за

Овие автомобили остануваат во 2018 година

Subaru_WRX_STI

Повторно доаѓа време за збогување со автомобилите што престанаа да се произведуваат во изминатите дванаесет месеци. По некои модели нема кој да тагува, затоа што пазарот едноставно не се интересира за нив. Но, за некои други модели, едноставно не се дозволува да си заминат од сцената

Каква ли само автомобилска година беше оваа! Ако помисливме дека 2018 конечно ќе донесе малку мир во автомобилската индустрија и дека големите марки ќе им се вратат на своите основни дејности, како развој, производство и продажба на автомобили, очигледно е дека погрешно сме ценеле.

Skoda Fabia 10 TSI Ambition test
Во 2018 повеќе модели од градската класа останаа без дизел. Техниката за пречистување на издувот ги направи скапи, а како што покажаа тестовите, „пропадна“ и идејата за штедење

Уште одамна стана јасно дека дизел скандалот не се однесува само на концернот Volkswagen, но некако се случи тој да биде најмногу погоден. Во концернот се сменија неколку врвни менаџери, вклучувајќи го и шефот на Audi, но имаше многубројни смени и на позициите што не допираат толку до јавноста. Повеќе од 100 менаџери и експерти се сменети од своите функции, во дел поради тоа што на концернот му припадна „честа“ да ја сноси вината за дизел скандалот на целата бранша, а во дел поради тоа што германскиот концерн се постави сосема поинаку кон иднината на автомобилизмот.

Остануваме на тема дизел. Малечките автомобили повеќе не можат да си ги дозволат дизел моторите, затоа што строгите норми за емисија и неопходната техника за нивно исполнување, направија „самопалачите“ да станат прескапи за класата. Skoda Fabia, на пример, само е еден од моделите од градската класа, што повеќе не се нуди со дизел мотор. Suzuki ги откажа од дизелите од целата своја моделска гама, а истото следи и кај Nissan, Subaru и други марки.

Класичниот теренец Mitsubishi Pajero замина во заслужена пензија по 36 годишно присуство на пазарот

Летоска можеше да се стекне впечаток дека голем број модели се повлечени од продажба. Секако дека тоа не се случуваше. Моделите чекаа во редици заради хомологација. Префрлувањето на новата норма за мерење на потрошувачката на гориво траеше подолго одошто се очекуваше. Производителите со широка понуда од модели, мотори, опреми, каросериски варијанти, во сите класи и сегменти, добија многу за „домашна работа“. Тоа се случуваше во исто време кога големи тимови беа ангажирани на сервисните повици, како и на неопходните преправки во рамките на дизел скандалот. Поради тоа, производителите на одредено време ја прекинаа испораката на некои модели, за кои не остана време да се хомологираат до крајниот рок на 1-ви септември.

Теренец што остави силен печат во едно важно поглавје и симбол за издржливост, робусност и масивност. За врвни рели авантури, исто така. Mitsubishi Pajero

https://photos.app.goo.gl/SReviTdBZPznTmp97

Некои модели едноставно си заминаа од пазарот во 2018 година. Еден класичар на Mitsubishi и големо име на автомобилската сцена повеќе нема да се појавува во продажните салони. По 36-годишно присуство на пазарот, Mitsubishi Pajero замина во заслужена пензија. Последната и четврта генерација на Pajero имаше премиера дури во 2007 година. Постојат повеќе причини за пензионирањето: Купувачите имаат повисоки и сменети барања, а дополнителна сопка ставаат и строгите норми за издувни гасови и безбедност.

Fiat докажува дека сите убави работи мора некогаш да имаат крај. Точно пред сребрениот јубилеј на моделот си замина Punto, некогашната голема гордост и пазарно моќно име на автомобилската куќа од Торино. Сето тоа се случи без омилените спектакли на Италијанците. Ваквиот краен исход се знаеше долго време. Концернот не само што воопшто не вложуваше во својата матична марка, туку ја користеше и секоја прилика да заштеди дополнително. Panda и 500 уште се продаваат добро, но прашање е до кога тие ќе издржат во жестоката битка во класата?

https://photos.app.goo.gl/YEUpPUgf784eMi8k9

На Alfa Romeo Mito, кој ја користи платформата и техниката од Punto, исто така му се бројат деновите. Миланската марка нема да ги поштеди ниту највредните раритети во својата моделска понуда. Купе изведбата на Alfa 4c веќе престана да се произведува, останува само отворената каросериска изведба 4c Spider, и тоа само кусо. Фановите на Alfa Romeo ќе мораат да се стрпат до премиерата на новиот 8c, ексклузивен и скап.

Уште едно купе се збогува со производствените ленти. Серијата 6 на BMW заминува во историјата, во својата купе и кабриолет верзија. Љубителите на модел од оваа класа повеќе нема да бидат послужени, затоа што баварците ја сменија „шестката“ со новата серија 8. Соодветно со „преместувањето“ на моделот во повисокиот сегмент, каде што основата ја сочинува серијата 8, традиционалите купувачи на престижно купе или кабриолет од BMW ќе мора да префрлат многу поголема сума на сметката во Минхен.

За Citroen C4 уште се нема најдено соодветен наследник

Релативно малиот досег според денешните стандарди, но и фактот дека изминаа девет години од премиерата, доведоа до тоа Mitsubishi Electric Vehicle да си замине од понудата на јапонската марка. Mitsubishi во меѓувреме е во алијанса со Nissan и Renault, така што не треба многу имагинација за да се „открие“ дека наскоро пристига нова и модерна верзија на автомобил со погон на батерија. Друго прашање е дали алијансата ќе опстои, по притворот за Карлос Гон, спасителот на Nissan и еден од најуспешните менаџери во последниве години.

https://photos.app.goo.gl/NKp1ADRbokKjFVvHA

Додека чешката марка на Volkswagen добива и повеќе од солидна замена за своите Rapid и Rapid Spaceback, со новата Scala, шпанскиот Seat не му дава нова шанса на Toledo. Нема наследник ниту за Citroen C4. Купувачите на модел од средната класа ќе можат да избираат само меѓу кросоверот C4 Cactus и ванот C4 Spacetourer, додека класична комбилимузина отсуствува. Нема замена ниту за Beetle Cabrio, кој продолжи да се произведува уште една година по ретро-купето.

Toyota одредено време ќе остане без модел од средната класа, откако си замина и комби изведбата од Avensis. Во текот на следната година сепак пристига новиот Camry. Наспроти тоа, само на малкумина ќе им недостига Pulsar. Компактната комбилимузина на Nissan се продаваше од 2014 година, но не успеа да се пробие покрај бестселерот Qashqai.

Малку тажни лица ќе се видат и за заминувањето на ванот Nissan Evalia, кој се повлекува поради годините, но уште некое време ќе се нуди електричната варијанта. Истото важи за Infiniti Q70, за модел од престижната марка на Nissan, кој не успеа да привлече поголемо внимание. Тоа што од производствените ленти си заминуваат и DS4 и DS5, нема да поттикне жалопојки.

https://photos.app.goo.gl/san5wJsVNaSTNqWz8

Сосем е поинаква ситуацијата кај Subaru WRX STi. Големата заедница обожуватели тагува за тоа што спортскиот топ модел на јапонскиот производител повеќе нема да се произведува поради строгите норми за издувни гасови. На фановите ќе им недостига четирицилиндарскиот боксер со 300 КС, исто колку и бандажите во златна боја. Деновиве, Јапонците сепак најавија концептни модели под ознаката STI за салонот во Токио. Сцената едноставно не дозволува некои автомобили да си заминат.

Seat Toledo

https://photos.app.goo.gl/ChcM1WJA2ou9KbX86

BMW серија 6

https://photos.app.goo.gl/GV6Fj2urzaE6THuQ8

Fiat Punto

https://photos.app.goo.gl/umEXBuwBZJVrVSrq9

Каква ни беше автомобилската 2018 година: Препишано, неразбрано

Коментар: Кој тоа профитира од загадениот воздух?

Тест: Kia Ceed 1.4 MPi Advance

Тест: Skoda Fabia 1.0 TSI Ambition

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Mercedes G 350 d

Нов дизел за Mercedes G-Class за следните 40 години

Volvo XC40 test

Тест: Volvo XC40 D4 Momentum