за

Mitsubishi MI-Tech со гасна турбина како генератор и свртување во место

Mitsubishi MI-Tech Concept Tokyo
Mitsubishi MI-Tech Concept Tokyo

Mitsubishi во иднина ќе се специјализира за плагин-хибридниот погон во сојузот со Nissan и Renault. Во вообичаениот техно-стил на марката, тоа може да значи посебен електромотор за секое тркало, па дури и гасна турбина што работи како генератор. Има и „електрични сопирачки“, прикажување унапредена реалност по цел ветробран… концепт со сите нишани.

Mitsubishi постигна одличен погодок со изведбата на Outlander со плагин-хибриден погон. Кога комфорниот крстосувач се појави на сцената како „PHEV“, таа му припадна само нему. Во меѓувреме реагираа премиум марките и понудија слични модели. Имиџот што Mitsubishi го изгради со големиот СУВ кој може да вози на струја, денес е речиси на исто рамниште со тоа што своевремено го постигнуваа легендите Evo или Pajero. Сега е време овој погон да се прошири во целата моделска понуда на Mitsubishi.

На салонот во Токио, Mitsubishi го прикажува концептот MI-Tech, како малечок СУВ кој го најавува натамошниот развој на плагин-хибридниот погон во марката. Извршниот директор Такао Сато, при премиерата: „Посветени сме на електрификацијата, првенствено на плагин-хибриди.“ Mitsubishi практично ќе прерасне во лидер во PHEV-погонот во рамките на сојузот со Renault и Nissan. До 2022 година, електромотори ќе проработат во новите генерации на СУВ-модели во компакт и средната класа.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Идејата со MI-Tech е да се понуди малечок СУВ со плагин-хибриден погон, кој ќе биде уживање да се вози и воедно ќе посредува сигурност дека ќе се совлада секаква пречка. Возилото е изведено како баги, но главниот момент е во погонот. Станува збор за сосем нов и засега необичен погон, но како што напредуваат работите, сосем е извесно дека тој ќе проработи можеби веќе во следната генерација на Outlander PHEV.

Кога ќе се спојат Lancer Evo и Pajero следува нешто од типот на MI-Tech…

Секое тркало располага со сопствен електромотор (дуал-конструкција), а енергијата за нив ја произведува гасна турбина, место обичен бензинец. Предноста на гасната турбина е тоа што може да работи и на дизел, керозин или алкохол, а воедно е компактна и лесна. Понатаму, согорувањето е многу поефикасно и почисто, така што се задоволува и аспектот на животната средина.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Спектаклот е во начинот на којшто функционираат четирите електромотори (поставени се средишно во заедничка единица). Дополнително и сопирачките клешти работат електрично, место под дејство на хидраулика. Со тоа што и електромоторите и „електричните сопирачки“ реагираат многу побрзо, попрецизно и пофлексибилно, се постигнува ново возачко доживување. Кога две тркала ќе пролизгаат на терен, на интелигенцијата на погонот не ѝ треба многу време додека ја префрли погонската задача на тркалата што имаат контакт со подлогата. Истото важи и при возење по асфалт, кога може соодветно да се потсопираат тркалата од внатрешната страна во свијокот и на тој начин уште толку да се поттикне динамиката.

Mitsubishi продолжува да биде иновативна и „будалеста“ марка, каква што светот отсекогаш ја обожувал

Mitsubishi ветува дека возачот уште подобро ќе го чувствува возилото, во сите услови на возење, по терени и на асфалт – вклучувајќи и полукружно вртење „во место“, кога левото и десното тркало ќе ротираат во спротивна насока.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Од дизајнерско гледиште, светлосината боја го симболизира електричниот погон, исто како и деталите во боја на бакар во маската, во бандажите и во кабината. Шемата со таканаречениот динамичен штит е јасно забележлива во носот, со тоа што маската е покриена со панел со ефект на сатен. Нов детал се светлата во форма на Т, како предните, така и задните. Големите тркала и робусната облога на крилата укажува на теренската способност.

Покрај целосниот арсенал од системи за асистенција, напредната технологија буквално се појавува во ветробранот, кадешто се проектира приказ во унапредена реалност, со информации за возилото, за патот и за околниот сообраќај. Автопилот веќе се подразбира во ваква техно-средина.

New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos

Mitsubishi со рекордна продажба во првите 9 месеци

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

bmw alpina b3 limuzina tokio

BMW Alpina B3 премиерно на Токио Мотор Шоу

Honda e polnenje posebna tarifa

Honda ќе полни струја по посебна тарифа во договор со дистрибутерот