Шефот Лошелер денес го претстави планот за санација на Opel. Тој предвидува драстично скусување на моделската понуда, вклучувајќи и ограничување на бројот на мотори. Под покривот на PSA, марката може да се врати во профитабилната зона, но дали и по цена на губење на идентитетот?
Opel сто денови е под нов сопственик. Од летоска, главниот збор во Риселсхајм го имаат менацерите на францускиот PSA, односно на Peugeot, Citroen и DS. Тие наложија Opel под итно да го промени курсот. Марката е во загуба уште од 1999 година, оттогаш долгот е нараснат на преку 20 милијарди евра. Пазарниот удел во меѓувреме се смали од 9,2 на 5,2 проценти. Со заеднички напор и промислен план за спас, Opel треба да почне да заработува колку е можно поскоро.
Целта е до 2020 година да се постигне заработка од два проценти, којашто до 2026 година би се зголемила на дури шест проценти. За тоа да се постигне, шефот Михаел Лошелер, заедно со својот тим и со одобрение на PSA, денес го претстави планот за санација на марката.
Државата ќе го субвенционира работењето во скусена смена во фабриките на Opel, но работните места не се загарантирани
Главната цел на мерките е да се намалат трошоците, но без затворања на фабрики. Дел од вработените ќе работат во скусена смена, за што ќе следуваат државни субвенции, но ќе има и предвремено пензионирање, со цел да се смали работниот персонал.
Под знак на прашање е ефикасноста во работата на фабриките. Со оптимизација на производствените процеси се очекува заштеда од најмалку 700 евра по возило. Генерално, целта е Opel да работи со заработка при годишна продукција од најмалку 800.000 возила.
Трошоците за развој се скусуваат за една четвртина
Заштедата ќе се постигнува преку заеднички набавки на компоненти од добавувачите (30% заштеда), смалување на трошоците за развој (25%) и подобрување на продуктивноста (20%).
Драстично се скусува понудата од модели. Бројот на платформи ќе се смалува од сегашните девет на само две платформи. Место десет мотори, во целата моделска понуда на Opel ќе користат само четири мотори.
Под мотото „Opel станува електричен“, четири моделски серии ќе добијат електификација на погонската спрега, вклучувајќи плаг-ин хибридна верзија на Grandland X и електрична изведба на Corsa. Масовната електрификација е безусловна, затоа што Opel со постоечките модели нема да ги исполни пропишаните цели за емисија на CO2 на ЕУ до 2020 година.
Договорите со Fiat се раскинуваат, за повторно да се потпишат под PSA
Бизнисот со доставни возила ќе се проширува за 25 проценти. Opel моментно има партнерство со Fiat и Renault, и не располага со сопствено производство на доставни возила. Ова партнерство завршува, затоа што Французите имаат сопствени доставни возила во производствената програма – без оглед на фактот што Peugeot Boxer и Citroen Jumper исто така се произведуваат заедно со Fiat во заедничката фабрика во Вал ди Сангро, Италија. Развојот на возилата на Opel и натаму ќе се одвива во центарот во Риселсхајм.
PSA пред неколку години беше во слична криза. Амбициозниот шеф Карлос Таварес за кусо време го извлече претпријатието од зоната на загуба, за денес концернот повторно да постигнува солиден профит. Во 2013 година, PSA беше во минус од 2,8 проценти, додека годинава постигнува заработка од седум проценти. Заедно со Opel, францускиот концерн прерасна во втор најголем производител на автомобили во Европа, по Volkswagen.