за

Mitsubishi со најмалку проблеми кај германските возачи, Fiat и Mini последни

Mitsubishi, најквалитетни марки, германија, Volvo

Расте задоволството кај германските возачи од нивните автомобили. Тоа го покажува штотуку објавената студија на познатиот J.D. Power, спроведена во Германија. Меѓу големоволуменските марки убедливо води Mitsubishi, додека првото место кај премиум марките му припаѓа на Volvo.

Петта година по ред аналитичарите на J.D. Power оценуваат колку германските возачи се задоволни од своите автомобили. Оцената се донесува врз основа на бројот на проблеми што се регистрирани на секои 100 возила. Возачите избирале меѓу 177 најразлични видови на проблеми во осум категории:

  • Каросерија,
  • чувство во возење/ракување/дисплеи,
  • аудио/комуникација/инфозабава/навигација,
  • седишта,
  • греење вентилација и клима,
  • кабина,
  • мотор
  • менувач

Резултатите за годинава покажуваат помалку проблеми по 100 возила отколку лани. Германските премиум марки сепак немаат причини да се гордеат. Премиум триото Audi, BMW и Mercedes, остана далеку зад просекот од сите марки во истражувањето.

Volvo е прв меѓу премиум марките, по кого што следи долга низа од волумен-марки, па дури потоа се појавуваат Audi, BMW и Mercedes-Benz.

Најважните заклучоци од студијата на J.D. Power за 2019 година:

Најголем пад има во подрачјето аудио/комуникација/инфозабава/навигација. Резултатот е за два индексни бодови послаб во споредба со 2015 година. Подобрување има кај само еден вид на проблем – дефект на аудио системот. Главен проблем кај премиум возилата е навигацијата, со најмногу забелешки за тешко ракување со уредот, додека возачите на автомобили од волумен-марките најчесто се жалеле на проблеми со препознавањето на говорните команди.

Проблемите во подрачјето на греењето, вентилацијата и климатизацијата влијаат најмногу врз категоријата со којашто се оценува привлечноста на возилото. Кај сопствениците што имале проблем од овој вид, привлечноста достигнува 72 бодови (на скала од 1.000 бодови) и тоа е послабо во споредба со резултатите кај сопствениците што не пријавиле проблеми во подрачјето на вентилацијата и климатизацијата на кабината.

Возачите на автомобил од премиум марките забележуваат повеќе проблеми отколку возачите на автомобил од волумен марките. Тоа обично се должи на поголемиот обем на уреди и воопшто техника во возилата. Но, и покрај тоа, возачите на премиум автомобил се позадоволни од своите возила. Кај сопствениците на волумен марките, задоволството слабее побрзо отколку кај првиве.

Повеќе од една третина (35%) од сопствениците наведуваат дека имаат претходни искуства со марката. Верноста на клиентите влијае врз резултатите, затоа што тие се подобро запознаени со системите, со ракувањето и со функциите во возилото. Студијата покажува дека овие возачи просечно наведуваат по 28 проблеми по 100 возила помалку, во заедничкиот резултат од сите категории во истражувањето.

Резултатите за задоволството на германските возачи по одделни марки

Вкупниот индекс на задоволство се одредува според бројот на регистрирани проблеми на секои 100 возила од одредена марка. Првите 11 места им припаѓаат на волумен марките, со прво место за Mitsubishi со индекс 85. Следат Skoda (88 PP100) и Hyundai (89 PP100).

Најдобриот резултат кај премиум марките го има Volvo, со 111 PP100, но е далеку на 12-то место. Германското премиоум трио заостанува уште повеќе со BMW (129 PP100), Mercedes-Benz (137 PP100) и Audi (142 PP100) на 17-то, 19-то и 21-то место.

Студијата се базира врз одговори од 12.854 сопственици на возила, што се регистрирани меѓу ноември 2015 и јануари 2018 година.

Резултатите за Honda, Jeep, Land Rover, Porsche и Suzuki не се вклучени, поради малиот удел во вкупниот број возила во истражувањето.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Водечките три модели во секој сегмент

Мини-автомобили
  • smart fortwo
  • Volkswagen up!
  • Hyundai i10
Градски автомобили
  • Skoda Fabia
  • Citroen C3
  • Hyundai i20
Компакт класа
  • Skoda Rapid
  • Seat Leon
  • BMW серија 1
Средна класа
  • Opel Insignia
  • Skoda Superb
  • Ford Mondeo
Виша класа
  • Mercedes E-Class
Компактни СУВ-модели
  • Hyundai Tucson
  • Mazda CX-5
  • Kia Sportage

Останатите сегменти не се опфатени во истражувањето, поради слабиот удел во вкупниот број возила.

Најиздржливи марки на американскиот пазар според JD Power

Mitsubishi најиздржлив автомобилски бренд во Германија според JD Power

Извештај на ТУВ: Најиздржливи и најрасипливи модели меѓу 6 и 7 години

Извештај на ТУВ: Најиздржливи и најрасипливи модели меѓу 4 и 5 години

Извештај на ТУВ: Ова се најрасипливите и најиздржливите автомобили

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Возила на Google ја мерат загаденоста на воздухот во Амстердам

Hyundai развива паметен филтер за кабина