По месечна рата од неполни 200 евра, британските возачи што ја препознаваат предноста на електричниот погон можат да станат сопственици на користен Nissan Leaf, вклучувајќи едногодишна гаранција, бесплатен домашен полнач и право на бесплатно користење „обичен“ автомобил до 14 денови во годината.
Британскиот огранок на Nissan настапува со привлечна понуда за возачите што се интересираат за електричниот погон. Nissan Leaf, којшто се произведува во локалната фабрика во Сандерленд, достапен е како користено возило, со дилерски депозит од 1.000 фунти или 1.120 евра и по месечна рата од 175 фунти или помалку од 200 евра.
Од лансирањето на Nissan Leaf на британскиот пазар во 2011 година, моделот прерасна во најпродаван автомобил со погон на струја. Овие возила сега се појавуваат во сé поголем број на пазарот на користени автомобили, со што електричниот погон станува достапен за многу поширок круг купувачи.
Електричен автомобил за 8.000 евра заедно со сите привилегии за користење
Тоа што купувачите ги привлекува кај користените примероци од Nissan Leaf се ниските трошоци за одржување и четирипати пониските оперативни трошоци, односно сметката за струја за полнење на батериите, наспроти сметка за гориво. Користен Nissan Leaf со батериски пакет со капацитет од 24 киловатчасови, на британскиот пазар е достапен на кредит во период од три години и 3,9 проценти годишна камата, со 1.000 фунти депозит и рата во висина од 175 фунти – тоа значи дека идните сопственици за три години ќе платат околу 7.300 фунти или 8.200 евра.
За возилата важи гарантен период од една година, бесплатно се добива и домашен полнач за струја, кој во продажба чини 390 фунти, како и гаранција за квалитетот на батериите, бесплатно користење на јавните полначи за струја, помош на патот и бесплатно 14-дневно користење автомобил со бензински или дизел мотор во текот на годината, во првите три години.