154
20 shares, 154 points

За познавачите на азиските традиционални учења, трите осумки имаат моќна симболика. Според фенг шуи, учењето за управување со енергијата, бројот 888 носи среќа. Мак Аутостар прави убава услуга во тој поглед, па го нуди освежениот модел Space Star по акциска цена од 8.880 евра.

Минатата година беше мошне активна и успешна за марката Mitsubishi на македонскиот пазар, меѓу другото и со пристигањето на новата генерација на пикапот L 200, како и со добрата продажба на Eclipse Cross, за когошто се создаде неколкумесечна пауза, откако пазарот покажа многу повисок интерес за овој купе-СУВ отколку што првично се очекуваше. Со влегувањето во новата година, во Мак Аутостар пристигна и освеженото моделско годиште на кросоверот ASX, а во исто време увозникот го најави и исто така освежениот Space Star.

Како што денес соопштија од компанијата, Space Star ја комплетира освежената моделска понуда на Mitsubishi и стартува со продажба. Излегува дека токму најмалечкиот модел во квартетот на марката со дијамантите во логото ја носи и најголемата сензација. Акциската цена за Space Star изнесува 8.880 евра. Мак Аутостар го формулира тоа појасно: „Нов автомобил достапен за само 8.880 евра.“

Space Star е „Еко“ од секое можно гледиште, од економичност во потрошувачката и економичниот избор, до екологијата

Станува збор за истиот модел, за когошто македонскиот увозник, при пазарната премиера пред повеќе од половина деценија, организираше своевиден натпревар меѓу автомобилските новинари, со награда викенд во Охрид за тој што ќе постигне најниска потрошувачка. Рекордната вредност беше 4,3 литри, сосем реална и постигната главно во градско возење.

New photo by Automedia MK / Google Photos

За инженерите на моделот, принципот „еко“ важеше од секое гледиште, како во економичноста, така и во поглед на екологијата. Mitsubishi ценеше, дека по претходникот Colt – еден од историските бестселери на јапонската марка на македонскиот пазар – на светот му е потребен помал автомобил, што ќе биде економичен, а воедно ќе биде достапен и по фантастично ниска цена на пазарот.

Процената на „таткото“ на Pajero и Evo секако дека не беше утка. Од Space Star досега се продадени над 600.000 возила, при што најголемиот дел отпаѓа на европскиот пазар, а само Германија апсорбирала половина од продажбата на стариот континент.

Директорот за продажба на Mitsubishi Motors во Македонија, Владица Кокаловиќ, го најавува стартот на моделот: „По повеќегодишно истражување и развој, фабриката успеа преку разни напредни технологии патентирани од Mitsubishi, да одговори на растечкото барање на купувачите за помал, градски автомобил, кој ќе има пониска емисија на штетни гасови, ниски трошоци на одржување, ниска потрошувачка на гориво и се разбира ниска цена на чинење, но во истовреме да ги задоволи високите европски критериуми за квалитет.“

Space Star се нуди со двата мотори на нашиот пазар. Едниот е 1,0 со три цилиндри, атмосферски, со моќност од 71 КС и просечна потрошувачка на гориво од 5,2 литри на сто километри. Вредноста се однесува за новата и реална норма WLTP, Mitsubishi е една од првите марки што настапува пред македонските возачки и возачи со реалните вредности според новата норма, место старата NEDC. За споредба, според претходната норма, Space Star 1.0 Mivec троши во просек 4,5 литри. Старт-стоп системот се вградува стандардно. Спринтот до сто трае 16,9 секунди.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Овој мотор се комбинира со ниво на опрема Inform и моделската изведба чини 8.880 евра, вклучувајќи го новиот данок за возила. Втората моделска изведба поседува 1,2-литарски мотор со 80 КС, исто така со варијабилна работа на брегастото вратило, но со посилнот мотор следи и повисокото ниво на опрема Invite, така што цената на вториот модел во понудата изнесува 10.380 евра. Спринтот се скусува на само 12,8 секунди, додека потрошувачката според WLTP е дури и пониска отколку кај 1.0 Mivec, со точно 5,0 литри.

Опремата вклучува контрола на стабилност, помош при поаѓање на нагорнина, шест воздушни перници, електрика на предни прозорци и ретровизори, централна брава со далечинска команда, патен компјутер, мануелен клима уред со филтер за полен, радио, сензори за светла и дожд. Тоа е мошне убедливо ниво на опременост уште во основното ниво.

Лимузинската изведба се продава во САД и на други големи пазари,  големата серија прави Space Star и натаму да бидe исплатлив модел за Mitsubishi во класата од којашто останатите производители постепено се откажуваат

Втората верзија, со 1,2-литарски мотор, дополнително располага со кожа на воланот и рачката на менувачот, диодни задни светла, алу-бандажи од 14 инчи, грејачи во ретровизорите, висинско местење на возачкото седиште, темпомат, блутут и инфо-забавен систем со дисплеј од 7 инчи.

Промените во изгледот на новото моделско годиште се однесуваат на предната маска со препознатливиот „динамичен штит“ на марката, заедно со уште неколку дизајнерски зафати што постигнуваат возилото да изгледа подинамично и во хармонија со останатите модели од понудата на Mitsubishi.

Еден од последните специјалитети на Mitsubishi, „дијамант црвената“ боја од Eclipse Cross, се нуди и за Space Star. Уште еден зафат во стилот се двобојните алу-бандажи. Внатрешноста е изведена со нови, квалитетни материјали со посебен дизајн, кои внесуваат повеќе елеганција.

Mitsubishi Space Star досега двапати беше на тест во AutomediaMK:

Тест: Mitsubishi Space Star 1.0 Inform

Тест: Mitsubishi Space Star 1.2 Invite

 

 


Ти се допаѓа? Сподели со пријателите!

154
20 shares, 154 points
Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

0 Comments

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *