за

Nissan X-Trail: Коцката е фрлена

Во средиштето на настапот на Nissan во Франкфурт е светската премиера на X-Trail. Моделот поставува нови стандарди во класата во поглед на техниката, штедливоста и комфорот.

За прв пат во класата на компактните спортски теренци се нудат напредни технологии, како диодни светла, новиот безбедносен систем Nissan Safety Shield, како и интегрираниот и значително подобрен систем за навигација и пристап на интернет Nissan Connect. Новата генерација на спортскиот теренец на Nissan доживува светска премиера истовремено со неговата американска верзија Rogue. Комерцијализацијата на главните пазари ќе стартува во првото тримесечие од следната година, а испораката ќе почне во јули.

Дизајнот на новиот X-Trail ги спојува мазните и стилски линии на современ кросовер со робусност на типичен спортски теренец. Грубиот и коцкаст изглед на претходникот се замени со подинамичен изглед со примеси на премиум возило. Сликата ја заокружуваат типичните дизајнерски елементи како задните светла во форма на бумеранг, повеќеделните предни светла и карактеристичната форма на задните столбови. Диодните светла се дел од сериската опрема во највисокото ниво и му даваат впечатлив настап на X-Trail во комбинација со бандажите од 19 инчи.

При развојот се внимавало на впечатокот за квалитет во кабината, исто како и за функционалноста. Задните седишта се повисоко од предните, заради подобра прегледност, задните врати се отвораат речиси под прав агол за полесен пристап, на пример при поставување детско седиште или при пристапување до опционалниот трет ред седишта. Подолгото меѓуоскино растојание и предните седишта со потесни потпирачи за грб овозможуваат повеќе простор за колена на задната клупа.

Погонот All Mode 4x4i е преземен од претходникот и нуди можност за избор на погон на две тркала, автоматски модус и постојан погон на сите тркала. Новитет се четирите електронски системи кои што ги подигнуваат комфорот и безбедноста на повисоко ниво. Два од нив се воведуваат премиерно во X-Trail: Active Ride ја приспособува амортизацијата автоматски според квалитетот на подлогата, а Active Engine Brake оди во комбинација со автоматскиот менувач Xtronic и го засилува моторното сопирање во свијоци и при силно сопирање, со цел да се скуси патот на сопирање и да се подобри контролата, како и да се постигне оптимално чувство на педалот за сопирање. Новиот X-Trail го користи и системот Active Trace Control, преземен од престижната сестра Infiniti, кој преку одделно сопирање на тркалата го спречува подуправувањето и му помага на возачот побезбедно да го совлада свијокот, особено во услови на лизгав пат.

Јапонците уште не откриваат детали околу моторите, освен податокот дека ќе се користи нова генерација на мотори развиена според принципот на даунсајсинг, со помала работна зафатнина од претходниците, но со иста моќност и намалена потрошувачка на гориво.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Најбавниот Ferrari на светот нема ниту една коњска сила

SsangYong во плус и со поголеми производствени капацитети