за

Овие нови автомобили пристигаат во 2020 година

Овие нови автомобили пристигаат во 2020 година

Главниот печат во новата автомобилска година ќе го постават многубројните модели со електричен погон што производителите ги најавуваа со години наназад. Во поглед на бројноста, како во календарот на новитети, така и по улиците, секако дека моделите со класичен погон и натаму доминираат.

Светот на автомобилите се менува. Со цел да се забават климатските промени, но и под притисок на сé построгите норми за издувни гасови што доаѓаат од Брисел, производителите на автомобили во 2020 година ќе стават уште поголем нагласок на моделите со електричен погон. Овие автомобили што имаат нулта емисија на штетни материи, работат нечиси нечујно и дефинитивно се трендовски, сепак имаат и одредени ограничувања.

Повисоката цена, ограничениот досег, а честопати и недоволно развиената мрежа од полначи, прави главнината од возачките и возачите и натаму да се ориентира на класичниот и на хибридниот погон. Затоа в година пристига уште поголем број новитети со „обичен“ мотор под хаубата.

Најважниот новитет пристига од Volkswagen, тоа е ID.3 како „голф“ во ерата на електромобилноста

Голем е бројот на нови модели што ги очекуваме да стартуваат со продажба или да доживеат премиера пред светот во 2020 година. Електричните автомобили сепак ќе го привлекуваат вниманието најмногу. Производителите долги години најавуваа дека ќе стартуваат со сериозна понуда од електрични модели во почетокот на новата декада. Тоа што досега го слушавме како најава, в година ќе се појави по улиците.

Volkswagen ID.3 premiera
Volkswagen ID.3 премиера

Најважниот новитет во тој поглед доаѓа од концернот Volkswagen. Стартуваат со продажба првите електрични модели што се „изградени“ врз наменската платформа MEB, посебно за електричен погон. Почетокот ќе го одбележи појавувањето на ID.3 во салоните на VW. Несомнено станува збор за „Golf од новата генерација“. По него ќе следат електрични модели од Seat и Skoda, секако ќе има и СУВ-модели, а најголемата гордост ќе биде претставувањето на Audi Q4 e-tron.

Силниот бран електрични возила за првпат носи модели што се достапни за поширок круг купувачи, особено во земјите што имаат масивни субвенции

По долги најави, на неколку европски пазари ќе стартуваат и испораките на ретро-минито Honda E. На батерија ќе се вози и во Mazda, тие ќе го понудат електричниот кросовер MX-30. Од француско-германскиот концерн PSA пристигаат веќе познатите Opel Corsa, Peugeot 208 и DS3 во е-изведба. Mini Electric е сосем извесно дека ќе привлече големо внимание. Како што јавуваат Британците, интерес за моделот досега имаат покажано повеќе од 80.000 можни купувачи. По неодамнешното моделско освежување, Smart отсега ќе постои строго како електрична марка, а верзија на струја ќе добие и близнакот на Forfour, Renault Twingo. Двата модели се произведуваат во Словенија.

Ford Mustang Mach-E
Ford Mustang Mach-E

Победничкиот електро-поход на Tesla Model 3 веројатно ќе биде ставен под контрола со Polestar 2, кој доаѓа од специјализираната посестринска марка на Volvo. Големо освежување, особено со цената, се очекува да донесе Ford Mustang Mach E, пристојно голем СУВ во стил на Mustang, со погон на струја.

Историски момент кај марката со хибридите, Lexus, донесува електричната изведба на кросоверот UX, со ознака 300e. Тоа е прв модел на премиум марката на Toyota што ќе вози исклучиво на струја. Во истиот сегмент ќе настапува и Volkswagen ID.4 X, чијашто премиера се очекува кон крајот на годината. Nissan исто така ќе понуди СУВ-модел со погон на струја, што е сосем природно за оваа јапонска марка, којашто електричниот Leaf го има во понуда веќе неколку генерации досега.

Lexus UX 300e
Lexus UX 300e

Opel Mokka ќе се појави во нова генерација, но ќе се нуди само во електрична изведба. Mercedes EQA ќе го електризира сегментот на компактните СУВ-модели, додека таа задача меѓу големите транспортери ќе ѝ припадне на електричната верзија на V-Class, соодветно означена EQV. На фирмите кои главно „оперираат“ со овие возила им се важни пониските трошоци на електричниот погон, па затоа и Volkswagen нема да оддолжува со електричната изведба на T6, односно Multivan.

Погонот на струја во меѓувреме прерасна во стандард меѓу најскапите и најексклузивните автомобили

Меѓу ретките и скапи автомобили веќе одамна е задолжително погонот да биде на струја, екстремен секако. Во тој сегмент следи премиерата на Pininfarina Battista, вредна над два милиони евра и со моќност од 1.900 КС. Во споредба со италијанскиот хиперавтомобил, Audi e-tron GT ќе биде речиси како стандарден автомобил. Станува збор за спортска купе-лимузина, којашто ќе го користи истиот погон со идната кросовер-верзија Cross Turismo од Porsche Taycan.

Pininfarina Battista salon torino
Pininfarina Battista

Можеби личи дека производителите ќе ги потрошат сите свои новитети во сегментот на електричните автомобили, но има и повеќе од доволно новитети за избор кај моделите што и натаму се потпираат на мотори со внатрешно согорување. Но, електрификацијата зафаќа и таму. Претстојат многубројни моделски изведби на благ хибрид, со стартер-генератор и со 48-волтна техника. Кај поголемите модели со плагин-хибриден погон, пак, досегот при возење само со енергијата во батеријата ќе се зголеми на околу стотина километри.

Веднаш по Volkswagen Golf 8 ќе следат A3, Leon, а се очекува и продажниот старт на Octavia

Промените во класата на компактните класичари ги повлекува Golf 8, по когошто в година ќе следат уште Audi A3, Seat Leon и веќе претставената Skoda Octavia. Во премиум сегментот, BMW првпат ќе понуди купе-лимузина во стилот на Mercedes CLA во рамките на серијата 2. Кој сака многу простор и голема приспособливост, треба да ја почека премиерата на новиот Renault Kangoo. Хит-кросоверот Kia XCeed ќе се појави во плагин-хибридна изведба, исто како и комбито во гамата на компактот на Kia.

Toyota Yaris
Toyota Yaris

Важни новитети пристигаат во класата на градските автомобили, иако раздвиженоста таму во најголема мера ја прават азиските марки. Најмногу внимание се очекува да привлече новата генерација на Toyota Yaris, изработена првпат врз начелата на TNGA-платформата. Уште еден важен новитет тука е Honda Jazz, а за да се создаде убаво трио, во салоните на Hyundai ќе пристигне новиот i10. Европските производители не се предаваат во оваа класа, напротив, Dacia ја подготвува новата генерација на Sandero, којашто и натаму игра на картата да биде најдостапен модел на пазарот.

Ford Puma ќе им конкурира на VW T-Cross, Kia Stonic & Co

Производителите уште се во „офанзива“ со СУВ-модели, чијшто завршеток уште не е на повидок, барем додека продажбата во сегментот расте повеќе од сите останати. Ford ќе го понуди големиот Explorer, кој е дополнително интересен и поради плагин-хибридниот погон. Како СУВ-новитет во класата на Fiesta пристига Puma, кој воедно ќе им конкурира на Volkswagen T-Cross и Kia Stonic.

Mercedes GLA
Mercedes GLA

Mercedes ќе започне со испорака на втората генерација на GLA, кој е погабаритен и повеќе робусен од претходникот. На спротивниот крај од моделската понуда се позиционира Maybach GLS. Во престижниот сегмент пристига и Aston Martin DBX, со цена од околу 200.000 евра.

Mitsubishi Outlander е важен новитет во СУВ-сегментот, голема неизвесност е какви новитети ќе донесе плагин-хибридниот погон во следната генерација

Nissan започнува со продажба на втората генерација на Juke, а голема неизвесност останува околу новитетите што ќе ги донесе следната генерација на крстосувачот меѓу СУВ-моделите и пионер во плагин-хибридниот погон во неговиот сегмент, Mitsubishi Outlander. Затоа, пак, сосем е извесно дека во него и натаму ќе работи плагин-хибридна техника. Истата погонска техника за првпат ќе функционира и во новата моделска изведба на Toyota RAV4, којашто воедно ќе се позиционира како топ-модел во гамата на популарниот СУВ. Нови модели ќе бидат и Mazda CX-5 и Nissan Qashqai. Напролет ќе биде интересно за фановите на кросоверот Volkswagen T-Roc, кој ќе се појави во оригинална кабриолет-изведба.

Kia K5, Optima 2020
Kia K5, Optima 2020

Меѓу лимузините од највисок ранг, традиционално нема голема раздвиженост со новитети. Нивното значење за автомобилска бранша е веќе друга тема – особено кога станува збор за знаменосецот на Mercedes. В година е ред за моделска обнова во гамата на S-Class. Вториот новитет е Rolls-Royce Ghost, кој треба да се појави кон крајот на 2020 година.

Важна премиера е серијата 4 на BMW, а можно е да изненади и францускиот DS 8. Комби-купе изведбата од Arteon, изведена во стил на Shooting Brake, ќе ја одржува големата самодоверба што Volkswagen ја има во поголемите сегменти уште од првиот Phaeton, па наваму. Од „островот“ се очекува премиера на новата генерација на Jaguar XF. Засега нема потврда дали новата Kia Optima, односно K5, ќе се продава и на европскииот пазар.

Спортските возачи и фановите на моделското име со нетрпение ја очекуваат премиерата на BMW M3/М4

Има новитети и за спортските возачи. BMW ги подготвува новите моделски генерации на M3 и M4, од Американците се очекува да пристигне Chevrolet Corvette. Елеганцијата на традиционалните грантуризмо модели од Маранело ја враќа новата Ferrari Roma, додека McLaren Speedtail „елегантно“ ќе ја испразни сметката на стотината идни сопственици за најмалку два милиони евра.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Volkswagen пушта роботи-полначи до електричните автомобили

Volkswagen пушта роботи-полначи до електричните автомобили

Градски автобуси во Франција возат на водород

Градски автобуси во Франција возат на водород