 295 евра. Секако дека Opel не пропушта да го понуди и својот систем од камери за читање сообраќајни знаци, како и системот за следење лента или автоматика за долго светло. Безбедносниот пакет го комплетира уред за предупредување при опасност од судир. Контролата на притисокот во гумите е пропишана како стандард и во иднина ќе ја поседуваат сите возила произведени во ЕУ.

На крајот, Opel повторно потсеќа на новото електрично сервоуправување, со нова геометрија на водењето на предната оска и нова калибрација на софтверот, со цел да се добие попрецизна повратна информација од подлогата и да се подобри стабилноста на правец и во свијоци. Со посебно копче може да се активира поголема сервоподдршка во управувањето, за нежните дамски раце да не се мачат во градскиот метеж и при паркирањето. За студените денови се нуди греење на ветробранот, воланот и на предните седишта.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Пред 30 години: Победничкиот поход на Peugeot 205 Turbo 16

Volvo против германските премиум теренци: Ова е новиот XC90