за

Nissan инвестира во поголема фабрика за Juke и Qashqai во Британија

Со 362.000 метри квадратни, фабриката на Nissan во Сандерленд покрива површина колку 50 фудбалски игралишта

Јапонската марка инвестира 52 милиони евра во проширување на фабриката во британскиот Сандерленд, каде што се произведуваат популарните Juke, Qashqai и електричниот Leaf. Наскоро стартуваат и моделите на Infiniti.

Близу три милиони примероци од кросоверите на Nissan досега се произведени во фабриката на Nissan во Сандерленд. На тоа се надоврзуваат и 33.000 примероци од електричниот Nissan Leaf, најпродаваниот електричен автомобил во светот. Заради задоволување на потребите на пазарот, но и заради претстојниот старт на производството на новите компакти на Infiniti, јапонската марка инвестира 52 милиони евра во проширување на погоните.

Подготовка за производствениот старт на компактните модели на Infiniti

Најголемиот дел од инвестицијата оди за осмата линија за пресување во фабриката, којашто ќе биде најголема во алијансата Renault-Nissan. Пресата создава притисок до 5.200 тони и на неа ќе се изработуваат каросериските делови за моделите на Nissan, но и за обата нови модела на престижната подмарка Infiniti, за компактите Q30 и QX30, развиени врз платформа на класата A на партнерот Mercedes. Пред почетокот на изградбата на осмата преса, тешка 2.500 тони и висока 10,5 метри, следуваат обемни подготвовки, вклучувајќи ископ на земја длабок 6,5 метри.

Фабриката во Сандерленд се вбројува меѓу најуспешните и најпродуктивни погони во Велика Британија. Тука се произведуваат електричниот Nissan Leaf, како и кросоверите Juke, Juke Nismo и Qashqai. Во предминатата есен во Сандерленд се произведе двомилионитиот примерок од Qashqai, неполни осум години по стартот на производството. Никој друг модел произведен во Велика Британија претходно не успеал да ја достигне оваа бројка за толку кус период. Во текот на оваа година во Сандерленд ќе започне и производството на компактот Q30, којшто ја користи техниката на класата A на Mercedes. Nissan претходно најави дека ќе инвестира вкупно 1,4 милијарда евра во британската фабрика.

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Alfa Romeo Giulia: Со гени на Maserati против BMW и Jaguar

Пикап од Dacia Duster и спортско Sandero со 145 КС на салонот во Бразил