за

Nissan Juke доаѓа со поцивилен изглед, но пак е одметник

Nissan Juke MkII
Nissan Juke MkII

Култот што Nissan го има изградено со моделите како GT-R или со неговата чиста спротивност Patrol, им даде храброст на дизајнерите на марката своевремено да изведат една од „најдивите“ појави на автомобилската сцена Nissan Juke. За втората генерација важи дека е поумерена. Само малку.

Кога Nissan Juke првпат се појави на сцената пред девет години, тој беше како одметник меѓу компактните СУВ-модели. Неговиот дизајн за едни беше вистински погодок, за други тотално промашување. Дизајнерите во Nissan решија да ги отфрлат сите норми и избраа изглед што се разликуваше од сé друго во сегментот. Сега е ред за втората генерација. Се забележува дека тоа е новиот модел. Nissan Juke сега изгледа многу поцивилно. Но, не премногу.

Причина за отстапката е тоа што клиентите во меѓувреме имаат неколку години повеќе, па соодветно на тоа е избран и дизајн што помалку поларизира. Каросеријата порасна во сите правци, а најмногу во должина, кадешто има плус од седум сантиметри. Во кабината може да се очекува повеќе простор, затоа што и меѓуоскиното растојание порасна за дури десет сантиметри. Тоа најмногу ќе го почувствуваат патниците на задната клупа. Просторот пред колената е подолг за 5,8 сантиметри. Одлични бројки има и багажникот, кој со 422 литри е за 20% поголем од порано. И покрај целиот овој пораст, новиот Juke е за 23 килограми полесен.

New item by Automedia MK / Google Photos

Кросовер-купето ја користи како основа платформата CMFB на концернот Renault-Nissan, истата како новите Renault Clio и Captur. Вистина е дека некои подрачја во изгледот не се толку радикални како порано, но Nissan Juke и натаму ќе се разликува од останатите компактни СУВ-модели во уличната слика. Напред отсуствуваат високо поставените светла, но и новите диодни светла со Y-графика се доволно впечатливи. Отстрана јасно се разпознава за кој модел станува збор, поради непогрешливата и добро позната силуета како на купе. За заокружување на изгледот може да се избираат бандажи со пречник до 19 инчи.

New item by Automedia MK / Google Photos

Внатрешноста исто така е темелно преработена и се одликува со подобрена прегледност во споредба со првата генерација. Во нивото на опрема N-Design се добива и впечаток на премиум модел. Квалитетни матееријали и добро усогласени бои посредуваат пријатна атмосфера, а во N-Design дополнително има и можност за внесување личен печат во одредени детали.

Само еден мотор во почетокот од продажбата; Не е исклучено малку подоцна да следи и хит-погонот на Nissan на јапонскиот пазар, е-Power

Во почетокот под хаубата ќе се нуди само 1,0-литарски трицилиндарски турбо со 117 КС. Опционално стои на располагање седумстепен менувач со двојна спојка. Изведба со електирифицирана погонска спрега засега не се спомнува, но платформата CMFB во секој случај го предвидува тоа.

New item by Automedia MK / Google Photos

Во делот на безбедноста следат вообичаените системи за асистенција, почнувајќи од самостојно запирање при опасност од судир и препознавање пешак на пат, до систем за следење лента и предупредување при наидување возило од попречен правец. Во повисоките нивоа на опрема следува и Pro-Pilot, односно радарски темпомат со самостојно одржување на брзината и растојанието, како и следење колона возила.

Целосна понуда од можности за поврзување и користење преносни уреди се подразбира во Nissan Juke, кој цели на младата публика

Преку интегриран WLAN-Hotspot може во секое време да се пристапи на интернет. Апликацијата Nissan Connect Service овозможува далечинско отклучување и заклучување на вратите, исто како и внесување цел во системот за навигација преку говорна команда.

New item by Automedia MK / Google Photos

Цените уште не се објавени. Nissan Juke ќе се појави во салоните рано во почетокот на следната година. Моментно може да се нарача таканаречена воведна серија, што станува веќе правило кај производителите. Во тој случај, Juke е достапен само во варијантата N-Design со топ опрема, во ексклузивна серија од 500 примероци за целиот европски пазар.

Најпродаван во Јапонија е … Nissan Note, по малку електричен

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

mercedes citaro hybrid bukurest

Букурешт ќе добие 130 хибридни автобуси Mercedes Citaro

рендал питмен 70 години форд

Канаѓанец 70 години го вози истиот Ford Model T