162
21 shares, 162 points

Германска марка со име Ari нуди еден од моментно најевтините мини-транспортери со електричен погон на европскиот пазар. Името Ari потекнува од јапонскиот јазик и значи мравка. Основачот Томас Кувач црпи инспирација од мравките, за серијата електрични возила кои се малечки, подвижни и моќни, а воедно и со достапна цена.

Многустраноста е главната карактеристика на серијата транспортери што ја нуди Ari Motors. Практично за секоја намена постои соодветна надградба, односно изведба на работните мини-електромобили. Понудата вклучува верзија со обична товарна платформа, „куфер“, па дури и изведба со церада. За поспецифични потреби постои и можност да се изведе верзија со разладуван товарен простор или кипер.

Надградбите се изработуваат во малечок погон во близина на Прага. Платформата за електричните товарни возила ја испорачува кинескиот производител Jianyuan EV. Компанијата со седиште во Најџинг развива и произведува електрични возила уште од 1982 година. Актуелната продукција надминува 50.000 возила годишно.

Покрај мини-транспортерите, Ari Motors нуди и патничка изведба, којашто почнува од 9.000 евра

Цената за основниот модел со отворена товарна платформа ARI 458 изнесува 11.700 евра, вклучувајќи батерија. Потрошувачката на енергија изнесува околу осум киловатчасови на сто километри. Со ширина од 1,29 метар и должина од 3,15 метри, возилото има носивост од 450 килограми. Со полна батерија може да се извозат до 150 километри. Дополнителните соларни ќелии можат да обезбедат енергија за уште 30 километри.

Во замена за стандардната оловна батерија се вградува литиум-јон батерија, со доплата од 2.500 евра. Полнењето трае меѓу шест и осум часови, при користење обичен приклучок за струја со 220 волти. Со адаптер за Тип 2 може да се користат и повеќето јавни полначи.

Електричните камионети како Ari наидуваат на голем интерес во повеќето европски петрополи, кои го забрануваат пристапот во центарот за товарни возила со обичен погон. Покрај тоа, за купувачите на електрични возила се одобруваат масивни субвенции.

Кај нас не постојат сериозни обиди или проекти во подрачјето на електричните возила, со исклучок на програмите за популаризација на електричниот погон на организацијата Електромобилност. Неколкуте каравани и трибини на тема погон на струја досега беа организирани токму од нив. Наспроти тоа, државните институции уште немаат развиено слух за погонот на струја.


Ти се допаѓа? Сподели со пријателите!

162
21 shares, 162 points
Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

0 Comments

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *