за ,

Opel со четири светски премиери во Париз

Пред публиката во Париз ќе доживеат премиера четири модели на Opel: Corsa, Adam S, Mokka со новиот 1,6 литарски дизел и Insignia и Zafira Tourer со дволитарски CDTI.
Марката со молња во маската денес ги потврди четирите премиери за најголемиот салон на автомобили во оваа година. „Четирите светски премиери се консеквентно продолжение на нашата моделска и моторна офанзива“, изјави Карл-Томас Нојман, шефот на групацијата Opel. „Со новите модели Corsa и Adam S нудиме атрактивно проширување на нашето портфолио, а со нашите мотори со висока технологија се пласираме на челото на актуелниот развој на дизели.“

Новата генерација на бестселерот доаѓа со иновативни системи за безбедност

Новата Corsa привлекува со редизајниран и прегледен ентериер и нуди одлични можности за поврзување со мобилни уреди. Системите како втората генерација на фронталната камера на Opel со читање сообраќајни знаци, автоматика за долго светло и систем за следење лента, како и контролата на растојанието и предупредувањето за судир се грижат за оптимална заштита и безбедност. За апсолутна прецизност и висок комфор се грижат цела низа мери и агрегати, меѓу кои штедливиот еднолитарски бензинец со три цилиндри и турбонатполнење, како и новото подвозје и преработеното управување. Трицилиндарскиот 1.0 Ecotec Direct Injection Tubo поставува нови стандарди кај трицилиндарските мотори и се одликува со ниско ниво на бучност и вибрации. Моторот е целосно изработен од алуминиум и постигнува моќност од 90, односно 115 КС, додека вртежниот момент изнесува 170 Nm при 1.800 вртежи. Новата Corsa ќе влезе во производство кон крајот на годинава, во фабриките во Ајзенах и Сарагоса.

Трендовски и заводливо спортски: Opel ADAM S

Последниот член во семејството на најмалечкиот модел на Opel им се обраќа на возачите што сакаат поспортско возење. Турбо моторот од 1,4 литар со 150 КС го забрзува Adam S за 8,5 секунди до сто и продолжува преку 200 km/h. Во комбинација со силниот мотор одат и специјално преработено подвозје, како и управување со подиректна реакција. Кога ќе згусти, тука се големите сопирачки дискови OPC S. Нарачките за Adam S стартуваат во ноември, испораката во почетокот на следната година.

Нови стандарди во култивираноста: Mokka 1.6 CDTI

Од почетокот на 2015 година Opel Mokka ќе вози со новиот 1.6 CDTI со 136 КС, во замена за стариот 1,7-литарски дизел. Придобивките се 6 КС и 20 Nm, при потрошувачка пониска за половина литар. Моторот е веќе познат од Astra и Zafira Tourer и ќе придонесе за задржување на продажбата на Mokka на високо ниво. Од новата генерација мотори потекнува и 2.0 CDTI, за Insignia и Zafira Tourer. Моторот со 170 КС и 400 Nm го заменува стариот дволитарски дизел со 163, односно 165 КС. Новиот дволитарец ќе стартува со испорака во почетокот на следната година.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Германија нуди бесплатен паркинг за електрични автомобили

Dacia Duster и Sandero во лимитирана серија