за

Германски суд првпат заплени мотоцикл на брз моторџија

заплена мотоцикл германија

Судот во Хамбург поведе постапка против мотоциклист кој возел 129 km/h во град. Мотоциклот е запленет и ќе биде понуден на јавно наддавање. Германскиот Ауто Билд детално пишува за досега единствениот случај. Според новите закони во земјата, во вакви случаи може да се изрече и двогодишна затворска казна.

Судот во Хамбург му го одзеде мотоциклот на возач на 22-годишна возраст, откако тој на 14-ти ноември лани бил снимен како вози со 129 km/h среде град. Ауто Билд во денешната објава наведува дека возачот е осуден за „учество во илегална улична трка.“ Законите во Германија уште од октомври 2017 година предвидуваат висока парична казна или лишување од слобода во времетраење до две години. Судот дополнително може да го заплени возилото како „средство со коешто е извршено казнено дело“.

Случајот во Хамбург може да послужи како пример за постапување во иднина. Првпат судот запленува мотоцикл. Станува збор за Yamaha MT-10 со 160 КС. Одземена му е возачката дозвола на прекршителот и изречена му е парична казна во висина од 2.400 евра. Мотоциклистот поднел жалба против изречената казна, но потоа ја повлекол истата. Одлуката сега е правосилна.

Брзиот возач на свои 22-години возел 226 km/h по автопат на кој се дозволени 100 km/h; Полицијата уредно го снимила целото возачко лудување

Мотоциклот е купен во мај лани и дополнително е тјуниран со опрема вредна 2.000 евра. Во средината на ноември, сообраќајна патрола го забележала брзиот возач на Yamaha, откако возел со 148 km/h, на пат кадешто се дозволени 60 km/h. По излегувањето на автопат биле измерени 226 km/h, при дозволени 100 km/h, а потоа возењето продолжило со 120 km/h низ гратчето Пинеберг, во непосредна близина на Хамбург.

Откако го запрела возачот, полицијата му ја покажала видеоснимката од неговото возење. Судски запленетата Yamaha MT-10 ќе биде дадена на јавно наддавање.

Извор: Ауто Билд

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Hyundai i30 N

Се јавија и тјунерите за Hyundai i30 N: Преку 400 КС

автопилот роботски автомобили одговорност

Црни кутии и камери за рикверц задолжителни по 2022 година