за

Mitsubishi се откажува од сопствени компакти – ги заменува со Renault

Mitsubishi ќе користи модели на Renault и Nissan за обновување на лимузинската понуда

Mitsubishi ќе користи постоечки модел на Renault како замена за застарениот Lancer на европскиот пазар. Јапонците во иднина ќе користат туѓи модели за обновување на лимузинската понуда.

Mitsubishi потврди дека ќе понуди две нови лимузини базирани на моделите на Renault, како резултат од новото партнерство меѓу Mitsubishi и Renault-Nissan. Едната лимузина ќе биде од средната класа и ќе се продава на пазарите во САД и Канада, додека другата лимузина ќе биде од компакт класата и ќе биде наменета за глобалниот пазар. Како основа за големиот седан ќе послужи Renault Latitude, којшто веќе неколку години се произведува во фабриката на Renault Samsung во Јужна Кореја. Продажбата на овој модел под логото на Mitsubishi ќе стартува за две до три години.

Повеќе неизвесност има околу помалата лимузина, за којашто уште се одлучува дали основата да биде од модел на Renault или Nissan, а не е утврдена и локацијата на којашто ќе се произведува истиот.
Јапонската марка се откажува од развој на сопствени модели од компакт класата и се посветува на растечкиот пазар на кросовери. Компактниот ASX ќе добие замена на европскиот пазар веќе во 2016 година, додека за наследникот на големиот теренец Pajero ќе треба да се почека уште најмалку две години. Обата модела ќе бидат понудени и во верзија со хибриден погон со можност за надворешно полнење.

Актуелниот Lancer полека ја губи трката со конкуренцијата. Во првите девет месеци од годинава, на пазарот во Европа се продадоа само околу 2.800 примероци од компактната лимузина, додека најпродаваниот европски автомобил, Volkswagen Golf, во истиот период се продаде во близу 400.000 примероци.

Mitsubishi веќе подолго време соработува со ривалот на Renault, францускиот концерн PSA Peugeot Citroen. Кросоверите Peugeot 4008 и Citroen C4 Aircross се произведуваат во Mitsubishi и како основа го користат актуелниот ASX. Електричните автомобили Peugeot iOn и Citroen C-Zero исто така се произведуваат од јапонската марка. Французите лани потврдија дека нивната соработка со Mitsubishi нема да трпи промени по склучувањето на новото партнерство со Renault. Mitsubishi неодамна започна соработка и со Fiat Chrysler, којашто на итало-американскиот концерн ќе му донесе пикап во понудата, базиран врз следната генерација на L200.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Десет легенди од времето кога Европа го имаше „Истокот“

Електричниот теренец на Tesla доцни – вторпат!