за

Новиот Mitsubishi L200 пристигна во Макауто Стар: Пикапот станува модерен

Mitsubishi L200
Mitsubishi L200

Пристигањето на новата генерација на L200 во салонот на Mitsubishi не може да се превиди. Ова докажано моделско име на сцената на пикапите кај нас, прави голем празен простор околу своите 5,3 метри должина, но е впечатливо и со дизајнот. Новиот пикап цели на возачите кои немаат доверба во постоечките СУВ-модели на пазарот и бараат издржливо и способно возило за секаков терен и за сите пригоди.

Нов распоред на моделите во салонот на Mitsubishi. Мора да има реорганзација, затоа што пристига голем модел, како по димензиите, така и по значењето што тој го има за имиџот на марката. За продажбата, исто така. Mitsubishi L200 моментно е најдолгиот, највисок и најтежок модел на марката, а според значењето, веројатно е блиску до хит-моделот Eclipse Cross.

Mitsubishi L200 беше еден од првите од својата сорта кој уште пред неколку генерации почна помасовно да се вози и приватно по македонските патишта, место само да јури наоколу со лого на фирма на вратите и натоварен до врв. Тоа се должеше на имиџот на робусност за што е најмногу заслужен Pajero, но имаше удел и навиката на марката да изведува екстреми, по пример на Evo.

Пикапите како Mitsubishi L200, со носечка рамка, класично водење на тркалата, блокада на диференцијал и теренска редукција, може да надоместат за отсуството на вистински (и повеќе достапни) теренци

Ова е шеста генерација на Mitsubishi L200, темпирана за нејзиното појавување да се совпадне со 40-годишнината на моделот. Очигледна е насоката во којашто јапонската марка се раководела при усовршувањето на веќе совршениот концепт на пикап. Новиот L200 ќе ги привлекува возачите кои ценат дека новите генерации на СУВ-модели на пазарот се премногу нежни за терен и потешко е човек да верува во нивните способности.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Во исто време, камионетот е доволно цивилизиран и претставителен да биде дел од градската улична шема. Нема да биде изненадување ако големиот Mitsubishi повторно се појави во улога на иницијатор и зачне нов тренд во кругот на купувачи кои досега не беа најсреќни со галантните и светкави СУВ-модели.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Традиционалните и докажани вредности во основата останаа непроменети, а дел се и надградени кај новиот L200. Тоа се суштински квалитети за еден пикап, како издржливост, носивост и теренска проодност. Повеќе нагласок е ставено на комфорот во возењето, на завршната изработка и користени се технологии, како во класичната понуда од патнички модели на Mitsubishi.

Предниот дел личи како коцкеста и моќна вилица на терминатор на стероиди од акциски филм

Сите овие промени што ги наведуваат во Mitsubishi стануваат веродостојни кога човек ќе се најде пред новиот L200, со препознатливиот „динамичен штит“, заштитниот белег на марката. Коцкестата и моќна муцка личи како на терминатор од акциски филм, а истиот стил се повторува и во крилата. Отстрана останува препознатливиот лак што го формираат прозорците. Дизајнерите велат дека работеле според принципот „Rock Solid“.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Хаубата е 40 милиметри повисоко, соодветно на тоа и маската е подигната и смалена и препушта доминацијата да ја преземат хромираните лакови под светлата, додека коцкестиот отвор за воздух долу дури внесува извесна спортска нота. Овие промени во пропорциите на носот се направени со цел да се подобри видливоста од возачкото седиште и маневрирањето на пикапот од 5,3 метри во изведба со двојна кабина. Растојанието од подлогата е зголемено на 205 mm, стапалките се пошироки и овозможуваат уште полесен пристап, воедно заштитувајќи го дното на вратите од валкање.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Промените во внатрешноста буквално се чувствуваат. Одделни подрачја од кокпитот се бојадисани со клавирски лак или имаат финиш на хром, воланот и рачката на менувачот се обложени со кожа уште во основниот модел, додека штеповите во повисоките нивоа на опрема се изведени исто како кај „салонските“ модели на Mitsubishi. Седиштата имаат нова форма и овозможуваат повеќе комфор на подолги патувања.

Нема компромиси во поглед на комфорот и функционалноста на патничката кабина; Назад се седи како во голем СУВ

Големите задни врати и лесниот пристап на задната клупа се доказ дека се внимавало пикапот да поседува функционалност на лимузина. Постојат бројни модели што имаат претесни задни врати и премногу исправена клупа, на којашто не може да се седи подолго од петнаесетина минути, во корист на постигнување максимална товарна површина. Тука нема компромиси, L200 е пикап исто колку што е „лимузина“.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Товарната површина е широка 1,47 метар и долга 1,52 метар. Mitsubishi има богата понуда од прибор, како капак за товарната површина или хардтоп со којшто дополнително се зголемува товарната функционалност. Максималната тежина на приколка изнесува 3,1 тон.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Покрај средишен дисплеј со пречник од најмногу седум инчи, поврзувањето со паметен телефон и асистентот за штедливо возење, кој првпат се вградува во пикапот, постојат и многу посуштински ставки, како самостојно запирање при опасност од судир со препознавање пешак, систем за следење лента, автоматско долго светло, предупредување за возило што наидува од попречен правец при излегување наназад. Во повисоките нивоа на опрема се вградуваат и диодни предни и задни светла.

Макауто Стар е меѓу првите увозници што во техничките податоци наведува вредности за потрошувачката според новата и реална норма WLTP

Дизелот е нов, 2,2-литарски ClearTec со 150 КС и вртежен момент од 400 њутнметри. Со посебен SCR-катализатор и адблу, моторот ја исполнува нормата Euro 6d-Temp-Evap. Опција е нов автоматски менувач со 6 степени, со продолжен пренос во највисокиот степен, со што се смалува нивото на вртежи при повисока брзина и се постигнува покомотно и поштедливо возење.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Најголемиот „шарм“ на пикапот е токму погонот на сите тркала. Мак Аутостар го нуди L200 во две погонски варијанти, Easy Select 4WD и SuperSelect II 4WD. Во првиот случај станува збор за мануелно вклучување на погонот на сите тркала, преку спојка. Во нормални услови, погонот е назад, а при излети по терен или на снег и мраз, дополнително се впрегнува предната оска, што може да се направи и во возење, до брзина од 100 km/h. За тоа стои на располагање вртлив бирач во средишната конзола. Третата положба е 4L (Low), во којашто се вклучува редукција, за возење по тежок терен.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Super Select II 4WD е актуелната верзија на погонот што со генерации наназад е заштитен знак на марката. Mitsubishi L200 е единствен пикап што се испорачува во комбинација со постојан погон на сите тркала, блокада на средишен диференцијал и теренска редукција.

Со SuperSelect може да се ракува и во возење, за да се искористи залетот при наидување на пречка што треба да се мине без запирање

Возачот може да избира меѓу заден и погон на сите тркала при брзина до 100 km/h. Дополнителен „талент“ кај пикапот е тоа што SS II 4WD зема предвид кога товарната платформа е празна, па соодветно ја распределува тракцијата меѓу двете оски. Во основната положба 4H, напред одат 40% од вртежниот момент, назад 60 проценти. Преносот на сила се врши преку разделен преносник со вискозна спојка и средишен диференцијал.

New photo by Automedia MK / Google Photos

На земјен пат и стрмнина може да се избере 4HLc, што овозможува полесно поаѓање на лизгава подлога. Во тој случај е блокиран средишниот диференцијал, односно њутнметрите од моторот се пренесуваат рамномерно меѓу двете оски. За најекстремни услови е наменет 4LLc, со блокиран средишен диференцијал и теренска редукција.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Дополнување во новата генерација е брзинското ограничување по стрмна надолжина, како и контролата на тракција со четири модуси: Земја, снег, песок и камен. Во секој модус содоветно се регулираат моторот, автоматскиот менувач и сопирачките.

Листестите пружини назад обезбедуваат комфор и во случај кога се вози без товар; Тоа е сериозно ограничување кај некои пикапи

Новиот Mitsubishi L200 користи поголеми сопирачки дискови напред (320 mm), што придонесува за покус пат на сопирање. Покрај тоа, задната листеста пружина поседува шест листови и постигнува уште подобар баланс меѓу комфор, возни својства и носивост.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Пикапот што на одредени пазари се нуди под моделското име Triton (или Forte во Јапонија) е достапен на повеќе од 150 пазари, вклучувајќи ги Океанија, Средниот Исток, Европа, Африка и Латинска Америка. Планот е годишна продажба од околу 180.000 примероци, со што L200 ќe биде втор најпродаван модел на Mitsubishi во светски рамки, по Outlander.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Макауто Стар го нуди новиот Mitsubishi L200 во две изведби, секогаш со двојна кабина, со 2,2-литарски дизел со 150 КС и погон на сите тркала. Едната изведба се нуди во нивото на опрема Invite и поседува поедноставен погон на сите тркала со мануелно вклучување, по цена од 27.480 евра. Одлична вест е тоа што цената на шестата генерација на моделот е 500 евра над соодветната изведба на претходникот, не вклучувајќи ја побогатата опрема и новите системи.

Втората изведба поседува погон SuperSelect II 4WD, кој постигнува повисока флексибилност и уште подобра теренска проодност. Нејзината цена изнесува 31.480 евра, вклучувајќи го и повисокото ниво на опрема Intense.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Стандардна опрема во Invite опфаќа старт-стоп, темпомат, алу-бандажи од 16 инчи, заштитна пластика под мотор, патен компјутер, кожа на волан, вртлив бирач за режим на погон, електрика на прозорци, мануелна клима, радио и централна брава со далечинска команда. Во Intense, покрај погонот SuperSelect II 4WD, следат бандажи од 18 инчи, автоматика за клима-уредот, следење лента, самостојно запирање при ипасност, блутут, команди за радио на воланот, средишен дисплеј од 6 инчи, камера за рикверц, сребрена предна маска и хромирана рачка на заден капак, електрика и греење на ретровизори, дополнителна звучна изолација и миење на предни светла.

Mitsubishi е меѓу првите марки кај нас што ги наведува вредностите на потрошувачката на гориво според новата норма WLTP. Станува збор за многу пореални вредности (во споредба со NEDC): Изведбата со Easy Select во град троши 8,9 литри, на отворено 7,5 литри, односно просечно 7,8 литри.

Неколку факти за Mitsubishi L200:

New photo by Automedia MK / Google Photos
  • Со шест генерации и повеќе од 40-годишна традиција, вкупната продажба изнесува 4,7 милион примероци
  • Систем за прикажување на возилото од горна перспектива, за полесно паркирање
  • L200 учествува со 60% во целиот возен парк на рударската индустрија во Индонезија
  • Моделските изведби со бандажи од 18 инчи имаат клиренс од 220 mm
  • Предните светла се на висина од околу 700 mm, што ги заштитува од вода и оштетување
  • Аголот на пристап изнесува 31 степени, на заминување 23 степени, а на рампа 25 степени

Најсветскиот модел на Mitsubishi: Нов L200 стартува во 150 земји

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Холандија ќе ја ограничи брзината на автопат на 100 km/h

Холандија ќе ја ограничи брзината на автопат на 100 km/h

lada granta-cross

Секој петти нов автомобил во Русија е Lada