185
28 shares, 185 points

Производителите мораат да вложуваат огромни суми за моторите во своите автомобили да ги приспособат на новите и построги норми на ЕУ. Последиците се тешки. Некои модели ќе паузираат на производствената линија додека се извршат потребните преправки, а има и голем број модели што ќе исчезнат од понудата.

Во повеќето автомобилски концерни владее задоволство по објавувањето на финансиските резултати за минатата деловна година. Продажбите достигнаа рекордни вредности, истото важи и за профитот. Но, постои голема резервираност околу тековната деловна година.

Причината за тоа е новиот циклус за мерење на потрошувачката на гориво WLTP и новите норми за издувни гасови, коишто делумно стапија на сила во минатиот септември. Новиот циклус доведе и до целосно исчезнување на одредени модели од понудата на автомобилските марки.

Volkswagen уште не ги посочува точно моделите што ќе заминат од производствените ленти, додека кај BMW е сосема извесно дека за нов M3 мора да се чека следната генерација во 2020 година

Некои модели од концернот Volkswagen нема да бидат достапни во одреден период, додека се вршат неопходните модификации. Во мај, и BMW ќе го прекине производството на некои модели. Привремениот прекин е со цел да се надминат потешкотиите при вградувањето на филтрите за ситни честички, коишто отсега се неизбежни и кај бензинските мотори со директно впрскување.

Префрлувањето на новиот циклус за мерење на потрошувачката е компицирано и влијае врз производството. Порано производителите можеа да извршат неколку ситни подобрувања во аеродинамиката во подот на возилото и да додадат неколку аеро-крилца, и новите норми ќе беа испочитувани. Но, последниве норми бараат длабоки зафати во архитектурата на моторот. Производителите се ставени на уште една мака, затоа што мораат да ги проверат сите комбинации од мотори и менувачи, како и нивните комбинации со различни нивоа на опрема.

При новите мерења на потрошувачката во реални услови на возење мора да се користат преносни системи за мерење

Во лабораториите на производителите се работи под полна пареа. Циклусот WLTP бара да се вршат тестирања и во реално возење, со цел да се измерат вистинските вредности на азотни оксиди и ситни честички. Тоа е поврзано со дополнителен ангажман и со дополнителни средства. При реалните мерења мора да се користат преносни системи за мерење на емисијата на штетни материи.

Циклусот на возење според новата норма WLTP

Новите норми не се изненадување за производителите и не се воведуваат преку ноќ. Уште во 2015 година, европската асоцијација на производители на автомобили побара од ЕУ да го одложи воведувањето на новиот циклус WLTP за три години, поради комплексноста на процесот. Иако имаа многу време на располагање, производителите веројатно очекуваа дека политиката повторно ќе им излезе во пресрет и ќе ги одложи плановите. Во моментов е „густо“ кај производителите. Прво се мерат моделските серии што се најпродавани, па дури потоа ќе се работи на помалите серии.

Филтерот за ситни честички е задолжителен и кај бензинците со директно впрскување

Од септември, филтерот за ситни честички е задолжителен и кај бензинските мотори со директно впрскување, не само кај дизелите. Тоа му направи големи проблеми на BMW. Баварците мораат кај М4 да го заменат карданското вратило од карбон со челично вратило, затоа што требаше да се најде простор за филтерот. Отсега ќе се користи челична верзија на карданското вратило, затоа што таа одзема помалку простор отколку суперлесната варијанта. Кај BMW M4 се најде решение, но не и кај M3. Легендата на сино-белата марка повеќе не се произведува. Наследникот ќе се појави дури во 2020 година.

Според аналитичарите, автомобилските концерни сами се виновни за ситуацијата во којашто се најдоа. Од друга страна, нов циклус беше потребен веќе долго време. Мерењата според NEDC се стари повеќе од 25 години и веќе одамна не ги даваа вистинските вредности за потрошувачката на гориво и за емисијата на штетни материи. Во циклусот WLTP се вози 30 минути, што е за половина подолго отколку досега.

Уште се чека фабричките податоци за потрошувачката на гориво според новите норми да почнат да се објавуваат во поголем обем и да се споредат со вистинските вредности во возачкото секојдневие

Покрај тоа, место возилото да минува 24% од времетраењето на тестирањето во место, тоа сега е скусено на 13 проценти. Соодветно е продолжена и тест-рутата, од 11 на 23 километри, додека крајната брзина е зголемена од 120 на 131 километри на час. Како краен резултат, просечната брзина на возење се зголеми од 34 на 46 километри на час, што е вредност блиска до онаа што повеќето возачи ја гледаат на патниот компјутер во нивните автомобили. Истото важи и за потрошувачката.

Правилата станаа многу построги. Повеќе не се тестира само основната варијанта од одреден модел, туку посебно се мери влијанието на секоја ставка од дополнителната опрема. Тоа не важи и за клима уредот. Организациите не можеа да постигнат заеднички договор околу одредувањето на влијанието на клима уредот врз потрошувачката на гориво, па тој остана „надвор“ од нормите, додека не се изнајде решение.

Производителите и натаму се заштитени од политиката како „бели мечки“

Индустриските гиганти сепак не го изгубија целосно третманот на „бела мечка“ од страна на политиката. Производителите добија преоден период, во когошто се дозволува емисијата на азотни оксиди да биде повисока за фактор 2,1 од фактичкиот лимит. Тоа значи дека место пропишаните 80 милиграми азотни оксиди на километар, на возилата им се дозволува вредност до 168 милиграми. Факторот ќе се намали на 1,5 во 2020 година, за една година подоцна да се укине целосно.

Причината за оваа отстапка? Дизел скандал, масовно користен софтвер од страна на повеќето производители, кој во лабораторија постигнува вредности на штетните материи што се повеќе од десетпати повисоки од оние во реално возење.

Кина укинува 553 модели поради превисока потрошувачка

До 2030 година само 10% пораст во потрошувачката на нафта

ЕУ бара за третина помалку СО2 од автомобилите до 2030 година

Малите дизели во неизвесност поради строгите еколошки норми

Нова норма ќе донесе пореални вредности на потрошувачката

Новите автомобили трошат 42% повеќе гориво од фабричката декларација


Ти се допаѓа? Сподели со пријателите!

185
28 shares, 185 points
Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

0 Comments

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *