169
22 shares, 169 points

Комфорниот крстосувач Outlander и неговата верзија со хибриден погон добија измени во изгледот на каросеријата според примерот на студијата од салонот во Париз. Новитети има и во погонот и подвозјето.

На салонот во Париз во минатата есен Mitsubishi го прикажа Outlander PHEV Concept-S како дизајнерска вежба за освежување на изгледот на популарниот кросовер. Реакцијата на публиката очигледно беше позитивна и сега следува воведување на измените во серискиот модел. Продажбата на фејслифтот на Mitsubishi Outlander во Јапонија стартува деновиве, а верзијата за американскиот пазар исто така е подготвена. Неизвесно е дали освежениот модел за европскиот пазар ќе биде прикажан премиерно на салонот во Франкфурт во септември.

Предниот дел го следи новиот дизајнерски правец на Mitsubishi

Заедно со промените во изгледот во предниот и задниот дел од кросоверот доаѓаат и модификации во погонската спрега, во каросеријата и во подвозјето, со цел да се постигнат уште пониска бучава во кабината, подобри перформанси и пониска потрошувачка, како и подобри возни својства. Outlander и хибридниот Outlander PHEV добија нов изглед на предниот дел, според дизајнерскиот концепт на „Dynamic Shield“, со впечатливи хромирани елементи отстрана, кои внесуваат динамика и моќ во појавата на моделот. Предните светла добија диодна техника, исто како и задните светла, а целината е заокружена со рамен завршеток на предниот браник, како дополнителен белег на динамиката во стилот. Хибридниот модел се разликува дополнително по елементите што продолжуваат од долниот раб кон регистерската табличка, по ексклузивните бандажи од 18 инчи.

Кокпитот е преработен во насока на поубедлив впечаток за квалитет
Кокпитот е преработен во насока на поубедлив впечаток за квалитет

Внатрешноста е освежена главно со нови материјали и нови бои на арматурната табла, седиштата и облогите на вратите, како и детали во завршната изработка. Се забележува и нов дизајн на воланот, како и преработен распоред на командите во средишната конзола. Повеќе се суштински промените во крутоста на каросеријата, со зајакнување на подрачјата што трпат влијание од водењето на тркалата. Подобрувања има во прецизноста и директноста на управувањето, како и во возните својства и во комфорот, благодарение на новите амортизери за задната оска со поголем пречник. Преку 30 позиции се преработени со цел да се намалат звуците од моторот, гумите и ветрот, вклучувајќи дополнителна изолација и динамични лежишта за одредени компоненти. Дури и звукот при затворање на вратите е изменет, со модификации во дизајнот на заптивките на вратите.

Потрошувачката во хибридниот модел е намалена на 5,0 литри бензин

Преку оптимизација на контролната електроника и намалувањето на триењето во моторот е постигнато намалување на потрошувачката на гориво во хибридната верзија PHEV на точно 5,0 литри, според јапонските норми. Подобрената ефикасност на електромоторот придонесе за продолжување на растојанието со погон само на струја за 0,6 километри, на 60,8 километри. Кај моделот со конвенционален погон отсега се вградува комплетно нова генерација менувачи со варијабилен преносен однос Invecs III, со што потрошувачката се намалува на 6,25 литри според јапонските норми.

Mitsubishi очекува месечна продажба од 1.000 примероци од хибридната верзија Outlander PHEV на домашниот пазар, односно 200 примероци месечно од верзијата со конвенционален погон. Околу европската верзија на Outlander уште нема официјални информации.

main03 (1)


Ти се допаѓа? Сподели со пријателите!

169
22 shares, 169 points
Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

0 Comments

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *