за

Mitsubishi Eclipse Cross на тест во магазинот Ауто Билд

Mitsubishi Eclipse Cross

Mitsubishi Eclipse Cross е моделот што фановите на јапонската марка со нетрпение го исчекуваа да стартува со продажба. СУВ-купе моделот со славното име веќе се појави на тест во германскиот магазин Ауто Билд

Тестот на Mitsubishi Eclipse Cross во германскиот магазин Ауто Билд го пренесуваме во целост

Проспектот за Eclipse Cross ветува динамика, стил и комфор уште на првата страница. Mitsubishi не ги исполнува овие ветувања во целост, но во поголемиот дел успева во тоа. Во врска со динамиката: Јапонците од почетокот на годинава го нудат Eclipse Cross со еден и единствен, меѓутоа комплетно нов бензинец. Дизелот ќе се појави во текот на годинава.

Со тежината од најмалку 1.507 килограми се соочуваат 163 КС и 250 Nm од 1,5 литар работна зафатнина. Тоа не ветува голема динамика на хартија, но во возење, Eclipse воопшто не е лош. Турбо-четирицилиндарецот покажува малку слабост кусо по поаѓањето, но потоа забрзува примерно. Осумстепениот автоматик работи незабележливо при релаксирано возење по автопат, меѓутоа при полна гас нема потреба толку долго да го присилува моторот да работи со превисоки вртежи. Наспроти тоа, нема забелешки при возењето во град. Не е изненадување тоа што место декларираните 6,6 литри на 100 километри, патниот компјутер речиси цело време покажува десет литри.

Mitsubishi Eclipse Cross vozenje AB10

Во врска со стилот: Јапонците настапуваат храбро со дизајнот на Eclipse Cross, кој сепак треба да ѝ даде нов залет на марката. СУВ-купе моделите се мошне барани во моментов. Необичниот дизајн на опашот на Mitsubishi во секој случај ги привлекува погледите. Убав потег е тоа што Јапонците го сокриле бришачот под спојлерот, со што се постигнува чист изглед.

Наспроти тоа, предниот дел го следи конвенционалниот пристап. Сличноста со Outlander, од когошто потекнува платформата, претставува успешен потег и придонесува да се препознае марката од којашто потекнува моделот. Кога сме тука, уште еден збор за изработката. На прв поглед, Eclipse Cross остава добар впечаток. Изборот на материјали е погоден, изработката исто така е примерна, иако не и совршена. Се случува при допир со страничната облога и средишната конзола да се слушне чкрипење, а квичењето на кожата одзади, коешто е предизвикано од меѓусебното допирање на седиштата, умее да нервира.

Mitsubishi Eclipse Cross vozenje AB9

Нема забелешки за ергономијата и ракувањето. Распоредот на сите копчиња и прекинувачи е изведен според логичен принцип, а ракувањето со нив е јасно. Дополнителна ставка, којашто брзо почнавме да ја цениме е камерата за 360 степени, која за жал се добива само во нивоата на опрема Intro Edition (7000 евра) и Top (9000 евра). Копчето за нејзино активирање се наоѓа во левата пречка на воланот и овозможува брзо и едноставно паркирање, без да се уништат алу-бандажите.

Во врска со комфорот: Ниту тие што седат напред, ниту сопатниците назад, не можат да се пожалат на недостиг од простор. Седиштата во првиот ред нудат пристоен комфор за долги патувања, а задните седишта посебно се поместуваат за 20 сантиметри по должина. И потпирачите за грб се местат посебно. Благодарение на тоа што линијата на покривот почнува да се спушта далеку назад, дури и патниците повисоки од 1,95 метар имаат сосем доволно простор над главата. За пофалба е што тоа не е постигнато со неудобно ниска положба на клупата.

Mitsubishi Eclipse Cross vozenje AB11

Не треба многу редови да се набројат ставките од дополнителната опрема на Eclipse Cross; Mitsubishi нуди само четири ставки. Тоа е металик лак за 590 евра, премиум металик лак за 890 евра и панорамски стаклен покрив со лизгање, по цена од 1.000 евра. Но, покривот е достапен само во највисокото ниво на опрема Top, а ако се гледа точно, тој не го исполнува критериумот „панорамски“, затоа што е поделен со широка пречка. Четвртата и последна опција: навигациски систем со дисплеј на допир од седум инчи, кој е чесно проценет на 400 евра, но изгледа подзастарено и не е толку интуитивен.

Тука се поставува прашањето, зошто навигацијата не се вградува во далеку помодерниот дисплеј со екран на допир, исто така од седум инчи, којшто следува во сериската опрема од нивото Plus нагоре. Тој не поседува навигација, меѓутоа располага со Apple CarPlay, како и со Android Auto. Покрај тоа, денес речиси секој паметен телефон може да навигира низ Европа. Наша препорака е серискиот дисплеј. Со тоа добивате посвеж изглед во кокпитот и заштедувате 400 евра.

Mitsubishi Eclipse Cross vozenje AB15

Mitsubishi не остава можност за избор меѓу системите за асистенција и останатите погодности. Во основниот модел се наоѓаат систем кој предупредува при опасност од налетување, со препознавање пешак и сопирање во итен случај, потоа помош при поаѓање по нагорнина, како и асистент за долго светло и за следење лента.

Проекцискиот дисплеј, асистентот за мртвите агли, загреваниот ветробран или камерата со 360 степени се достапни само во Intro Edition и во Top erhältlich, исто како и паркинг сензорите напред и назад. Наша препорака е Intro Edition. Во тој случај би се откажале од кожените седишта, од опционалната навигација (400 евра) и лизгачкиот покрив (1.000 евра), како и од системот за озвучување и приспособливиот темпомат, но за 29.000 евра ќе добиете сосем добро опремен СУВ-купе.

Технички податоци · MITSUBISHI ECLIPSE CROSS 1.5 T-MIVEC 2WD

Мотор / Работна зафатнина: 4 цилиндри во линија, турбо / 1499 cm3
Менувач: 6-степен, мануелен
kW (КС) при 1/min: 120 (163) / 5500
Nm при 1/min: 250 / 1800-4500
Крајна брзина: 205 km/h
0–100 km/h: 10,3 s
Потрошувачка (ECE, просек): 6,6 l S/100 km
Емисија на CO2: 151 g/km
Издувна норма / Филтер за честички: 6b / не
Основна цена (во Германија): 21.990 евра

Оцена

Единствен мотор во понудата во моментов е 1.5 T-Mivec, кој е доволно моќен со 163 КС. Повлекува убедливо, но има мала турбо-дупка. Тоа е доволно за секојдневието, но има минус за потрошувачката, во комбинација со автоматски менувач. Кој често вози на долги релации, би требало да го почека 2,2-литарскиот дизел.

Заклучок

Eclipse Cross има квалитети и тоа е несомнено. Материјалите и изработката се многу подобри отколку кај ASX или Outlander, меѓутоа потрошувачката е за нијанса превисока, во комбинација со CVT-менувачот. Би можело да се добие поголема слобода при изборот на дополнителната опрема. Само четири опции, од коишто две се можни само во највисокото ниво, тоа е премалку.

[FAG id=33835]

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

одржување на клима уредот во автомобилот

Кога и на клима уредот му станува жешко

porsche panamera diesel

Porsche повторно на нишан на властите: Panamera мора на сервис