157
30 shares, 157 points

Дефектите и конструкциските грешки не ги избираат класите. Од нив се погодени сите автомобили, од најмалите до најголемите. Во овој Топ 10 се моделите кои е подобро да се заобиколат при барањето на најдобриот избор на користено возило. Значи, повеќе анти-топ 10 отколку топ 10.

Возењето автомобил не мора да биде толку едноставно и здодевно. Добро е некогаш да се внесе малку возбуда, да проработат нервите. Но, автомобилите во овој Топ 10 не го разбиваат секојдневието со темпераментни мотори и стегнати подвозја, туку со опасноста возењето да престане во секој момент, поради дефект.

Овие десет модели имаат вградено самоуништувачки механизам во сериската опрема. Колку што се разновидни во формата на каросеријата, стилот, цената на ново и класата, овие автомобили се разновидни и во репертоарот од можни дефекти. Тие досегаат од корозија и протекување масло од моторот, до избиени зглобови од системот за управување или збудалена електрика.

Со овие возила се стекнуваат многу пријатели. Тоа се влечните служби, мајсторите во сервисните работилници, службите за помош на пат, а на крајот и сопствениците на авто-отпадите.

Статистиката на ТУВ отсекогаш важела како основен инструмент и пресуден критериум при изборот на користено возило

Десетте модели го заслужија своето место во овој неславен топ 10 врз основа на статистиката што ја води познатиот ТУВ, германскиот мулти-специјалист, кој се грижи сета техника што е во оптек, да биде проверена – особено автомобилите. Во статистиката влегуваат дефектите што контролорите ги утврдиле при редовниот технички преглед на возилата.

Токму слабите резултати во статистиката на ТУВ – кои медиумите што си ја почитуваат публиката не се двоумат да ги објават – се причина зошто автомобилите од овој Топ 10 обично се поевтини на пазарот на користени возила

Купувачите што се добро информирани за слабостите и предностите на автомобилите кои се нудат на пазарот на користени возила, обично ги прескокнуваат моделите од овој анти-топ 10 и бегаат од нив како од чума. Искусниот купувач на користен автомобил знае дека некогаш треба да се плати повеќе, за модел кој котира добро кај ТУВ и нема фабрички пропусти, отколку за поевтино да купат автомобил, што ќе се распадне уште наредниот ден. Голема е веројатноста, дека отстранувањето на сите дефекти кои се вешто прикрпени или подло премолчени, ќе чини повеќе отколку самиот автомобил.

Volkswagen Sharan (Тип 7М, од 1995 година)

volkswagen sharan i

Просторноста му е силна страна на Sharan, меѓутоа неквалитетната изработка го уништува расположението. Тоа важи особено за моделите што се произведени пред 2000-та година. Старите проблеми сепак останаа: AGR-вентили потонати во гареж, чувствителни пумпи за масло кај 2.0 TDI, дефекти на турбокомпресор кај TDI, заглавени контакт брави, поплавени кутии со осигурувачи и пропуштање од цилиндар на спојка.

Новата генерација од 2010 година напредуваше, но не секаде. Вентилите за рециркулацијата на издувните гасови и натаму „потонуваат“ под дебел слој гареж. Често се појавуваат дефекти и на анласерот. Volkswagen имаше сервисен повик за целата моделска серија, поради собирањето вода меѓу двојните заптивки на вратите. Добро е да се провери и задниот капак, кадешто често се јавува корозија.

Chevrolet Captiva (Од 2006 до 2014 година)

chevrolet captiva

Captiva е развиена уште во времето на Daewoo и тоа се забележува насекаде. Со должината од 4,65 метри и со робусната силуета, корејскиот СУВ однадвор остава впечаток дека нуди многу простор, но внатре се доживува спротивното. Во кабината на овој Chevrolet има помалку простор отколку кај конкуренцијата.

Споните се издржливи и не се јавува корозија во подот. Тоа се единствените позитивни својства. Дефектите на пружините, амортизерите, погонските оски и водилките на тркалата, исто како и на целиот систем за управување, неколкупати се почести отколку кај повеќето возила во сегментот. Покрај тоа, има проблеми и со насоченоста на светлата, како и со честото прегорување на светилките на задните светла и трепкачите.

Сопирачките исто така не се прославени. Паркирната сопирачка почесто не работи, отколку што работи, водовите кородираат веќе по пет години, а во исто време почнува да протекува и од системот за сопирање, поради порозните црева.

Животната средина не е најсреќна со Captiva. Издувот подлежи на дефект двапати повеќе од просекот, што е речиси рекорд. Згора на тоа, протекува и масло од моторот. Списокот на дефекти не завршува тука: Кородиран заден капак, истрошени лежишта на тркалата, па дури и шанса за дефект на моторот. Последново се однесува на постарите дизели и на четирицилиндарските бензинци. Наспроти тоа, шестцилиндарскиот бензинец има проблем со синџирот. Дали е подобро да се избере мануелен или автоматски менувач? Исто е, двата се расипуваат често.

Chevrolet Matiz (Од 2005 до 2010 година)

chevrolet matiz

Chevrolet Matiz своевремено беше мошне честа појава по нашите улици. Покрај неговиот симпатичен изглед, супериорноста во пронаоѓањето паркинг или лесната пробивност низ градскиот метеж, ретко кој помислуваше на слабостите на Matiz, алијас Spark. Четворица патници се сместуваат без проблем, па дури и амортизацијата е пристојна за класата.

Сега и за проблемите: Оските се нежни, проблемите во управувањето се чести, корозијата е реалност кај постарите годишта. Прегорени светилки и погрешно насочување на светлосниот сноп се стандарден репертоар – со исклучок на трепкачите.

Посериозен проблем е слабото дејство на сопирачките. На тоа се надоврзуваат и самоволна паркирна сопирачка, брзо трошење на дисковите и корозија на водовите.

Протекува и масло од моторот, времето го јаде издувниот систем. Слаби точки се и пропуштање од издувната гранка, нежен автоматик, запечен механизам за бришачите, дефекти на алтернаторот и гареж околу AGR-вентилите.

Alfa Romeo 159 (Од 2005 до 2011 година)

alfa romeo 159

Алфистите имаат само една неостварена желба: Да можеше Alfa 159 да биде исто толку добра колку што изгледа добро. Фановите не можат да одолеат на овој дизајн, потпишан од маестро Џуџаро. Италијанскиот печат е силен и во кокпитот, кадешто место симболи се користат звучни зборови како олио, аква, бенцина. Но, кога тогаш ќе се случи и трезнењето.

Квалитетот на Alfa 159 е подигнат значително во споредба со претходникот Alfa 156. Но, италијанската лимузина од средна класа и натаму е далеку од издржливоста и беспрекорноста на серијата 3 на BMW или на Mercedes C-Class.

На пазарот на користени возила е најчеста моделската верзија 2.4 JTDM, со петцилиндарски дизел. Препораката за овој автомобил гласи: Подалеку од него! Мотори доживувале тоталка поради скршени клипници, скинати запчести ремени, а неретко и поради прегревање. Ако изборот мора да биде Alfa 159, тогаш единствената препорака ја заслужува бензинскиот 1.8 TBi со 200 КС, којшто се нудеше само две години.

Сопирачките дискови се трошат брзо. Истото важи и за споните, за лежиштата на попречните водилки, а меѓу вообичаените слабости на Alfa 159 спаѓаат и скршени пружини.

Италијанската лимузина нема генерален проблем со корозијата, меѓутоа се забележуваат траги од почетна корозија на носачите на оските и по сите рабови на подот. И држачите на издувниот лонец не оставаат подобар впечаток. За автомобил што е стар најмалку седум години, тоа сепак е премногу корозија. Пропустите во изработката исто така можат со текот на времето да предизвикаат ситни, но многубројни проблеми.

Chrysler PT Cruiser (Од 2000 до 2010 година)

chrysler pt cruiser

Постојат две добри работи кај овој американски автомобил, што изгледа како од времето на Ал Капоне и што потекнува од раните години на фузијата меѓу Daimler и Chrysler. Издувниот систем трае долго и нема корозија во подрачјата што влијаат врз безбедноста. Мала шега на таа тема: Од моторот и менувачот протекува толку многу масло, што струењето на ветрот го разнесува маслото по целиот под и на тој начин се формира заштита од корозија.

Големи зјаеви во зглобовите во оските и во управувањето се стандард кај PT Cruiser. Преносниот механизам во управувањето се троши пребрзо. Двата бензинци со 116 и 141 КС се гласни и тромави, а им прегорува и заптивката на главата. Може да се очекува дека и ламелата ќе биде истрошена.

Додека околу дизајнот уште може да се дискутира, за квалитетот на овој автомобил важи само едно: Апсолутна нула. PT Cruiser изгледа како олдтајмер. Но, се расипува многу повеќе отколку олдтајмер.

Fiat Doblo (Од 2001 до 2010 година)

fiat doblo i

Каросерија што кородира по само две години, збудалена електроника, отпаднати прекинувачи. Ова хорор-сценарио навистина се случуваше кај автомобилите на Fiat до пред неколку децении. Во меѓувреме, квалитетот се подобри и денес има исто толку шанси да се појави корозија, колку кај Mercedes. Некои слаби точки сепак останаа, како што докажува Doblo.

На списокот на можни дефекти му нема крај: Прегорена заптивка на глава и протекување од пумпа за вода кај бензинците, односно дефекти во турбополначот, инјекторите и пумпата под висок притисок кај дизелите. Сопствениците имаат маки и со откачување или со истрошен механизам на рачката на менувачот, како и заглавување на контакт бравата.

Типични проблеми се избиени зглобови на оските и управувањето, протекување масло и кородиран издувен лонец. Голем проблем се возните својства. При нагло избегнување пречка, каросеријата опасно се наведнува. Во првата генерација на Doblo не се вградуваше контрола на стабилност, којашто се активира во тие ситуации. Во најлош случај, возилото може да се преврти.

Проблеми со моторот се јавуваат почесто од просекот, има многу пропусти во безбедноста. Ниската цена не може да надомести за тоа.

Ford Ka (Од 1996 до 2008 година)

ford ka

Во ова проблематично друштво се појави и еден Ford. Нeкои велат дека моделското име Ka всушност означува кариес. Кај Ford Ka има само неколку делови што не кородираат: Споните, воланот, арматурната табла. Тие се пластични.

Најпогодени од корозија се страничните прагови, подните панели, дното на средишниот столб, задниот капак, вратите, делот од левото крило околу чепот на резервоарот, практично сé. Во истиот стил продолжуваат скршени пружини на предната оска, мувлосани сопирачки водови и издувни лонци. Тоа што и попречните водилки, сопирачките дискови и ламелите не траат долго, веќе се подразбира.

Единственото што отстапува од концептот на Ka е моторот. Тука се покажува дека станува збор за добриот и стар Ford, затоа што моторот трае речиси бесконечно. Автомобилите од првите годишта сепак треба да се избираат внимателно, затоа што кај нив се појавува зголемено абење на брегастите вратила.

Jaguar S-Type (Од 1999 до 2007 година)

jaguar s-type

Кај Jaguar постои верување што опстојува со децении. Познавачите „советуваат“ дека еден Jaguar не е доволен. Потребни се два: Едниот за возење, вториот за во сервис. Тоа е само легенда, но не мора да значи. Најдобар пример е токму Jaguar S-Type.

Најголемиот проблем е автоматскиот менувач кај возилата што се произведени пред 2002 година. Една пружина во менувачката кулиса може да се скрши и да оневозможи префрлување во четвртиот и петтиот степен. За пораката „менувачот е во дефект“ да се избрише, треба да се смета на поправка во висина од околу илјада евра. Тоа што сервисните работилници обично препорачуваат да се замени целиот менувач и да се платат пет илјади евра, веројатно е доволно да одврати од идејата за купување користен Jaguar S-Type.

Кај моторите, „најзабавни“ се осумцилиндарците. Водилките и затегнувачите на синџирите кај V8 од првите годишта се изработени од пластика и пукаат со текот на времето. Доколку овие делови не се заменат навреме, постои опасност од тотално оштетување на моторот.

Избиените спони и носечки зглобови се „мал“ проблем. Корозија се појавува на праговите и под заптивките на вратите.

Mercedes ML (Од 1997 до 2005 година)

mercedes ml

Mercedes е инвестиција што трае цел живот. Тоа важеше пред да се појави ML. Кај повеќето мерцедеси од крајот на 1990-те години се јавува корозија, но никој модел не кородира колку што тоа му успева на ML. Дополнителен проблем кај големиот СУВ е предвременото трошење на зглобовите на оските и на зглобовите во управувањето. Редовна појава е празен од на воланот, како кај американските крстосувачи од 1970-те години – резултат од истрошени спони.

Ниту квалитетот на изработка и материјалите не ги исполнуваат очекувањата од марката. ML е првиот модел на Mercedes од американска продукција, и тоа се покажува. Многу подобра е ситуацијата кај примероците што се произведени во Австрија, кај Magna Steyr.

Квалитетот се подобри по моделското освежување во 2001 година, но тогаш следеше и врвот на проблемите на целата моделска генерација: ML 400 CDI со осумцилиндарски дизел со 250 КС. Автоматските менувачи цркнуваат масовно, особено кога се влече приколка. Моторот не е подобар. Прегорени заптивки на глава се вообичаена појава, исто како и растегнати синџири.

Alfa Romeo 147 (Од 2001 до 2010 година)

alfa romeo 147

Alfa Romeo 147 е шампионот на Италијанците. Титулата важи во конкуренција на автомобили што не им даваат мир на своите сопственици. Избиени зглобови на оските, кородирани издувни лонци и протекување масло се мал проблем, во споредба со сите оние изненадувања што умее да ги приреди спортскиот компакт.

Alfa препорачува запчестиот ремен да се заменува на секои три години. Тоа подразбира и замена на пумпата за вода, што заедно може да чини и илјада евра, во зависност од типот на моторот. Доколку, пак, тој не се замени, програмирано е тотално оштетување на моторот, поради кинење на ременот.

Кај Alfa 147 2.0 TS е „нормално“ да се случи пукање на блокот поради скршена клипница, исто како што е нормално спојката и менувачот да се отвораат за ремонт на секои 30.000 километри.

Во кабината пречекуваат откачени заптивки на вратите и протекување од отворите за кабли. Кога сме веќе кај каблите: И електриката има свои изненадувања. Сигналната светилка за воздушните перници свети и без причина, исто како што се прикажуваат и грешките на патниот компјутер. Затоа пак, пречките во CAN-bus се сосем реални. Сопствениците сепак ја сакаат својата Alfa. Затоа што таа им е убава и вози исто толку убаво. За љубов вреди да се трпи во овој случај.

Извештај на ТУВ: Ова се најрасипливите и најиздржливите автомобили

Извештај на ТУВ: Најиздржливи и најрасипливи модели меѓу 4 и 5 години

Извештај на ТУВ: Најиздржливи и најрасипливи модели меѓу 6 и 7 години


Ти се допаѓа? Сподели со пријателите!

157
30 shares, 157 points
Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

0 Comments

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Choose A Format
Personality quiz
Series of questions that intends to reveal something about the personality
Trivia quiz
Series of questions with right and wrong answers that intends to check knowledge
Poll
Voting to make decisions or determine opinions
Story
Formatted Text with Embeds and Visuals
List
The Classic Internet Listicles
Countdown
The Classic Internet Countdowns
Open List
Submit your own item and vote up for the best submission
Ranked List
Upvote or downvote to decide the best list item
Meme
Upload your own images to make custom memes
Video
Youtube, Vimeo or Vine Embeds
Audio
Soundcloud or Mixcloud Embeds
Image
Photo or GIF
Gif
GIF format

Notice: ob_end_flush(): failed to send buffer of zlib output compression (0) in /home/automedi/public_html/wp-includes/functions.php on line 3743