Ники Лауда почина, не е само автомобилскиот свет тој што ја чувствува загубата. Австриецот остави важно поглавје во историјата на формула 1, неговото име уште долго ќе се спомнува. Тоа важи и кога ќе се присеќаме на неговите најпознати изјави и коментари.
Австриската легенда во формула 1 почина во понеделникот на Универзитетската клиника во Цирих. По тешката незгода на Нирбургринг во 1970 година, Ники Лауда постојано се соочуваше со здравствени потешкотии. Во август лани му беше извршена трансплантација на бели дробови, откако неговото здравје драматично се влоши поради воспаление на дишните органи. Ники Лауда беше познат по тоа што немаше влакна на јазикот.
За прославата по освојувањето на титулата во 1975 година
„Уште во следниот ден се вратив на тестирање и размислував што можам да направам подобро во иднина – инаку не можеш да напредуваш во животот.“
Меѓутоа, и Лауда умееше да се развесели. За Кими Раиконен и за неговата навика да посегнува по чашката, тој своевремено коментираше: „Кими сака повремено да се напие. Но, порано и ние се опивавме по секоја трка.“
За пожарот при незгодата во 1976 година
„Формула 1 во тоа време ја сочинуваа херои, кои победуваа, и оние другите, кои доживуваа незгода. Јас бев прв што ги искусив двете работи одеднаш.“
За неговото изгорено лице
„Постојат голем број луѓе кои природно се погрди од мене. Јас барем можам да кажам како извинување: Имав незгода.“
„Во мојата професија живеам само од десното стопало и поради тоа ми е сеедно како изгледам.“
За подарената титула во 1976 година
„Не сакав повеќе, не можев повеќе. Камбекот ме чинеше многу енергија и многу емоции.“
„Животот е поважен од титулата на светски првак. Не сакав да се убијам, барем не вторпат…“
За првото повлекување при канадското гран-при во 1979 година
„Ми здодеа постојано да се возам во круг“
За првата незгода по камбекот во 1982 година
„Ги затворив очите и по цела вечност сакав да излезам, но забележав дека ‘мекларенот’ уште вози. По две и пол години сум заборавил колку долго всушност трае една незгода. По тоа се гледа дека повторно сум во форма.“
По последната победа во Зандворт во 1985 година
„Беше неверојатно тешко, но имав и неверојатна среќа. Денес никогаш не би го пуштил Прост да ме престигне. Тој би морал да ме убие за да победи!“
За формула 1
„Овој малечок свет на циркуските мајмуни.“
За животот како возач во формула 1
„Моравме да се помириме со тоа, дека утре можеби нема да постоиме повеќе. Живеевме побрзо. Поинтензивно.“
„Тркачите се егоистични свињи, кои пробуваат сé за да победат.“
„Целиот живот ми беше како игра. Секогаш влегував во ризик, не ми се потребни игри на среќа.“
За тактичкото возење во трка
„Кога ќе се присетам, во целата моја кариера подарував 20 места уште во првиот свијок – сепак, се исплатеше.“
За неговите деца
„Ако сакаат да станат тркачи, ќе добијат шамар. Премногу е опасно и премала е шансата за пробив.“ Матијас Лауда сепак стана тркач и во јуни ќе вози за Aston Martin на 24 часа Леман.
За неговите навики за спиење
„Потребни ми се девет часови сон. Ако сум уморен и погрешам, може да загинам.“
За возачките плати во формула 1
„При денешните плати на возачите, како Американец веројатно би ја тужел мајка ми, затоа што ме родила прерано.“
На германскиот канал RTL, денес во 21.55 часот се емитува филмот „Rush“, за ривалството меѓу Ники Лауда и Џејмс Хант