156
21 shares, 156 points

Некои ги ценат како футуристички концепти и како погонско решение чиешто време допрва ќе дојде, а тие веќе одамна се реалност, дури и во понудата на нашиот пазар. По хибридната тура од 800 километри со еден резервоар низ цела Македонија, веќе го имаме следниот предизвик: Mini Cooper S E Countryman 4All е плагин-хибриден модел што ќе се обидеме да го извозиме колку е можно повеќе на струја. Сто километри возење на струја на ова Mini чини 50 денари!

Духовитите Британци за тоа го користат изразот летечка свиња. Продуктивните Германци гледаат инаку, па зборуваат за „Eierlegende Wollmilchsau“, односно свиња што носи јајца, па уште и дава волна и млеко. Покрај останатото, нели. Ние сме некаде во средината и нашиот израз е „кога врбата ќе роди грозје“. Јасно е за што станува збор. Оваа хипербола се однесува за нешто што не може да се случи. Чист сарказам, во неговата најбеспоштедна форма.

Во нашата редакција пристигна еден автомобил на когошто најмалку му прилега да се доведува во врска со споменатото животно, меѓутоа совршено ја погодува смислата. Mini, но таков што е максимално Mini. Овој е долг 4,3 метри и има 450 литри простор во багажникот, тежи над 1,6 тон, моќноста му изнесува 224 КС, вртежниот момент достига 385 њутнметри. Поголемо „мини“ не постои. Погонот може да биде само назад, само напред, или на сите тркала. Спринтот до темпо сто му трае помалку од седум секунди, крајната брзина е веднаш пред звучниот праг од 200 километри на час – и еве го аха-ефектот – од нас измерената потрошувачка изнесува 5,3 киловатчасови на сто километри.

Со батеријата под задната клупа, Mini Cooper S E Countryman 4All може да извози до 40 километри, а потоа се буди бензинецот и возењето продолжува со нормален хибриден погон

Киловатчас? Ова не е термоакумулациска печка, туку е автомобил, а нивната потрошувачка на енергија се изразува во литри гориво на сто километри! Може и вака: Mini Cooper S E Countryman All4 со полна батерија минува над 40 километри на струја. Според фабричките податоци, за да се „довозат“ сто километри, моторот ќе потроши само 2,5 литри гориво. Бензин, не дизел. Oва Mini што е Maxi и вози и на струја и на бензин, вози со плагин-хибриден погон. Од Електромобилност, поимот највешто го одомаќија како приклучен хибрид.

Во погонската спрега работи 1,5-литарски турбо-бензинец, за когошто традиционалистите ќе коментираат дека има три цилиндри, а ние ќе ги послушаме техничарите во Минхен, па ќе коментираме дека тоа во основата е истиот мотор што работи во купе и спајдер изведбата на BMW i8, исто како и во BMW 225xe Active Tourer, и вооошто, во секој баварски модел со ознака што завршува со „16“ или „18“ – вклучувајќи ги купе и кабрио од серијата 2, како и X1, X2… и во целата модеска гама на Mini, секако. Моторов очигледно им се погоди на инженерите што работат на Лерхенауер Штрасе број 76 во Минхен.

Mini е далеку од тоа да биде само шминка. Автомобилите на Британците се способни. Историјата ги помни триумфите на релија од рангот на Монте Карло, па дури и самиот Countryman беше искористен – маркетиншки, секако – за болидот за Дакар

Денес, а уште помалку утре, моторите во новите генерации автомобили ретко работат сами. Во Mini Cooper S E Countryman All4 постои и електромотор, компактен, лесен, со моќност од 65 kW/88 КС и вртежен момент од 165 Nm. Постои објаснување зошто под хаубата е толку средено. Електромоторот е вграден под багажникот и ги движи задните тркала. Некој коментираше дека задниот погон исчезнал од моделите од компакт класата на минхенскиот концерн?

Спрегата од моторот и електромоторот ќе беше бесмислена без батерија. Таа се наоѓа под задната клупа и располага со капацитет од 7,6 kWh. Според фабричките мерења, оваа енергија е доволна за електромоторот сам да го движи компактниот СУВ до најмногу 42 километри. Потоа се вклучува бензинецот, па интелигенцијата на погонот понатаму решава каква стратегија ќе примени во дадените услови и во конкретната ситуација, продолжувајќи да ја комбинира работата на моторот и електромоторот.

Идејата на плагин-хибридот е секое поаѓање да биде со полна батерија, но не мора. Доколку дневно се минуваат само десетина километри, до следното полнење може да минат денови

Грубо, многу грубо кажано, откако ќе се извозат четириесетината километри со погон само на струја, Mini продолжува да работи како класичен хибрид, според принципот каков што подолго од дваесет години го познаваме во Toyota. „Грубо“, затоа што секако дека постои мајсторија во изведувањето на хибридниот погон од марка до марка.

Деталите што укажуваат на можноста за возење на струја се „гласни“. Стилистите на Mini дефинитивно се мајстори на својот занает; Капакот за приклучокот за полнење и основата околу се точно димензионирани по вкус, ниту е преголемо, ниту е премало, ама пак е доминантно

Главната идеја на плагин-хибридот е Countryman секогаш да поаѓа со полна батерија и можниот досег од четириесетина километри да се користи колку може почесто. Тоа не е многу тешка задача, затоа што батеријата се полни на обична приклучна кутија за струја за нешто повеќе од три часови. Во практика, честопати ќе се покаже дека за повторно да се наполни батеријата, доволни се и триесетина минути. Откако вкупно ќе се извозат пет-шест километри, да се направи деловен состанок или за средба со пријателите, по враќањето сé уште „остануваат“ триесетина километри во батеријата. Затоа и полнењето е кусо.

Се избира меѓу три режими на електричен погон: Автоматски до 80 km/h, Max eDrive до 125 km/h или Save Battery, за батеријата да се наполни по автопат, пред влегување во град

Дури може возилото воопшто да не се приклучува на полнач во моментот и да се чека евтината тарифа, додека во меѓувреме се извозат уште неколку тури. Секако, бензинецот секогаш чека будно и се вклучува кога возачот ќе побара, а тоа значи кога педалата за гас ќе се притисне до под – или блиску до тоа. Доколку возачот не се „оптоварува“ со полнењето на батеријата, овој Countryman вози како автомобил со хибриден погон.

Мисија, пронајди го копчето за старт; Секако дека во Mini не е копче, туку е преклопник; Оваа целина им послужи како инспирација на повеќе марки, но оригинална е само еднаш и на едно место, во Mini

Најдовме нов предизвик за овој автомобил со британски дух и германска суштина (некој ќе се сети на историското поглавје за венчавката на Кралот Хенри Осми со Германката Ана фон Клеве), по познатата „Хибридна тура со Toyota Corolla: Со 30 литри бензин низ Цела Македонија“. Со Mini ќе направиме пет тури до најпознатите излетнички места во близина на Скопје, при што секогаш ќе поаѓаме со полна батерија и ќе провериме колку е реална идејата Cooper S E да се користи како електричен автомобил.

Mini веднаш асоцира на манија; Буквално секој детал кај британската марка е различен, а правилото дека не постојат два целосно исти автомобили тука е апсолутно издржано

Countryman нé чека пред салонот на M Car, каков што можат да го дизајнираат само врвни мајстори на својот занает. Следи не толку куса проверка на меморијата: Каде точно се наоѓаше копчето за старт? Во Mini е нормално да се очекува сé да биде различно. Тоа го научивме уште при презентацијата на првата генерација на Countryman во Хамбург, во 2010 година. Овој е модел од втората генерација и прв модел на Mini е што вози со плагин хибриден погон. Тогаш, главниот новитет беше стримингот, во самите почетоци на поврзувањето со интернет, кога можноста да се слуша омиленото локално радио далеку од дома уште беше спектакл. Денес, во малечката голема марка се вози на струја. Техниката очигледно напредува многу.

Нема копче за старт, туку има „кип-прекинувач“ во средишната конзола, веднаш пред рачката на менувачот. Во типичен манир на Mini, меѓу одделните прекинувачи во низа се вградени лакови, кои наводно треба да заштитат од погрешно ракување, по пример на борбените авиони. Неколку модели во меѓувреме ја позајмија оригиналната идеја, еден од примерите за тоа е Peugeot 508. Овие детали се изведени толку педантно и вкусно, што на крајот станува вредно, место да се деградира во кич. Mini е сепак премиум марка, во премиум концерн.

Во кокпитот нема масивни знаци што ќе потсеќаат дека долу работи плагин-хибрид, туку има само суптилно додадени симболи, како „штекерот“ на покрив во дисплејот; Ова е веќе наука; Во секој случај, нема потреба нешто отстрана да сугерира, возењето на струја се „чувствува“

Податокот за досегот се прикажува некако скромно, со малечки бројки во дисплејот на патниот компјутер во џиновскиот тркалезен брзиномер. Таму пишува 28 километри, но како што се уверивме подоцна, може да бидат и четириесетина километри. Countryman покажува дека е подготвен за возење само со тоа што светнува кокпитот. Нема звук, нема вибрација. Mini поаѓа тивко, низ прозорецот доаѓа единствено звукот од тркалањето на гумите.

Возењето веднаш потсеќа на хибридна Toyota, но со таа разлика што моторот нема да се вклучи по неколку километри, барем и на кусо, туку возењево на струја овојпат треба да трае најмалку 28 километри, додека се исцрпи батеријата. Возиме по „автомобилската улица“, па низ Ѓорче Петров и Сарај, до Матка, како прво одредиште. Внатре е толку тивко што по поаѓање од семафор се наслушнува како некои возачи ги „вртат“ до крај дизелите на своите автомобили, за да бидат први – на следниот семафор. Ние не ја користиме способноста на електромоторот да го повлече Mini со забрзување како на спортски автомобил. Тоа е добро за забава, меѓутоа ние повеќе сакаме да го сочуваме досегот и да возиме со нормална брзина.

Чувството при возење во електричен режим е исто како менувачот да е во шестиот степен, а притоа не мора да се префрлува неколку степени пониско кога има нагорнина или се престигнува

Веќе сме во Шишево, возењето релаксира. Доаѓаме пред познатата нагорнина што многумина ја потценуваат. На електромоторот на Mini не му се потребни дополнителни вртежи за да произведе доволно вртежен момент – тој ги испорачува своите 165 њутнметри буквално уште од првиот вртеж. Задоволство е тоа што кусото искачување се минува без потреба да се потпритисне врз „гасот“. Тоа се моментите коишто го прават уживањето во возењето на хибридите, плагин хибридите, електричните…

Во петочното попладне, Матка уште е ненападната од автомобилите што придонесуваат за нашиот „светски прочуен воздух“. Се дише. Нешто нé води да направиме отстапка и да не запреме на паркингот, туку да продолжиме по патеката. Луѓето што се дојдени да уживаат во единствената атмосфера на кањонот не негодуваат кога ќе го забележат нашиот тест-автомобил. Сепак е потребно да се внимава повеќе, затоа што минувачите не го слушаат автомобилов. И не го „мирисаат“. Причината зошто Countryman како самиот да сакаше да дојде тука ја дознаваме пред браната. Тука се произведува струја, чиста, каква што најмногу му годи на електричниот погон. Тоа е убава симболика, зар не?

Автомобилов создава добро расположение. Покрај тоа што е Mini, уште еден причинител за расположението е токму можноста за возење на струја што ја користиме. Во Матка имаме батерија за уште 14 километри. Тоа е сосем доволно за возењето назад да биде целосно на струја. Во Скопје сепак решаваме да не го приклучиме автомобилот веднаш на полнач, туку да направиме неколку набавки за викендот. Километар или два со комбиниран погон од моторот и електромоторот сигурно нема да наштетат на целта што си ја поставивме.

Тоа што обично ни претставува проблем при паркирањето во Центар, сега е привилегија. Општината не наплаќа паркинг за хибридни и електрични возила, кои треба претходно да се внесат во системот на ПОЦ. Има неколку полначи на ЕВН во близина: Зоолошка, Градско Собрание, Дирекција ЕВН, паркинг Бристол… Користењето е бесплатно, со претходна регистрација за картичка.

Полнењето до 80% е мошне брзо, најчесто не минува ниту час – затоа што и батеријата не се троши секогаш до крај – постапката се оддолжува само за да се наполнат последните 20%

Ние се решаваме за „домашната“ опција, го користиме сопствениот полнач во Countryman, односно обична приклучна кутија за струја. Времетраењето до целосна наполнетост во тој случај трае 3:15 часови. Друга приказна е полнењето до 80%, што обично трае нешто повеќе од еден час. Токму последните дваесетина проценти одземаат најмногу време, затоа е честа практика времетраењето на постапката да се наведува до четири петини, односно до 80 проценти. Првата тура е завршена спокојно, Mini вечерта останува приклучен на полнач.

Следниот ден се вози до Катлановска Бања. Дисплејот покажува дека батеријата е полна за 34 километри пат. Тоа што по малку буни е километражата. Од Матка до Скопје требаше да бидат околу 15-на километри, а нам ни покажува дека сме извозеле 8 километри повеќе. Мало присетување? Да, имавме неколку брзи стартови со комбинираната моќ од 224 КС, надвор од СК, секако, во рамки на дозволеното. Ова е сепак Mini, генот од Монте Карло Рели го носат сите, уште од времето. Спринтот до темпо сто трае 6,8 секунди, но до околу 60-70 km/h, со „S E“ може да се мери само некој модел од M GmbH. Овој кус излет не се покажува на мерачот за гориво, кој пријавува дека од резервоарот е извлечена само четвртина од 36-те литри – со исто толку гориво го презедовме Mini на тест.

До Катланово извозевме 28 километри само на струја, на враќање ни преостанува енергија за уште осум километри, пред да се ангажира и бензинскиот мотор. Со малку повеќе дисциплина, сосем е реално да се постигне фабрички декларираниот досег од 41-42 километри. Брзи сме исто колку останатите возила на патот, има и неколку престигнувања. Не е проблем плагин хибридниот Countryman да се вози на струја, во смисла на тоа дека нема потреба возачот да се откажува од динамиката во возење или да се концентрира целосно на штедењето. Едноставно, се вози како секој друг автомобил – со големата разлика што погонот доаѓа од електромоторот и батеријата.

Се враќаме по спореден пат за Скопје, тука ќе се покаже како функционира спрегата од моторот и електромоторот. Всушност и нема што да се покаже. Секое сопирање или отпуштање на гасот значи полнење на батеријата и делумен повраток на енергија за нови километри на струја. На средишниот дисплеј се покажува дека на делниците со мало оптоварување и постојана брзина, електромоторот сам го движи Countryman. Тоа, пак е штедење.

Кога се вози рамномерно и со умерено темпо, електромоторот во погонската спрега на Mini како да запаѓа во нирвана

Правиме починка од неколку часови на полнач, пред да се продолжи со следната тура. За помалку од два часа полнење, батеријата пријавува 29 километри. Ова е брзо! Час и половина за ручок и кафе муабет, и Mini веќе е подготвен за возење. Новата тура нé води до Маркова Река, до кадешто сме убедени дека ќе пристигнеме само „на струја“. Возиме низ Кисела Вода, Расадник, скршнуваме кон Драчево.

Доброто возење, од гледиште на ефикасноста, подразбира одржување постојано темпо, без пресилно сопирање, по коешто би морало да следи и соодветно силно забрзување. Успеваме да го следиме зелениот бран на семафорите, иако одвреме навреме ќе се пројави некој брз дизел, кој единствено успева да чека меѓу првите на семафор, додека ние минуваме во лет. Електричниот погон во Mini е во нирвана, ова возење му одговара.

Големо и единствено е уживањето додека од возачкото седиште, исто како и од местата на патниците, се забележува огромната разлика во погонот. Ова е како временска машина што го враќа возачот во некое минато време. Додека погонот спокојно и тивко си влече електрони од батеријата, однадвор допираат типичните „брррммм“, „грррррр“, па и „рапатарапата“. Некој што го нема искусено возењето на струја, тешко ќе поверува колку на возачот и на патниците во Cooper S E им е сеедно дали ќе бидат први на патот, дали ќе бидат најбрзи на старт од семафор, дали ќе пристигнат две или три минути подоцна на одредиштето.

Темпоматот на 80, насмевка на лице. Mini пак си го докажува генот. Кривулестите делови до Марков манастир, Countryman ги совладува мајсторски, балансирано, динамично. Да спомнеме пак дека електромоторот испорачува погон до задната оска? Нема навалување, управувањето е дотерано врвно, до одредиштето пристигаме релативно брзо. Можеби времето само се чини дека минува брзо, поради тоа што атмосферата во кабината е релаксирана. Или сепак е до Mini?

Ниту пците не можат да лајат по овој автомобил – нема звук, тие остануваат подзинати, недолајани

Покрај викендичките е чисто, нема ниту прашина по патот, а уште помалку отпад, ова е како бајка. Да ги прашаме луѓево, што најмалку им недостига од градот, што ќе ни одговорат? Чадот од нагло остарениот возен парк, брмчењето, неконтролираната брзина на возење? Човек сака да отвори прозорец и поради друго. Звукот што се одбива од камените огради не е типичниот. Пак слушаме само како гумите газат врз асфалтот. Истото го слушаат и минувачите. Неколку пци остануваат збунети. Не можат да лајат, зашто овој автомобил не им брмчи.

По дваесет километри до излетничкиот простор зад манастирот, Mini покажува дека во батеријата останало енергија за уште 4 километри возење. В ред, назад ќе возиме пак со хибридниот погон, но кој уште да паничи за тоа? При просечна потрошувачка од 2,5 литри според фабриката, тоа значи дека до Скопје ќе потрошиме половина литар бензин. Нормално дека мерачот за гориво нема ниту да го регистрира тоа.

Во свијоците се покажуваат тркачките гени на Mini – оваа марка своевремено стана голема поради успесите што ги постигнуваше на најпознатите релија – управливоста на Mini е митска

Пак ги минуваме свијоците, но овојпат место погон назад, имаме погон на сите тркала. Електромоторот, нели, ги движи задните тркала, додека моторот предните. Прашањето е колку хармонично може да функционира тоа, особено при повисока брзина. Нормално дека ќе функционира беспрекорно, во куќата на двајца специјалисти динамичари, BMW и Mini! Има на располагање и спортски режим, кога и подвозјето и погонската спрега се префрлуваат на повисока возна динамика, вклучувајќи ја и амортизацијата.

Не е различно чувството од возење на класичниот Mini. Тежината од преку 1,6 тон и должината од 4,3 метри целосно се неутрализираат, Countryman вози како спортска комбилимузина. Вистинско чудо е тоа што техничарите го извеле со трикот на погон на сите тркала, со електромоторот задолжен за задната оска. Всушност може да се најде реално објаснување за тоа што се случува. Електромоторот може да испорача точно дозиран вртежен момент, во вистинското време и буквално за миг. Тоа е мајсторијата. Поинаку кажано, електромоторот реагира исто толку будно и брзо, колку што реагира програмата за стабилност. Прашање е дали таа воопшто има потреба да се вклучува, кога зад воланот седи искусен возач.

Патниот компјутер во меѓувреме пријавува комични резултати. Во Катланово на дисплејот стоеше дека имаме гориво за уште 240 километри. Во Маркова Река на дисплејот пишуваше 233 километри. По враќањето во Скопје, имаме сосем спротивен резултат, компјутерот пријавува гориво за уште 236 километри. Тоа сепак се реални вредностиОд друга страна, тоа не изненадува, зашто до тој момент, со хибриден погон извозевме околу педесетина километри. Намерно не ја поништивме вредноста на просечната потрошувачка на гориво (на струја исто така) за да се увериме каков ефект ќе има нашето возење на струја врз претходното возење.

Третиот ден возење нé води од Центар до средно Водно, па натаму до Свети Пантелејмон, Нерези, и назад до појдовното место. Тоа е најрелевантната тура, имајќи предвид дека истата ќе се вози најчесто од сите во овој наш нов еко-предизвик. На поаѓање повторно имаме 32 километри досег со погон само на струја. Во кабината знаеме дека е постигната саканата температура, зашто вечерта избравме климатизацијата да се вклучи 15 минути пред планираното поаѓање во следното утро.

Додека Countryman е приклучен на полнач, може однапред да се избере време за климатизацијата да се вклучи и да ја разлади или загрее кабината – без да се црпи енергија од батеријата и да се скусува досегот

Така и се случи, клима-уредот за тоа време црпеше струја од кабелот, за кабината да ја излади точно по желба. Тоа е мошне корисно, зашто во спротивно климата ќе мора да влече енергија од батеријата. Кога кабината е однапред изладена, и климата во текот на возењето помалку се оптоварува за да ја одржува температурата. Во секој случај е потребно да се има предвид работата на климата, за да не се одзема од досегот.

По скршнувањето на Средно Водно по патот за Св. Пантелејмон, имаме енергија во батеријата за уште 11 километри. Оваа делница пак се покажува како најпогодена за возењето на струја. По секоја блага надолнина следи исто таква нагорнина, од којашто поголемиот дел може да се совлада само со инерција. А токму во тој момент стапува на дело главниот талент на електричнот погон, да произведува струја на надолнина и на отпуштање „гас“. Така и се случува покрај Св. Пантелејмон да имаме батерија за уште 8 километри. А оттука, следи спуст, што значи чисто произведување енергија. До Козле, Countryman произведе енергија за седум километри, односно добивме вкупно 15 километри досег! Комотно продолжуваме до Стадионот, со 10 километри во „гепек“. Мерачот за гориво со непромет статус. Од услугите на моторот немаше потреба ниту за миг.

Релативно полната батерија ќе биде добредојдена, зашто следи уште еден предизвик, најголемиот. Тоа ќе го скуси полнењето. Турата ја завршуваме со искачување на Скопска Црна Гора. Во меѓувреме извозивме една меѓутура од 4 километри. Сепак и ние во редакцијата на Аутомедиа имаме апетит. Оваа куса тура сепак не е толку „куса“, затоа што за истрошената енергија да се надомести, потребни се веројатно триесетина минути на полнач. Во тоа време поважно беше да се искачиме навреме, отколку да чекаме уште половина час до 100 проценти.

Го минуваме Радишани, по десетина минути веќе возиме во шума. Батеријата издржува до Бродец. Тоа се „километрите“ што ни недостигаат, затоа што го скусивме полнењето до врв. До висорамнината горе преостануваат нешто повеќе од четири километри. Mini го минува и ова искачување без какви било траги на напрегање или немоќ, но затоа со апсолутно уживање за возачот – кога последен пат сте го слушале црцорењето на птиците возејќи се во автомобилот?

Првпат од почетокот на еко-предизвикот, мерачот за гориво се помести; Вистинската сензација следи по завршетокот на спустот; Mini произведува струја за да нé одвезе до појдовното место

Главното прашање е колку километри ќе „произведе“ погонската спрега на Countryman до завршетокот на спустот, до Бутел? За пет километри спуст, кусо по Бродец се покажува дека батеријата има енергија за 5 километри возење. Полнењето понатаму како да се забрзува. Запираме на автобуската станица по спустот од планинскиот пат, само за подобро да го регистрираме сензационалниот податок: Батеријата има „сок“ за 15 километри пат! Енергија произведена чисто под дејство на силата на земјината тежа!

Можеби компјутерот греши. Но, не. Под Кале, во батеријата останува енергија за уште 10 километри возење. Патниот компјутер пак ја поправа прогнозата и вели дека бензинот би ни бил доволен за уште 202 километри. Кој воопшто се интересира за бензинот? Ова Mini повеќе извозе на струја, отколку на бензин.

Завршна тура од сто километри, слична на таа што се користи при нормирано мерење на потрошувачката на возилата со плагин хибриден погон – само, по малку побрза

И, така ќе го завршиме овој еко-предизвик? Нема шанси! Следат уште точно сто километри. По повеќечасовното полнење на батеријата додека не „исклучи“, Mini ни ветува 41 километри досег на струја. Возиме пак во правец на Катланово, до клучката со автопатот. Струја имаме за уште 11 километри. Просечната брзина е 46,8 km/h, просечната потрошувачка на струја е 13,9 kWh на 100 километри. За назад, батеријата држи точно до скршнувањето кон автопатот, кај Дрма. Понатаму, го поставуваме темпоматот на 120 километри на час и Mini нé вози по обиколницата, до Сарај.

Бројките за завршетокот на 100-километарската тура. Просечна потрошувачка на гориво 4,0 l/100 km, просечна потрошувачка на струја 5,3 kWh/100 km, просечна брзина 51,6 km/h, а во резервоарот гориво за уште 190 километри. По оваа тура што се состоеше од 40 km возење на струја и 60 km возење со хибриден погон, мерачот за гориво се помести за уште дена осмина.

Според груба пресметка, за три дена извозевме вкупно 320 километри, од кои 208 километри чисто на електричен погон, додека останатите 112 километри со хибриден погон. Возењето се состоеше од вкупно шест тури, од кои две ги минавме само со погон на струја – тоа беа двете повратни тури до Матка и по Водно.

Големо ДА за целата комбинација: За плагин хибридниот погон, за Mini, за јубилејот и за посебната понуда за моделите на британската марка во М Кар, во чест на 60-годишнината

Со еко-предизвикот со Mini Cooper S E Countryman 4All се покажа дека во секојдневието е сосем реално да се очекува дека вообичаената дневна тура со автомобил може да се извози само со погон на батерија, односно со досегот од четириесетина километри. Полнењето на батеријата со капацитет од 7,6 киловатчасови чини околу 21 денари, доколку се користи ноќна тарифа на струјата, односно 42 денари, во случај кога возилото е приклучено на полнач преку ден.

За сто километри да се извозат со погон на струја, со најмалку две дополнувања на батеријата во меѓувреме, трошокот за искористената електрична енергија би изнесувал околу 50 денари. За споредба, според искуствени податоци, СУВ-модел со дизел мотор во класата на Countryman троши просечно 7 литри на сто километри. Трошокот за гориво, според актуелната цена за дизсл гориво, би изнесувал околу 450 денари. Тоа е деветкратна разлика.

Завршната кружна тура од 100 километри ја извозевме со цел да ги добиеме просечните вредности за потрошувачката на бензин и на електрична енергија – кои важат само за конкретниот случај, односно за растојание од 100 километри и при поаѓање со полна батерија. Пресметката е многу посложена за тоа да може да се резимира во неколку реченици, но генерално: Трошокот за сто километри пат изнесува 21 денари за полнење на батеријата со којашто ќе се извозат четириесетина километри, плус 278 денари за четири литри бензин, колку што пријави патниот компјутер како просечна вредност на потрошувачката на гориво.

Вистинската предност се покажува при секојдневното користење на возилото, за пат до работа и назад, како и неколку куси тури – кој не минува повеќе од 40 километри на ден во просек, може да смета на тоа дека Countryman ќе може да го вози само на струја. Со цена од 50 денари за секои сто километри пат.

Нормално дека во целата приказна постои и нешто многу важно, а тоа е цената. За стандардна изведба на Mini Cooper S E Countryman 4All треба да се издвојат 39.740 евра. Тоа е со ослободување од акциза, плус акциска понуда во чест на големиот јубилеј на 60 години на Mini.

Ние ќе го водиме овој автомобил како „малечок“ Rolls-Royce за палавковци – со соодветен стил и начин на живот. Благородничката британска марка исто така е во концернот, тоа не е да се запостави

Цената, значи. Во Mini свесно почнаа уште рано да го развиваат и да го применуваат електричниот погон. Mini возеше на струја уште пред сите, во рамките на тест-проект. Во меѓувреме, Countryman почна прв да вози со плагин-хибриден погон, како автомобил што може да се нарача нормално во салон. Се вели „свесно“, затоа што стратезите во Mini сакаат нивните возила да се издвојуваат во масата. Вака, се издвојуваат уште повеќе.

Овој Mini Countryman, односно со сите негови „презимиња“ Cooper S E Countryman 4All Chilly, двои на паркинг и на семафор. Познавачите веднаш ќе забележат дека станува збор за „минито што вози на струја“, улицата ќе зборува за „го имаш ли видено минито што вози на струја“, а секако дека нема да го пропушти податокот дека „тој/таа полни батерија за 50 денари и вози цел ден.“ Ова е автомобил со материјал за урбаната средина да го спомнува и забележува.

Mini секако си прави услуга, зашто утре ќе има уште повеќе модели со плагин-хибриден погон во понудата. Во меѓувреме, Cooper S E за неколку месеци ќе почне да вози по улиците низ Европа како чисто електричен автомобил.

Countryman пред одвај десетина денови доживеа и мал „апдејт“ на салонот во Франкфурт. Британците претставија верзија со поголема батерија. Таа реално минува повеќе од 50 километри со едно полнење.

Преглед на турите во еко-предизвикот со Mini Cooper S E Countryman 4All

Вкупно извозевме 320 километри, од кои 208 км со погон само на струја и преостанатите 112 km со хибриден погон. Наведена состојбата на километражата е на одделните одредишта, а „извозени km“ се однесува на должината на одделната тура. Во редовите што се издвоени со сива заднина, наведен е делот од турата што е комплетиран со хибриден погон, по празнењето на батеријата.

Од

До

km-состојба

Извозени km

М Кар

Матка

6128

14

Матка

Карпош

6142

14

Карпош

Центар

6150

8 (хибрид)

Центар

Катлановска Бања

6178

28

Катлановска Бања

Центар

6186

8

Катлановска Бања

Центар

6208

22 (хибрид)

Центар

Маркова Река

6229

21

Маркова Река

Центар

6233

4

Маркова Река

Центар

6250

17 (хибрид)

Центар

Водно-Центар

6274

24

Центар-Центар

Центар-Центар

6278

4

Центар

Ск. Црн. Гора

6300

22 км

Центар

Ск. Црн. Гора

6305

5 (хибрид)

Ск. Црн. Гора

Центар

6333

28

100 км „круг“

6374

41

100 км „круг“

6434

60 (хибрид)

Технички податоци · MINI Cooper S E Countryman ALL4

Каросерија

  • Број врати/седишта 5 / 5
  • Висина/Ширина/Висина mm 4299 / 1822 / 1559
  • Меѓуоскино растојание mm 2670
  • Трага напред/назад mm 1563 / 1565
  • Круг на вртење m 11,4
  • Резервоар ca. L 36
  • Моторно масло l 4,25
  • Масло во менувач и диференцијал l Трајно полнење
  • Празно возило според DIN/EU kg 1660 / 1735
  • Носивост според DIN kg 610
  • Дозволена вкупна тежина kg 2270
  • Оптоварување на оска напред/назад kg 1115 / 1200
  • Тежина на приколка со сопирачки (12 %) / без сопирачки kg – / –
  • Товар на покрив/Товар на влечна кука kg 75 / –
  • Багажник l 405 – 1275
  • Отпор на воздух cx / A / cx × A – / m2 / m2 0,32 / 2,41 / 0,77

Мотор со внатрешно согорување

  • Конструкција/Цилиндри/Вентили Линиски / 3 / 4
  • Контролна електроника MEVD 17.2.3
  • Зафатнина cm³ 1499
  • Пречник/Од mm 82,0 / 94,6
  • Компресија :1 11,0
  • Гориво RON 91–98
  • Моќност kW / КС 100 / 136 при вртежи min–1 4400
  • Вртежен момент (Overboost) Nm 220 при вртежи min–1 1250 – 4300

Електромотор

  • Конструкција Електричен синхронен мотор
  • Моќност kW / КС 65 / 88 при вртежи min–1 4000
  • Вртежен момент Nm 165 при вртежи min–1 0 – 3000

Високонапонска батерија

  • Техника/Место Литиум јон / под задна клупа
  • Капацитет (бруто) kWh 7,6
  • Времетраење на полнење за 100 % Полнење 2,5 h при 3,7 kW (16 A / 230 V)

Погон

  • Погонски концепт Целосен хибриден погон, погон на сите тркала специфичен за хибрид, бензински мотор за погон на предните тркала, електромотор за задните тркала
  • Системска моќност kW / КС 165 / 224
  • Системски вртежен момент Nm 385

Подвозје

  • Водење на предни тркала Независно, мекферсон, со алуминиумски лежишта и компензација на потонување при сопирање
  • Водење на задни тркала Со повеќе водилки, олеснети надолжни водилки
  • Сопирачки напред Диск, вентилирани
  • Сопирачки назад Диск
  • Системи за стабилност Хидрауличен 2-кружен систем за сопирање со ABS, електронска распределба на сила на сопирање и помош при сопирање во свијоци CBC, контрола на стабилност (DSC) со асистенција за сопирање, помош при поаѓање на нагорнина, сушење на сопирачки дискови, компензација за фејдинг, динамична контрола на тракција (DTC) и електронска блокада на диференцијал (EDLC). Паркирна сопирачка електрична, дејство на задни тркала
  • Управување Електрично серво, запчеста летва, сервотроник
  • Пренос во управување :1 14,0
  • Гуми 225/55 R17 97W
  • Бандажи 7,5J × 17 LM

Пренос

  • Вид на пренос 6-степен Steptronic
  • Преносни односи I :1 4,459 II :1 2,508 III :1 1,556 IV :1 1,142 V :1 0,851 VI :1 0,672
  • Рикверц :1 3,185
  • Диференцијал :1 3,944

Перформанси

  • Забрзување 0–100 km/h s 6,8
  • Крајна брзина km/h 198
  • Крајна брзина, на струја km/h 125

Потрошувачка во EU-циклус за хибридни возила

  • Просек l/100 km 2,5 – 2,4
  • Емисија на CO2 g/km 56 – 55
  • Просечна потрошувачка на струја kWh/100 km 13,7 – 13,4
  • Досег на струја km 41 – 42

Ти се допаѓа? Сподели со пријателите!

156
21 shares, 156 points
Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

0 Comments

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *