за

Niro ја стартува офанзивата на хибридни модели на Kia

Клучниот модел во проширувањето на понудата од модели со хибриден погон на Kia доживеа премиера денес на салонот во Чикаго. Кросоверот Niro ќе има европско деби во Женева, а наесен стартува и продажбата.

Производителите прво се колебаа да го применат хибридниот погон на пионерот Toyota, а потоа и да изведат модели што се „специјализирани“ за него, како Prius. Во меѓувреме, хибридот прерасна во „новиот дизел“ на автомобилската бранша, но и концептот со уникатен модел што се нуди само со хибриден модел почнува да наидува на примена кај конкурентите. Kia има план во следните години да изгради богата понуда од модели со и за хибридниот погон. На салонот во Чикаго денес доживеа премиера новиот кросовер Niro, како независен модел којшто ќе се нуди само со хибриден погон.

kia niro 006Тоа што Niro има да го понуди дополнително покрај штедливиот погон е просторност, практичност и нормален дизајн што не укажува од километар дека се работи за хибрид. Кросоверот е прв модел изработен врз новата платформа на Kia наменета за сите идни модели со „електрифицирана“ погонската спрега и чијшто број корејскиот производител планира да го зголеми тројно до 2020 година. Моментно, покрај Niro, Kia ги нуди уште електричниот Soul и хибридната Optima.

Изгледот на моделот е заедничко дело на американските и корејските дизајнери на марката и покрај тоа што се одликува со симпатична и карактеристична појава за Kia, каросеријата располага и со пристојна аеродинамика, со коефициент 0,29. Меѓуоскиното растојание изнесува 2,70 метри и претставува основа за солидната просторна понуда во кабината што ја ветува производителот. Батериите се поставени под задната клупа, со што не се одзема ниту големината ниту практичноста на багажникот.

kia niro 007Освен возен комфор и практичност, Niro ќе понуди и пријатна акустична кулиса, благодарение на темелната изолација и грижливо изведената конструкција. Челик со висока цврстина се користи за 53 проценти од каросериската структура, заради олеснување на конструкцијата и зголемување на цврстината. Во истата насока оди и примената на алуминиум за хаубата и задниот капак, како и делови од подвозјето. Дури и класичниот 12-волтен акумулатор е заменет со полесен со литиум-јонска технологија.

Погонската спрега се состои од 1,6-литарски турбо бензинец со директно впрскување, кој работи според штедливиот еткинсонов принцип, со моќност од 103 КС, во комбинација со електромотор со 43 КС, што дава системска моќност од 146 КС. Силата се пренесува преку шестстепен менувач со двојна спојка, што е голема придобивка за возачкото задоволство, наспроти вообичаените менувачи CVT кај конкуренцијата. Основа на целиот систем е литиум-јонската батерија со капацитет од 1,56 киловатчас, сместена под задната клупа.

Системите за асистенција се веќе неизоставни од новите генерации модели, па така и Kia Niro поседува активен темпомат, систем за следење лента, надгледување на мртвите агли на каросеријата или самостојно запирање во случај на опасност од судир. Хибридниот систем се повикува на информациите што ги добива преку навигацијата и на возачот му помага да заштеди гориво преку совети. Техничките податоци и обемот на опрема за европскиот пазар ќе бидат познати по премиерата во Женева.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Бугарска фотографка ги претвора возилата во „Урбани инсекти“

Ако мора да биде комби, нека биде Volvo