за ,

Nissan развива електричен автомобил со алкохол како погонско гориво

Електричен автомобил што работи на биоетанол? Звучи контрадикторно, но станува збор за уште една од тајните технологии кои производителите ги чуваат во фиока. Оттука може да произлезе следната голема револуција во мобилноста.

Одделението за развој на Nissan во Јокохама објави дека моментно работи на таканаречена горивна ќелија со солидни оксиди, којашто користи биоетанол како погонско гориво. Во тоа е суштинската разлика меѓу стандардната горивна ќелија којашто служи како генератор на струја кај возилата со погон на водород и иновативната технологија SOFC (Solid Oxide Fuel-Cell) на Nissan. Биоетанол место водород. Генијално.

nissan sofc 00002

Покрај биоетанол, SOFC-системот може да користи и етанол или природен гас. Тоа се горива што релативно едноставно може да се понудат преку постоечката инфраструктура од станици за точење гориво низ целиот свет, доволно се чисти за животната средина и делумно може да се произведуваат на одржлива основа. Нема потреба од паралелна изградба на специјални станици за точење водород, ниту пак за скапата и енергетски интензивна електролиза за индустриско добивање на водород.

Реакцијата меѓу етанолот и кислородот произведува струја за електромоторот

Nissan за првпат ја применува оваа техологија во автомобил. Во SOFC генераторот се одвива хемиска реакција на „горивото“, конкретно етанолот, со атмосферскиот кислород, при што настанува електрична струја, а таа пак ги напојува електромоторите во возилото. Суштината е во тоа што водородот што е неопходен за хемиската реакција во горивната ќелија, не се испорачува во чиста состојба во погонот, туку се „извлекува“ од биоетанолот по пат на реформер.

Техничарите на Nissan ветуваат досег од преку 600 километри, што не заостанува зад возилата со конвенционален погон, а притоа ги има сите предности на електричниот погон, односно тивка работа, рамномерно ослободување на моќта и силно повлекување.

Биоетанолот се произведува од шеќерна трска и пченка и широко е достапен во земјите во Северна и Јужна Америка, како и во Азија. Горивото може да се произведува локално, што значи се избегнува увоз, а се поттикнува и економијата, притоа задржувајќи ја постоечката мрежа од станици за точење гориво. Оперативните трошоци би достигнувале ниво на денешните електрични автомобили.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Триесет автобуси со погон на метан во словенската престолнина

Произведен првиот примерок од C-Class Cabriolet во Бремен