159
21 shares, 159 points

Пазарната статистика за јуни го потврдува Volkswagen Golf како најпродаван модел во Европа. Новата Toyota Corolla е само на чекор пред Топ 20, Ford Focus напредуваше за повеќе од 20 проценти.

Golf прв, Clio втор, Captur трет, Polo четврт. Навидум не се менува ситуацијата на врвот на европскиот пазар. Сепак се случуваат и радикални промени. Некогашниот европски миленик, дизел моторот, во меѓувреме ужива популарност само кај 31% од купувачите. Во јуни, 36% од возачите се одлучувале за дизел. На сметка на тоа напредуваат бензинците, чијшто удел се зголемил од 57% во јуни 2018 на сегашните 60 проценти. Хибридите и „батериските“ возила имаат само 7,5 проценти од пазарот во јуни, но растот кај нив е многу поголем, споредено со 5,7% удел во истиот месец лани. Повеќе за хибридите објавивме во посебна статија.

Повторно станува интересно во моделската трка. Во класичната Топ 5 недостига единствено Ford Fiesta, но и таа е блиску на 8-то место. Крајот на годината ќе покаже дали поголемиот и соодветно поскап Focus можеби ѝ ги одзема купувачите на Fiesta. Компактот од Келн има најголем напредок (+21,7%) во европскиот Топ 25, ако се изземат Toyota Corolla, којашто по долго време се појавува повторно меѓу водечките модели во продажните статистики, дури и пред Renault Megane, како и Mercedes A-Class (+42,0%), кој моментно е четврти најпродаван компакт во Европа, по Golf, Focus и Octavia.

Вкупно новорегистрирани автомобили во Европа во јуни 2019

New photo by Automedia MK / Google Photos

Само осум модели меѓу Топ 25 постигнале раст во продажбата во првиот летен месец: Renault Captur, Dacia Sandero, Dacia Duster, Ford Focus, Volkswagen T-Roc, Fiat Panda, Mercedes A-Class и Toyota Corolla. Оттаму не е изненадување тоа што целиот европски пазар во јуни регистрирал 1,49 милион нови патнички автомобили или 7,9% помалку од истиот месец лани. Меѓу аналитичарите, тоа се толкува со неизвесноста околу дизелот, односно купувачите чекаат уште извесно време додека донесат конечна одлука. Од друга страна, бројни модели беа недостапни во првите шест месеци, поради хомологирањето според новата норма WLTP.

Сооднос меѓу видовите гориво и преглед на најпродаваните модели со електрифицирана погонска спрега

New photo by Automedia MK / Google Photos

Забавување се јавува токму во сегментот што со години им носи огромен раст на производителите, кај СУВ-моделите. Во сегментот на премиум моделите има пад од 5%, главно поради послабата продажба на Mercedes (поради смените на три моделски генерации), Volvo и Land Rover. Повеќето марки во големоволуменскиот сегмент постигнаа пораст, меѓу кои Seat (+37%), Dacia (+21%) и Volkswagen (+19%), меѓутоа билансот го расипуваат трите најпопуларни модели, Nissan Qashqai, Volkswagen Tiguan и Peugeot 3008, кој има пад од 18 проценти.

Пазарен удел на одделните сегменти

New photo by Automedia MK / Google Photos

Некои производители имаат историско достигнување. Tesla постигна најголемо зголемување на пазарниот удел од сите марки, со 14.106 возила во јуни, наспроти 4.043 возила во истиот месец во 2018 година. Уште повеќе, Model 3 е најпродавана премиум лимузина во Европа во јуни, а тоа ѝ донесе на марката трикратен раст во првото полугодие.

Друга марка со најголем скок е Toyota. Новата Corolla ги надминува и најоптимистичките предвидувања (во Македонија за три месеци од стартот се испорачани 82 возила, уште десетина чекаат за испорака), но тоа што го потврдува успехот на Јапонците е продажбата на RAV4, кој е меѓу 10-те најпродавани СУВ-модели. По традиција, Toyota и Lexus држат 72% од пазарот на хибридни возила.

Добра јунска продажба имаше и Volkswagen T-Cross, кој се најде меѓу Топ 50, со 11.058 продадени возила. Германците имаат силен играч и во T-Roc, кој во меѓувреме го престигна Qashqai.

Најпродавани 25 марки и модели на европскиот пазар во јуни 2019

New photo by Automedia MK / Google Photos

Продажба на автомобили по одделни европски држави во јуни 2019

New photo by Automedia MK / Google Photos

 


Ти се допаѓа? Сподели со пријателите!

159
21 shares, 159 points
Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

0 Comments

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *