130
18 shares, 130 points

Француската групација PSA го купи Opel за 1,3 милијарда евра. Новиот концерн може лиценците на General Motors да ги користи уште одредено време, но потоа ќе мора да се потпира на сопствените технологии и модели. Покрај тоа, Американците ќе го задржат и развојниот центар во Торино.

Групацијата PSA ќе ја напаѓа водечката позиција на концернот Volkswagen како нов автомобилски гигант на европскиот континент. Познати се првите детали од зделката и тие укажуваат дека PSA добива голема шанса со приклучувањето на Opel, но во исто време на францускиот производител му претстои и напорна работа. Opel ќе продолжи да ги користи лиценците за производство од General Motors, но со текот на годините ќе мора своите модели и технологии да ги префрли на платформите на Французите. Тоа значи дека француско-германскиот производител ќе мора одново да развива електричен погон за своите идни модели. Електричниот Opel Ampera-e ќе се произведува уште одредено време. Opel останува и без инфо-забавните системи OnStar, коишто беа развиени првенствено за моделите на General Motors за американскиот пазар.

Ниту Opel ниту PSA не располагаат со напреден електричен погон

Иако Opel учествуваше во голема мера во развојот на Ampera-e, електричниот автомобил е во сопственост на General Motors и се произведува во фабриките во САД, заедно со сестринскиот модел Chevrolet Bolt. Од друга страна, PSA заостанува далеку во електричниот погон, за разлика од домашниот конкурент Renault, кој доминира на светскиот пазар на електрични автомобили заедно со партнерот Nissan. Актуелните Peugeot iOn и Citroen C-Zero се базираат на Mitsubishi EV и веќе се застарени. PSA имаше обид да ја електрифицира погонската спрега со комбинацијата од дизел-хибрид и погон на сите тркала, што се покажа како тотална утка. Тоа само значи дека обата концерна ќе мораат да вложат баснословни суми во развој на електричниот погон или пак да плаќаат скапи лиценци за користење туѓа технологија.

Можни ограничувања за продажба на одредени модели на Opel на светскиот пазар

Неизвесно е колку мора да се плаќаат лиценците што ќе се користат во преодниот период, а во прашање се и ограничувањата за продажба на постоечките модели на Opel на светскиот пазар. На пример, некои модели на Opel што се базираат на технологија од General Motors, веројатно нема да се продаваат на пазарот во Кина. Друг проблем е тоа што некои модели како Insignia штотуку се појавени на пазарот и ќе треба да минат уште најмалку шест до седум години додека тој се замени со нов модел развиен самостојно од PSA и Opel. Дотогаш Европејците ќе мораат да им плаќаат лиценци и да ги почитуваат спогодбите со GM.

Центарот во Торино останува во GM: Тука се развиваат дизел моторите

Со купувањето, Французите ги добиваат марките Opel и Vauxhall, шест фабрики за монтажа и производство на системски компоненти, развојниот центар во Риселсхајм и околу 40.000 вработени. Центарот за развој во Торино останува во сопственост на General Motors. Овој центар лани беше преименуван од GM Powertrain во GM Global Propulsion Systems. Околу половината од персоналот е ангажиран во развој на алтернативни погони на неколку различни локации, меѓу другото во Торино и Риселсхајм.

Овие капацитети се од голема важност за GM, затоа што тука се развиваат и дизел моторите. Во повеќе модели на американскиот концерн веќе се вградуваат дизел мотори и продажбата врви пристојно и покрај атакот врз имиџот на дизел моторите по фабрикуваната афера со Volkswagen. Губитокот на овој центар не претставува проблем за Opel, затоа што германската марка веќе вградува мотори од PSA во своите модели, како во Crossland X, којшто ја дели основата со Peugeot 3008.


Ти се допаѓа? Сподели со пријателите!

130
18 shares, 130 points
Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

0 Comments

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *