за

Nissan разви автомобил што сам се чисти

Јапонците изработија прототип на Note лакиран со нанолак што ја одбива нечистотијата. Миењето на автомобилот набрзо може да стане минато. Nissan планира да го понуди лакот и во постпродажба.

Миењето автомобил некогаш знае да биде мачно, а не е ни евтино. Како решение за овој вечен проблем, Nissan разви иновативна технологија на лак што ги одбива калта, дождот и секојдневната нечистотија, така што возачите би можеле засекогаш да заборават на миењето на автомобилот. Суперхидрофобната и олеофобна боја, што одбива вода и масло, нанесена е на Nissan Note, како прв автомобил во светот што сам се чисти. Во следните неколку месеци техничарите на Nissan во Европа ќе тестираат како бојата се однесува во секојдневни услови.

Nissan е првиот производител на автомобили во светот што ја применува технологијата Ultra-Ever Dry. Тајната е во заштитниот слој на воздух меѓу бојата и средината, кој спречува валканата вода од патот да се наталожи на каросеријата. Идејата за „работи“ што сами се чистат не е новитет кај Note. Задната камера на мини кросоверот поседува функција на „миење и сушење“. Леќите на камерата се одржуваат чисти со вода и компримиран воздух, со што се решава проблемот од кого не се поштедени ниту најлуксузните возила.

Јапонската марка засега не планира да го понуди лакот на UltraTech International во сериски модел, но се размислува тој да биде достапен во постпродажба.

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Британија повторно произведува повеќе возила

Porsche планира нов основен модел по пример на 718