за

Opel комплетно се префрлува на техниката на Peugeot

opel санација

Opel ќе го објави планот за санација во четврток. Главните детали од планот се веќе познати. Најмалку четири модели се укинуваат, а преостанатите модели на германската марка ќе користат платформи од PSA.

Шефот на францускиот PSA постави јасни услови за новата марка во групацијата, Opel. Германската марка може да го задржи сегашниот број на работни места само ако биде профитабилна. Opel со децении му носеше загуба на претходниот сопственик General Motors. Првиот човек на марката, Михаел Лошелер, во четврток ќе го објави планот за санација.

За Opel повторно да стане профитабилна марка, прво ќе се скусува бројот на модели. Моделските серии што носат мала заработка се укинуваат. Тоа би можело да значи крај за електричниот автомобил Ampera-e, за малечките Adam и Karl, како и за кабриолетот Cascada. Моделите што ќе останат во понуда се префрлуваат комплетно на техника од PSA.

Најважно е да не се пропушти трендот на кросоверите

Предимство имаат моделите од сегментот на кросоверите, за коишто моментно постои голема побарувачка на пазарот. Два такви модела веќе ја користат платформата на Французите, Grandland X (Peugeot 308 SUV) и Crossland X (идниот Peugeot 2008).

Групацијата на Peugeot е силна во класата на градските автомобили. Идната Corsa е сосем извесно дека ќе ја дели платформата со следната генерација на Peugeot 208. Истото важи и за двојката Astra-308.

Слична стратегија се спроведува во концернот Volkswagen, кадешто една платформа се користи и за десетина модели од различните марки во концернот. Peugeot, Citroen, DS и Opel ќе делат иста техника, но ќе се разликуваат во дизајнот. Што се однесува до германските мотори, Таварес оценува дека тие не се доволно штедливи.

Opel добива шанса на растечките пазари, кои General Motors не му ги дозволуваше

Германската марка сепак ќе добие и нова шанса во рамките на PSA. Американците претходно не дозволуваа Opel да продава на растечките пазари. Тоа повеќе нема да биде случај. Преку заедничките набавки со PSA ќе се постигнат и поголеми заштеди, покрај синергиските ефекти што се постигнуваат со користењето на заеднички платформи за возилата.

Таварес успешно ја спроведе шок-терапијата во PSA, иако таа вклучуваше отпуштање голем број работници и затворање на една фабрика. Работните места во Opel се загарантирани до 2018 година, а потоа е неизвесно. Во секој случај, францускиот концерн повторно е профитабилен. Ефикасноста на производството во фабриките во Франција е зголемена за 50 проценти. Според Таварес, фабриките на Opel заостануваат во тој поглед.

Долго време постои неизвесност и околу развојниот центар во Риселсхајм. Според последните информации, центарот во иднина ќе прима нарачки и од надворешни партнери, како што е случај со центарот на Porsche во Вајсах.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

toyota mirai водороден погон

Toyota ќе се перчи со водород на климатската конференција на ОН

електрични автомобили - такси

Германските таксисти бараат субвенции за електрични автомобили