98
15 shares, 98 points

Mitsubishi Space Star третпат во оваа генерација ни пристига на тест. Автомобилов не само што уште не здодеал, туку сега уште поубедливо ги прикажува своите вистински вредности. Многу од нив произлегуваат од цената, но секако дека тој ги поседува и сите квалитети на марката од којашто доаѓа.

Светот се менува многу брзо деновиве. Кога Mitsubishi Space Star ни пристигна за тест-возење во минатата седмица, тој на семафорите уште беше градскиот автомобил што чини двапати повеќе од оние големи и моќни теренци покрај него, кои Европа ги турка по дампинг цени, подалеку од своето јадро. Неверојатно е колку може да се сменат работите за седум денови, за пет работни денови и два дена викенд. Денес, кога зборовите како живот, скромност и животна средина нé потсетуваат дека највисоките вредности никогаш и не се промениле, повторно ни стануваат вредни автомобилите како Mitsubishi Space Star: Достапни, разумни, чисти автомобили. Не е повеќе време за глумење и игнорирање.

Mitsubishi Space Star е малечок автомобил, има мотор со три цилиндри и моќноста му се пишува со две бројки, но во моментов тој исто како да е најголемиот, најспособен и најсилен автомобил што го нуди пазарот. Зошто така? Кога не се зборува за корона, деновиве единствено се зборува уште за периодот по корона. Автомобилската индустрија не е единствената производствена гранка во светот што ќе претрпи промени по кризава. Вредностите ќе се менуваат. Тоа што било скапо, ќе стане недостижно, а тоа што било достижно, ќе стане скапо. По истата аналогија, единствено достижно ќе биде тоа што претходно било евтино.

Малите димензии во комбинација со ниска тежина и примерен мотор прават возењето во градското секојдневие да биде полесно

„Евтиното“ некогаш значи и слобода. За верно да го прикажеме тоа што секој ќе го почувствува прво кога ќе седне зад овој волан со три дијаманти на него, слободата, пред една седмица моравме да се активираме уште пред зори, за Space Star да биде сам на улица додека го фотографираме. Денес е веќе многу поразлично, улиците и шеталиштата главно се празни, не мора ниту да се станува рано наутро – освен за редица пред Кам.

Mitsubishi Space Star го доживеа и второто моделско освежување. Целиот преден дел е редизајниран во стилот на Eclipse Cross и Outlander. Јапонците се фер за тоа што основната изведба на моделот во надворешноста не се разликува од повисоките нивоа на опрема

Возењето на овој автомобил значи слобода. Без разлика дали овој Mitsubishi се вози рано наутро или среде метежот на враќање дома, неговите мали димензии му овозможуваат привилегирана позиција по градските улици. Всушност, не се само димензиите. Отсекогаш било мајсторија да се направи добар малечок автомобил. Денес, тоа важи уште повеќе.

Секако дека е недоволно ако само се смалат димензиите, се отстрани сé што ја качува цената и такво возило им се понуди на купувачите. Уште еден пресуден фактор е „генетскиот код“. Space Star сепак го конструирале јапонски инженери, кои прочуените kei-автомобили ги доведуваат до совршенство, впрочем, исто како што се практикува и со други работи во земјата.

Мајсторија и предизвик е да се конструира добар малечок автомобил

Атол-синиов Mitsubishi со бисерен ефект, всушност е генијално малечок автомобил. Некои работи може и да не се забележат. Просторот под подната облога на багажникот, на пример, кадешто по правило и нема што да се види: Коритото за резервното тркало буквално завршува непосредно пред задниот браник. Mitsubishi кај нас испорачува кит за поправка на гума, но кога тука би имало резервно тркало, дел од него би лежел под долниот раб на задниот капак. Тоа е пример за рационално искористување на просторот, односно за потиснување на овој „бескорисен“ простор колку може повеќе до крајот, со цел да се ослободи повеќе простор во кабината. Заради вакви детали почнуваат да се обожуваат малечките автомобили.

Додека со големите лимузини и трендовски СУВ-карпи мора да вртат кругови и да се губи скапоцено време во потрага по паркинг, со Space Star е исто како да се користи такси; Пристигаш до одредиштето, заминуваш, човек се чувствува привилегиран од тоа што автомобиов е создаден за градското секојдневие

Тоа само го отвора апетитот да се најдат следните детали во истиот стил. Ова сигурно е повеќе од детал: Кога ќе се седне на задната клупа, излегува небаре инженерите оттука да почнале да го конструираат автомобилот. Клупата е поставена високо, има доволно место и попријатно е отколку во повеќето „четириметраши“ од градската класа. Space Star всушност е некаде помеѓу градската класа, односно Polo & Co. и мини возилата од рангот на Up или Aygo. Тоа важи само за должината на каросеријата (3,85 метри), додека во поглед на просторноста на кабината, „спејс“ е поблиску до Polo, отколку до Up.

Не е умешност да се најдат забелешки, но нивниот број е далеку помал отколку кај марките што го немаат искуството на Јапонците во овој сегмент; Неверојатно е тоа што тестираниов примерок е точно таа моделска изведба што Mitsubishi ја рекламира за 8.880 евра

Нема забелешки ниту за просторноста напред. Единствено возачите што практикуваат да ги „ловат“ свијоците ќе посакаат поцврста странична поддршка на седиштето, но веќе би било премногу ако се добие сé. Неколку „нестандардни“ ставки од опремата, сепак, следуваат уште во основното ниво, ова за 8.880 евра: Сензор за бришачи и автоматски светла, електрика на ретровизори, а на тоа уште клима уред и радио. Во оваа ценовна класа моментно е присутна само уште Dacia, но за сите ставки од опремата на Mitsu да се добијат во Sandero, таму треба да се посегне по варијантата што чини над 10.000 евра. Тоа е суровата реалност за конкуренцијата.

Неверојатно е тоа што и искусен возач, денес ќе се израдува дека контролата на стабилноста поседува и помош при поаѓање на нагорнина. Добар класичен хумор е ракувањето со патниот компјутер. Место копче, има рачка што штрчи пред инструментите. Во потпирачот за рака во возачката врата има само еден прекинувач за прозорец. Токму тоа е неодоливиот шарм на малечките (и достапни) автомобили. Тука на човек му е задоволство кога ќе препознае траги на штедење, но разумно штедење што не фрла дамка врз автомобилот.

Без дисплеи, карбонски играчки, стилизирани копчиња и материјали што се најубави на око; Тоа ценовно би го преоптоварило „старов“; Затоа, пак, се` што е потребно за добро возење е тука, плус уште нешто

Далеку од тоа дека инженерките и инженерите на Mitsubishi незаинтересирано или без љубов работеле на Space Star, жалејќи што не е Lancer Evo или Pajero за Дакар. Темната пластика врз средишната конзола, во улога на „пијано лак“, можеби не е најсреќен избор, но затоа постојат работи што радуваат: Под воланот има отворена преграда во којашто може да собере крпа за бришење или безбедносен елек, џебовите во вратите веројатно се исто широки и просторни како во Eclipse Cross. Уште една отворена преграда има пред совозачот, касетата е двојно подлабока од стандардот во класата, има и два држачи за чаша и уште една преграда зад менувачот.

На многу места се покажува интелигентниот пристап при конструирањето на малечкиот Mitsu и токму тоа прави човек да го засака овој автомобил – или барем да го цени повеќе

Дел од животот со малечките автомобили е хуморот кога полицата на багажникот нема да се спушти – доколку таа по навика се заглави меѓу столбовите, за поспокојно да се „работи“ по багажникот – што возачот ќе го забележи дури откако ќе седне зад волан, па мора пак да запира и да ја спушти полицата… За спуштање на задната клупа, исто така не може да се најде рачка на задната клупа, туку за тоа мора да се повлечат јамките што се пристапни од багажникот. Затоа, пак, Space Star, ќе надомести за сите овие ситни „провокации“, кога во багажникот без проблем ќе собере куфер XXL (од 80 сантиметри), плус кабински куфер од педесетина сантиметри – проверено. На хартија, тоа се „само“ 235 литри, но правилната форма на багажникот е тоа што прави просторот да биде искористлив до крај.

Најголемиот талент на малечките автомобили е во тоа што тие се во движење многу почесто од останатите. Кога дома ќе посакаат свежо печиво пред полноќ или сладолед што во тоа време може да се купи единствено на бензинските на крајот на градот, „ѕвездата на просторот“ секогаш е при рака – и бројни други сценарија. Значи, како вози Mitsu-mini-bishi?

Еднолитарецот со три цилиндри мошне убедливо ја покажува главната предност во овој број на цилиндри – иако „дежурните инженери“ уште ценат дека овие мотори се произведуваат, за големите концерни да заштедат. Моторот 1.0 dohc Mivec, значи со две брегасти вратила во главата и со варијабилна работа на истите, повлекува релаксирано, но сигурно, уште од најниски вртежи и прогресивно ја ослободува моќноста, како што моторот се приближува кон крајот на средното подрачје на вртежи.

Целта, значи, на трите цилиндри, не е штедење во производство, туку е штедење во горивото – и емисијата на штетни материи. Со тоа што моторот не мора да се потерува во високи вртежи, потрошувачката на гориво се смалува, а профитира и акустичниот комфор во возењето, како и комоцијата за возачот, кој не мора постојано да ги „цеди“ степените на пренос.

Моторот работи примерно, но добива добра помош и од вешто избраните преносни односи на степените на пренос: Вториот и третиот степен на пренос се релативно долги, тоа прави посегањето по менувачот да биде поретко

Моторот пристојно влече и со четворица патници. Нормална брзина на автопат се одржува лесно, без тоа да претставува акустично измачување. Подвозјето работи комфорно и тивко, колку што е вообичаено во класата. Генерално, Space Star во ниту едно подрачје не ја ограничува мобилноста со тоа што припаѓа во класата на градските автомобили. Малечок е, но не е измачување со него да се направи и викенд тура до македонските езера, практичен е, доволно софистициран, но пред сé е Mitsubishi. Тоа можеби звучи како рекламен слоган, но е чиста реалност. Автомобилските марки од овој ранг не би си дозволиле да пуштат модел што ќе биде под нивните стандарди.

Така покажува фотографијата, но не е далеку од реалноста: Улиците како да се празни за Mitsubishi Space Star, за него секогаш има место

Најубедливото што го прави Space Star е покажувањето на вистинската вредност на новиот автомобил, на значењето на чинот кога автомобил ќе се извади нов од салон. Во тој поглед ништо не се сменило. За неговите 8.880 евра, огромна е веројатноста дека овој Mitsubishi ќе вози без дефект уште половина деценија и најмалку до втората стотка. Тоа станува јасно кога ќе се подигне хаубата и таму уште може да се прочитаат имињата на производителите на деловите.

Mikuni, Mitsubishi Electric, Mitsuboshi – тоа се делови за прво вградување, најквалитетните што може да се вградат во автомобил, уште во фабрика. Секој од овие делови, што со текот на годините и километрите ќе се смени со производ од пазарот на производителите на резервни делови, најверојатно нема да издржи ниту третина од векот на ОЕМ-делот. Тоа е неоспорна вистина и факт врз којшто се базира сета пратечка индустрија на резервни делови.

Mitsubishi Space Star е автомобил што чини 8.880 евра – и ниту евро повеќе: Тоа се однесува на целосно растоварување од мисли околу поправки или замени на потрошни делови, тука се „купува“ спокојство

Mitsubishi Space Star не е голема лимузина или СУВ со шестцилиндарец, кои на плацевите за користени возила се нудат за три или четири илјади евра, но затоа со себе „влечат“ и сервис што исто така вреди три или четири илјади евра – во најдобар случај – туку е автомобил што реално вреди колку што му пишува на таблата во салон. Автомобилов значи пред сé слобода, било таа да се однесува на лесното и едноставно движење во градското секојдневие, било да се однесува на безгрижноста околу трошоците за одржување или евентуални поправки. Разумен избор од марка чиешто име значи нешто во автомбоилскиот свет.

Врска до ценовникот и техничките податоци за Mitsubishi Space Star  на МакАутоСтар

https://mitsubishimotors.mk/wp-content/themes/mitsubishimk/assets/downloads/Cenovnik-Space-Star-MY20.pdf


Ти се допаѓа? Сподели со пријателите!

98
15 shares, 98 points
Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

0 Comments

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *