152
20 shares, 152 points

Читателите на германскиот магазин Ауто Билд деветти пат гласаа за најдобрите модели во 14 класи, оценувајќи според три критериуми: За квалитет, за дизајн и за противвредност. Вкупно 37 марки и резултати што производителите ги земаат предвид при развојот на новите модели.

Неделен автомобилски магазин што се продава во повеќе од 310.000 примероци и наплатува 47.850 евра за една страница реклама, сигурно не прави нешто погрешно. Германскиот магазин АУТО БИЛД овојпат побара „услуга“ од читателите. Деветта година читателите гласаат за „Најдобрите марки во сите класи“. Модели од вкупно 37 марки се поделени во 14 класи. Во секоја класа посебно, се гласа за моделот за когошто секоја читателка или секој читател цени дека е најдобар во поглед на квалитетот, како и за моделот со најдобар дизајн и моделот со најдобра противвредност, односно тој што нуди „најмногу за парите“.

Конечниот резултат на секој модел во класата се одредува како просечна вредност од гласовите што моделот ќе ги освои во трите одделни критериуми во класата, односно од гласовите за квалитетот, дизајнот и противвредноста.

На крајот се собираат гласовите што одделните марки ќе ги освојат во сите класи и се добиваат конечните победници во трите клучни категории:

1-ва категорија: Квалитет

(Photo: AUTO BILD online)

Во поглед на квалитетот, Audi има најдобар имиџ. Премиум марката на концернот Volkswagen победи во секоја втора класа од изборот, односно во седум од вкупно 14 класи.

Ауто Билд прави одлична споредба: „Тоа што Баерн Минхен е во бундеслигата, тоа е Audi во квалитетот.“ Марката од Инголштат долги години ужува висока доверба според овој критериум, кој најчесто е решавачки при изборот на автомобил. Во 14-те класи на возила, марката победи во седум класи при оценувањето на квалитетот, а во останатите класи секогаш е меѓу трите најквалитетни марки.

2-ра категорија: Дизајн

(Photo: AUTO BILD online)

Дизајнот е традиционална вештина на италијанските стилисти. Италијански марки се на првите две места. Abarth повторно победи годинава, додека Alfa Romeo се најде пред Porsche.

Без разлика дали станува збор за мебел, светилки или токму за автомобили, италијанскиот дизајн секогаш се цени и препознава. „Италијанското чувство за форма и материјал е врежано и тоа се покажува од година в година“, пишуваат пофалби Германците.

3-та категорија: Противвредност

(Photo: AUTO BILD online)

Добро и поволно – Dacia го заслужува овој имиџ, што го гради уште од „новиот“ почеток, како евтина марка на Renault

Разликата со второпласираната марка изнесува дури 17 проценти. Тоа е убедлива победа. Со години наназад, не постои марка што успеала да понуди таква противвредност, како што тоа го умее Dacia. Дури и Skoda мора да ѝ го препушти водството на романската марка. SsangYong и годинава е на третото место, додека Hyundai изгуби две места од лани, поради „преголемата самоувереност“.

Деталите резултати за секоја класа посебно

Во класата на малите автомобили, првите места им припаѓаат на марките Volkswagen (во категоријата квалитет), Abarth (дизајн) и Hyundai (противвредност) – по нив следат Smart, Fiat и Kia. По заминувањето на Opel од овој сегмент, слободното место го презеде Hyun­dai и ја понесе вкупната победа со 54,09 проценти од гласовите. По неа следат Abarth и Kia, кои воедно бележат и голем напредок.

(Photo: AUTO BILD online)

Победничките марки во класата на градските автомобили се Audi (квалитет), Mini (дизајн) и Dacia (противвредност). Конечниот победник е Opel со 52 проценти од гласовите на читателите. Новата Corsa ги престигна сите, од 8-то место лани, на прво место годинава. Mini и Volkswagen мораат да му честитаат за победата на Opel.

(Photo: AUTO BILD online)

Победниците во компакт класата: Audi (квалитет), Alfa Romeo (дизајн) и Dacia (противвредност). Севкупен победник е Kia со 60 проценти. Ceed го престигна ланскиот победнички модел на Skoda и го остави и Hyundai зад себе.

(Photo: AUTO BILD online)

Во средната класа, како најдобри марки се покажаа Audi (квалитет), Alfa Romeo (дизајн) и Skoda (противвредност). Нема промени во оваа мошне важна класа од лани: Skoda е конечен победник со 61 проценти од гласовите и со голема предност пред Audi и BMW.

(Photo: AUTO BILD online)

На врвот во вишата класа се пробија Audi (квалитет и дизајн), како и Volkswagen (противвредност). Audi повторно е во предност како генерален победник, со 61 проценти од гласовите, втор е BMW, пред Mercedes. На четвртото место е Volvo, како прва увозна марка.

(Photo: AUTO BILD online)

Кај луксузната класа, читателите имаат најмногу доверба во Mercedes (квалитет), Porsche (дизајн) и Tesla (противвредност). Победата на крајот му припаѓа на Mercedes, со 55 проценти од гласовите. Потоа следат Audi и Porsche, па потоа и Tesla.

(Photo: AUTO BILD online)

Меѓу спортските модели, првите места си ги обезбедија Porsche (квалитет и дизајн) и Ford (противвредност). Вкупната победа му припаѓа на Porsche, со 58 проценти. Штутгарт со години доминира во оваа категорија. Втор во генерален пласман е Ford, третото место е за Audi.

(Photo: AUTO BILD online)

Кај кабриолетите до 50.000 евра, возачите најдобро ги оценија Audi (квалитет), Abarth (дизајн) и Mazda (противвредност). Победник во оваа класа е Mazda, со 61 проценти, благодарение на поволната цена на MX-5. Audi и Ford се на второто и третото место.

(Photo: AUTO BILD online)

Категоријата на кабриолети над 50.000 евра им припаѓа на Mercedes (квалитет), Porsche (дизајн) и Audi (противвредност). Купувачите на кабриолет во оваа ценовна рамка најмногу го ценат имиџот на Porsche. Исто беше и лани. Со мал заостаток следат Mercedes и Audi.

(Photo: AUTO BILD online)

За највисоките места кај малечките СУВ-модели се изборија BMW (квалитет), Cupra (дизајн) и Dacia (противвредност). Cupra, спортсдката подмарка на Seat, победи со 58 проценти. Kia напредуваше одлично до второто место, пред Skoda.

(Photo: AUTO BILD online)

Победници меѓу СУВ-моделите од средната класа се марките Audi (квалитет), Alfa Romeo (дизајн) и SsangYong (противвредност). Победата на крајот ѝ припадна на Skoda со 52 проценти. пред Mazda и Huyndai.

(Photo: AUTO BILD online)

Првите места во категоријата на големите СУВ-модели си ги обезбедија Audi (квалитет), Land Rover (дизајн) и Ford (противвредност). На крај, Audi се покажа најуспешен, со 52 проценти, пред Volvo и Land Rover.

(Photo: AUTO BILD online)

Победнички марки во категоријата на компактни ванови: Volkswagen (квалитет и дизајн) и Dacia (противвредност). Читателите најмногу веруваат во VW, како конечен победник со 60 проценти. Citroën и Ford следат со поголем заостаток.

(Photo: AUTO BILD online)

Ова се марките што победија во категоријата на големите ванови: Volkswagen (квалитет и дизајн) и Ford (противвредност). Конечен победник повторно е VW со 56 проценти.

(Photo: AUTO BILD online)

ОСТАНАТИ КАТЕГОРИИ ЗА ИМИЏОТ НА МАРКИТЕ

Добра услуга

Од сервисот на Mercedes се задоволни 81,65 проценти од клиентите. Потоа се Toyota, Subaru и BMW. (Резултатите се ограничуваат само на германската сервисна мрежа)

Спортски мотори

Првото место не му припадна на Porsche, туку на BMW, кој победи со 77,46 проценти. Спортската марка од Цуфенхаузен е втора со 69,99 проценти.

Електричен погон

Дури 80,2 проценти од читателите на Ауто Билд признаваа дека Tesla е најмногу компетентна во ова подрачје. Со голем заостаток следат Smart (41,24 проценти) и BMW (40,03 проценти).

Висока вредност при препродажба

Читателите веруваат дека моделите на Mercedes најмногу ја задржуваат вредноста, со 84,38 проценти од гласовите на читателите во оваа категорија. Со мал заостаток следи Porsche (84,22 Prozent), а потоа е Audi (81,67 проценти).

Хибриден погон

Најдобар имиџ во оваа категорија секако дека постигнува Toyota, со 70,65 проценти од гласовите на читателите. Тие ѝ веруваат на пионерската марка и во плагин-хибридниот погон, со 55,31 проценти освоени гласови од читателите во оваа категорија.

Извештај на ТУВ: Најиздржливи и најрасипливи модели меѓу 6 и 7 години


Ти се допаѓа? Сподели со пријателите!

152
20 shares, 152 points
Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

0 Comments

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *