Други тестови

Електро-монструмот Nio EP9 на тест на Auto Bild

Хиперспортскиот автомобил со електричен погон Nio EP9 предизвика сензација кога во мај годинава ја мина целната линија на Нирбургринг за 6 минути и 45,9 секунди. Не постои друг сериски автомобил што таканаречениот Северен Јазол го вози за покусо време. Nio само условно се води како сериски автомобил. Бројот на возила што ќе се изработат се брои на прсти.

Магазинот Auto Bild не ја пропушти шансата да се увери во способностите на Nio EP9. Само неколку денови по рекордерското возење во Зелениот пекол, Германците дојдоа на ред да го потераат електромобилот со монструмска моќ по патеката Бедфорд, во Велика Британија. Овој автодром инаку е во сопственост на поранешниот возач во формула 1, Џонатан Палмер. Auto Bild немаше цел да урива рекорди, туку само да „провери“.

Електричниот монструм Nio EP9 буквално го турна Lamborghini Huracan од тронот на Нирбургринг

Ангажманот му припадна на Георг Кахер, кој со своите 2,04 метри е највисокиот член на редакцијата. Оттаму и не зачудува неговиот прв впечаток: „Нема многу простор во тесната пилотска кабина.“ Безмалку целата каросерија е изработена од карбон, а возачот го држи безбедносен ремен на четири точки.

Nio EP9 rekord nirburgring 5954

Кахер опишува дека праговите се широки колку банкина, а ветробранот е заоблен како на борбен ловец. Преку радио-врската пристигаат совети: „Не ги врти трите копчиња во средишната конзола и не го менувај модусот на батериите. А, зошто и би го сторил тоа?“

Електро-болидот произведува еден мегават, односно 1.360 КС, додека вртежниот момент достига 1.480 њутнметри. Спринтот до сто трае 2,9 секунди, до 200 km/h се стасува за 7,1 секунди. Крајната брзина е ограничена со преносниот однос и изнесува 313 km/h.

Нема шанси за спротивставување на центрифугалните сили

Во стил својствен за него, уредникот на Auto Bild опишува како изгледа кога овие бројки ќе се преточат во реалност, прво од совозачкото седиште: „Додека малиот и големиот мозок си разменуваат по неколку боксови во првата лева-десна комбинација, рбетот несакајќи се претвора во амортизер. Нема воздух угоре, нема поштеда оздола, нема шанси против центрифугалните сили.“

Nio EP9 rekord nirburgring 1954

Дисплејот го документира тоа. Попречно забрзување 2,21 g, забавување 8,2 m/s2, 239 km/h. Кога бројките позеленуваат, тоа значи дека е постигнато ново најдобро време. Вака изгледа процедурата на седнување зад воланот: „Крилестата врата нагоре, задникот на праг, колената навнатре и надесно, потпирање на седиштето и оригами-мангата повторно добива човечки форми. Бидејќи зад воланот има уште помалку простор, седнувањето успева дури од втор обид.“

Крајната положба го потсеќа уредникот на Auto Bild на проба за силно сопирање на воден тобоган. „Торзото е згрчено во поза на лажица, главата и вратот се центрирани бездушно, свиените колена се тријат и гребат од долниот раб на арматурната табла.“

Моќноста во првиот модус е ограничена на 270 киловати

Кахер се подготвува за поаѓање, со моќност на електромоторот под 777 волти фиксирана на 270 киловати во првиот модус, со сопирачка притисната до крај и со повлекување на десната рачка зад воланот. „Прво тресе и тропа, па зуи и шишти, па фантомските барабанџии ги претвораат поткрилата во резонирачки комори преоптоварени со бас. Делот на високотонците го преземаат електромоторите коишто стануваат сé погласни.“

Nio EP9 rekord nirburgring 6954

По два електромотора се вградени напред и назад, командувани од безстепени менувачи. Интелигентна електроника раководи прецизно со дозирањето на моќноста на електромоторите и ја врши функцијата на тоа што во старите времиња беше задача на механичките блокади на диференцијалите. Нема степени на пренос, ниту спортска програма.

Следната фаза од тестот на Auto Bild е префрлување во вториот модус, со 380 киловати. „Притискањето врз гасот предизвикува вистински земјотреси од забрзување какви што се својствени за суперспортските автомобили, додека забавувањето го компримира крвотокот со 3,3 g, дури и без воздушна сопирачка.“

Nio EP9 дозволува странично забрзување до 2,5 g, за што придонесуваат и специјалните гуми од Avon со димензија 320/705 R 19. Амортизацијата според Кахер речиси и не постои, климатизацијата е само од струењето на ветрот, додека прегледноста има квалитети на случаен генератор.

Заклучокот е во истиот стил. „Возењето на свежо печениот рекордер на Северниот јазол по тркачка патека е исто како да се јава топовско ѓуле. Тоа што станува збор за електричен автомобил, прави возбудата да биде уште поголема.“

Ознаки
loading...

Слични објави

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Откриен е Adblock

Ќе ни помогнете доколку ја исклучите вашиата блокада за реклами