за

Mitsubishi Outlander PHEV е најпродаван електричен модел во Европа

Продажната статистика на плагин-хибриди и електрични возила на европскиот пазар брои над 100.000 примероци во првите седум месеци. До крајот на годинава се очекува двојно поголема бројка и нов рекорд. Хибридот на Mitsubishi предводи во продажбата со близу 1.500 примероци само во јули.

Во првите седум месеци од годинава на европскиот пазар се продадоа над 100.000 автомобили со електричен или плагин-хибриден погон. Доколку продолжи сегашната динамика на продажба, веќе во декември ќе биде надмината бројката од 200.000 електромобили, што ќе претставува нов продажен рекорд. Моделите со хибриден погон и прикличок за полнење на батериите (плагин-хибриди), со 7.887 примероци и натаму бележат поголема продажба во споредба со моделите со батериски погон, кои достигнаа 4.454 продадени примероци до јули.

Наспроти растот од 13 проценти кај плагин-хибридите, електричните возила бележат пад во продажбата од 28 проценти во споредба со лани, што првенствено се должи на чекањето производителите да ги претстават новите моделски изведби со зголемен досег или комплетно новите генерации електромобили, како Opel Ampera-e или Nissan Leaf.

Една третина од продажбата во Норвешка отпаѓа на плагин-хибриди

По земји, најголем продажен раст имаат забележано Белгија (+135%) и Исланд (+128%). Во поглед на вкупниот број на продадени плагин-хибриди, водечка земја и натаму е Норвешка, со каде што 29 проценти од продажбата отпаѓа на овој погонски вид, пред Исланд (3,5%) и Шведска со пазарен удел од 3,3 проценти. Норвешка е прва и според пазарниот удел на возила со електричен погон, со 15 проценти, потоа следи Исланд (1,3%) и Австрија и Франција, со по 1,1 процент.

Соодветно се зголемува и инфраструктурата. Европа моментно располага со над 92.000 полначи за струја за електромобили, вклучувајќи 9.494 брзи полначи кои овозможуваат 80-процентно полнење на батериите за околу половина час.

Најпродавани модели со електричен погон во јули

Марка и модел Јули 2016 Промена (’15) Вид на погон
Mitsubishi Outlander PHEV 1492 -12% PHEV
Volkswagen Passat GTE 1199 PHEV
Renault Zoe 1117 +11% BEV
Volkswagen Golf GTE 825 -51% PHEV
Nissan Leaf 802 -24% BEV
Mercedes C350e 749 +110 PHEV

Легенда: PHEV = плагин-хибриди, BEV = батериски погон

Во јули се продадоа 12.339 возила со плагин-хибриден и електричен погон на европскиот пазар. Првото место сега му припаѓа на Mitsubishi Outlander PHEV, иако продажбата бележи пад во споредба со ланскиот месец. Норвешка е нов пазар за зголемување на продажбата на овој модел, со 504 примероци во јули, но затоа хибридот на Mitsubishi трпи голем пад во Холандија, кадешто се продадоа само 22 примероци, наспроти 347 примероци во ланскиот јули. Volkswagen Passat GTE се искачи на второто место, првенствено поради големиот интерес во Норвешка и Шведска, кадешто се регистрирани две третини од вкупната продажба на германскиот хибрид.

Променлива динамика во продажбата поради чекањето нови модели

Трет е електричниот Renault Zoe, кој забележа пад на домашниот пазар, со 488 примероци во јули наспроти 1.306 во јуни, но компензираше со 301 продаден примерок на германскиот пазар. Volkswagen Passat GTE се врати на четвртото место, иако продажбата е преполовена во споредба со лани, што првенствено е резултат од драстично ослабената продажба во Холандија, со само 8 примероци во јули, во споредба со 563 примероци во истиот месец лани.

За две позиции падна Nissan Leaf, на петтото место, поради слабата продажба на главните пазари Франција, Норвешка и Велика Британија. Шестото место му припаѓа на модел од премиум сегментот, кој веќе неколку месеци се појавува меѓу најпродаваните модели: Плагин-хибридот Mercedes C350e, со одлични 749 продадени примероци во јули и растечки интерес на пазарите во Велика Британија и Холандија.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Porsche Cayenne ќе излегува од фабрика со гуми Nexen

Porsche Cayenne dizel

Германците ги отсакуваат дизелите