за

Opel конечно со наследник на Antara?

Opel Grandland X
Opis

Grandland X е третиот кросовер од германско-француската соработка, кој следува по Opel Crossland X и Peugeot 3008/5008. Преостанува уште новата генерација на Peugeot 2008. Вистински теренец што ќе ја наследи Antara и натаму отсуствува, погонот на сите тркала е резервиран за Mokka X. Многу прашања остануваат отворени, особено откако Opel се најде под покривот на PSA.

Постепено се комплетира семејството модели коишто требаше да бидат само плод од алијансата меѓу Opel и PSA, за пополнување на понудата во растечкиот сегмент на кросовери. Тоа што германската марка во меѓувреме се најде под покривот на PSA не менува ништо, кросоверите беа готови уште пред преземањето да се официјализира рано пролетоска на салонот во Женева.

Opel Grandland X

Заеднички развиените кросовери се базираат на две платформи. Едната платформа ја користат Opel Crossland X и идниот Peugeot 2008, втората е наменета за Peugeot 3008/5008 и за сега претставениот Opel Grandland X. Љубителите на германската марка што се во исчекување на вистинскиот наследник на Antara, сепак ќе мораат и натаму да се ориентираат на помалиот Mokka X – погонот на сите тркала засега е достапен единствено таму. Grandland X вози исклучиво со преден погон.

https://automedia.mk/objavi/27455

Третиот модел во семејството X на Opel пристига со каросерија што со 4,48 метри е за дваесетина сантиметри подолга од Crossland X (од Mokka исто така) и го негува истиот стил во дизајнот. Ширината е 1,84 метар, висината 1,64 метар – речиси идентично со Peugeot 3008. Сродноста е очигледна во меѓуоскиното растојание од 2,68 метри, исто како и во зафатнината на багажникот од 514 литри, за 6 литри помалку отколку во францускиот близнак. Максималниот волумен изнесува 1.652 литри.

Уделот на малечки кросовери се зголеми од 7% во 2010 година на сегашните 20%

Според Opel, големиот кросовер е спој на спортска нота и авантуристички дух, со доволно простор за багаж или за спортска опрема. Grandland X официјално ќе има премиера во септември, на салонот во Женева. Различно од првичните планови, кросоверот нема да го замени ванот Zafira, туку ќе се нуди паралелно, барем додека не се усогласат моделските политики меѓу новите сестрински марки.

Opel Grandland X

Opel продолжува со стратегијата, напредните системи за асистенција да ги направи достапни за поширок круг купувачи и во Grandland X нуди радарски темпомат со препознавање пешаци и самостојно запирање при опасност, аларм при замор на возачот, автоматско паркирање и камера со преглед во 360 степени.

Услуга за резервација на хотел или наоѓање најблизок паркинг преку OnStar

За комфорот се грижат ергономски седишта со печат од германските ортопеди, греење на воланот или отворање на багажникот преку замавнување со стопалото. Типично за Opel се достапни и бројни можности за поврзување со преносни уреди, вкучувајќи подршка за Android Auto и Apple CarPlay, како и услугите на OnStar, од типот на резервација на хотелска соба или барање најблиско паркиралиште. Мобилните телефони може да се полнат и преку индукција.

Opel Grandland X

За дополнителната тракција што се очекува од еден кросовер се грижи електронската контрола на тракцијата Grip Control, достапна како опција. Со пет модуси на располагање за возачот (нормален, снег, кал, песок, влажен пат), системот ја приспособува распределбата на сила на предната оска, дозволува одредено пролизгување кога тоа е неопходно, ја приспособува работата на автоматскиот менувач – доколку моделот располага со таков – и ја менува чувствителнста на педалот за гас.

Моторите ќе бидат преземени од сестринскиот модел Peugeot 3008

Голема загатка остануваат моторите. Кај помалиот Crossland X, сите мотори потекнуваат од Peugeot, вклучувајќи ги дизелите. Доколку и Grandland X го следи примерот од 3008, понудата ќе стартува со турбо-трицилиндарец од 1,2 литар и 130 КС, по когошто ќе следува 1,6-литарец со 165 КС. Дизелот од 1,6 литар ќе се нуди во верзија со моќност од 120 КС, додека дволитарецот ќе биде достапен со 150 и 180 КС.

Opel Grandland X

Французите веќе потврдија дека од 2019 година ќе стартуваат со плагин-хибриден погон во 3008, којшто воедно ќе донесе и погон на сите тркала во кросоверот. Неизвесно е дали хибридниот погон ќе го користи и Opel. Под знак прашање останува и евентуалната „продолжена“ верзија на Grandland X, како пандан на Peugeot 5008, со којашто понудата ќе биде заокружена со модел со седум седишта.

Цените и нивоата на опрема остануваат непознати, исто како и позиционирањето во однос на Mokka X. Во меѓувреме Opel ги објави германските цени за помалиот кросовер. Основниот модел Crossland X 1.2 Selection со 82 КС чини 16.850 евра, посилниот модел со турбонатполнење и 110 КС стартува од 20.650 евра, односно 21.100 евра во верзијата со 130 КС. Дизелот со 99 КС чини 19.300 евра. Продажбата на германскиот пазар ќе стартува во јуни, со тоа што неколку основни моделски изведби ќе бидат достапни дури во септември. За споредба, основната верзијa на Mokka X со 1,6-литарец со 115 КС на германскиот пазар чини 18.990 евра, што е за околу две илјади евра над Crossland X. Поголемиот кросовер е сосема извесно дека со цената ќе се позицонира над Mokka X.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Шангај 2017: Напредокот кај автомобилите се одвива во Кина

Венецуела ја заплени фабриката на General Motors