за

Mitsubishi пред 100 години го произведе првиот јапонски автомобил

Годинава е јубилејна за Mitsubishi. Во 1917 година, марката го претстави Model A како прв патнички автомобил од јапонско производство. Лимузината со седум седишта поседуваше четирицилиндарски мотор од 2,8 литри, со моќност од 34 КС. Крајната брзина изнесуваше 32 километри на час. Каросеријата беше изработена од лакирано чемпресово дрво и со затворената форма ги заштитуваше патниците од дождот и од калта по лошите јапонски патишта.

До 1921 година беа изработени вкупно 22 примероци од Model A. Во истата година започна производството на лесното товарно возило, за во 1934 година да следи PX 33, како прв патнички автомобил со погон на сите тркала од сериско производство. Ова возило ги постави темелите за една сосем нова категорија возила, без којашто не може да се замисли денешната улична слика, спортските теренци. Со искуство од над 80 години, Mitsubishi денес се вбројува меѓу водечките специјалисти за теренски возила и за погон на сите тркала. Најдобар доказ за тоа е моделската серија Pajero, којашто дебитираше во 1982 година и во историјата дванаесет пати има победено на релито Дакар.

Mitsubishi 100 godini 00003

Јапонската марка имаше предводничка ролја и во електромобилноста. Mitsubishi уште во 1971 година го претстави миниавтомобилот EV со погон на струја. Во 2009 година се појави и i-MiEV, како прв електричен автомобил од големосериско производство. Со Outlander PHEV, во 2013 година следеше и првиот спортски теренец со плагин-хибриден погон и со погон на сите тркала.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Suzuki ја претстави новата генерација на Wagon R во Јапонија

Во автомобилскиот град испорачан првиот Volkswagen Golf “Update”