за

Над 10.000 нарачки за Nissan Leaf за само два месеци

nissan leaf 10000 naracki

Најпродаваниот електричен автомобил на сите времиња од октомври годинава вози во втората генерација. Досегот и моќноста на Nissan Leaf пораснаа, има и неколку вредни иновации. Пазарот веќе има стекнато доверба во семејниот компакт со погон на струја, за Leaf пристигаат повеќе нарачки отколку за некои модели со обичен погон на конкурентските марки.

Во фабриката на Nissan во Сандерленд ќе биде густо откако производителот доби над 10.000 нарачки за електричниот Nissan Leaf за само два месеци. За производствениот капацитет во британската фабрика да не изгуби чекор со огромната побарувачка на европскиот пазар, Nissan воведе систем на онлајн-резервација во земјите што се најголем пазар за моделот.

Купувачите можат да го нарачаат својот Nissan Leaf за две минути, со неколку кликнувања на интернет страницата. Потоа, најблискиот дилер контактира со клиентот и ја довршува нарачката. Принципот на „капар“ и долго чекање тука не постои. Моментно е достапна само специјалната воведна серија, којашто е поопремена и соодветно поскапа од обичната изведба. Испораките ќе стартуваат во февруари следната година.

e-Pedal во Nissan Leaf служи и за забрзување и за забавување

Во споредба со претходната генерација, новиот Nissan Leaf има за 50% зголемен досег, на 380 километри според нормите, односно околу 250 километри во реални услови. Моќноста исто така порасна за околу 40% и сега изнесува 150 КС. Семејниот компакт со погон на струја е првиот модел на јапонската марка којшто доаѓа со системот за автономно возење ProPilot и со е-Pedal, кој овозможува брзината да се контролира со само еден педал. Според производителот, возачот воопшто не мора да ја притиска сопирачката во 90% од ситуациите при возење.

По дебито на првата генерација на Leaf во 2010 година, повеќето конкуренти беа скептични околу електричниот автомобил на Nissan. Тогаш уште се негуваа надежи во иднината на моторите со внатрешно согорување. Во меѓувреме, ситуацијата се смени драстично и пазарот на електрични возила се зголеми петпати. Голем дел од конкурентите дури сега ги развиваат своите први модели со погон на струја.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

луксузна стока промет

Луксузна стока вредна 1.160 милијарди евра се продала годинава низ светот

fendt 1000 vario jubilej

И производителите на трактори имаат јубилеи за славење