за

Mini Countryman: Возачко уживање во секоја пригода

Со втората генерација на Mini Countryman, британската марка повторно погодува таму кадешто е најгусто, во сегментот на компактните кросовери. Во 57-годишната историја не постоел поголем модел на Mini. Каросеријата порасна за 20 сантиметри, багажникот собира 450 литри, има и хибриден модел со 40 километри возење на струја.

Mini ја лансира втората генерација на Countryman како најголем и најпрактичен модел во близу шестдецениската историја на марката. Кросоверот од компакт сегментот пристига со повеќе простор во кабината, поголема функционалност, поубедлива спортска нота и секако карактер на премиум автомобил. За првпат Mini е достапен и како плагин-хибрид, со досег од 40 километри во електричен модус.

Каросеријата порасна за 20 сантиметри во должина и 3 сантиметри во ширина. Со меѓуоскиното растојание зголемено за 7,5 сантиметри се доби повеќе простор во кабината, а и до задната клупа повеќе не мора да се пристапува преку тесни врати. Задната клупа се поместува надолжно 13 сантиметри, за повеќе простор за патници или повеќе место во багажникот. Со максимални 450 литри, багажникот конечно нуди волумен колку што е потребно за намената на моделот. Верно на британската традиција, од багажникот може да се извлече „клупа за пикник“.

Mini Countryman

Најголемата промена во изгледот е во формата на предните светла, коишто отстапуваат од традиционалната тркалезна форма за Mini. Со доплата за диодни светла се добива впечатлив ефект, со светлечки прстен околу светлата – во стил на „ангелските очи“ на мајката BMW. Ентериерот е преработен во согласност со останатите модели од новата генерација.

Mini останува верен на традицијата на марката и на британската традиција

Централниот контролер и прекинувачот за електричната паркирна сопирачка се поставени во средишната конзола меѓу седиштата. Весел детал е прстенот од светлечки диоди околу типично доминантниот инструмент во арматурната табла, којшто ја менува бојата според возењето и при ракувањето со кокпитот. Со „пакетот за возбуда“ се добиваат диодни светла во ретривозорите кои го проектираат логото на Mini при отклучување на вратите.

Погонската понуда во почетокот ја сочинуваат четири мотори познати од останатите модели.

  • MINI Cooper Countryman: 3-цилиндри, 1 499 cm3, 136 КС, 220 Nm
  • MINI Cooper S Countryman: ­4 цилиндри, 1 998 cm3, 192 КС, 280 Nm
  • MINI Cooper D Countryman: ­4 цилиндри, 1 995 cm3, 150 КС, 330 Nm
  • MINI Cooper SD Countryman: ­4 цилиндри, 1 995 cm3, 190 КС, 400 Nm
  • За првпат во Mini се нуди и плагин-хибридот MINI Cooper S E Countryman ALL4 со комбинација од трицилиндарски бензинец од 1,5 литар и 136 КС и електромотор со 88 КС, што произведува системски 224 КС и 385 њутнметри.

Како опција е достапен 6-степен менувач со двојна спојка, односно 8-степена верзија за MINI Cooper S Countryman и MINI Cooper D Countryman. Во дизелот со 190 КС, овој менувач следува како стандард.

MINI Cooper S Countryman ALL4 со 8-степен Steptronic забрзува до сто за 7,2 секунди или за 0,9 секунда покусо во споредба со претходникот. Шампион во штедење, со исклучок на хибридот, е MINI Cooper D Countryman, со 4,3 литри на сто километри. Хибридниот MINI успева со само 2,1 литри.

Побрза реакција и покомпактни димензии на новата генерација на ALL4

Сите мотори може да се комбинираат со новата генерација на погон на сите тркала All4. Погонот се состои од единица „power-take-off“ вградена во предниот диференцијал, карданско вратило до задната оска и спојка „hang-on“, којашто ја одредува распределбата на вртежниот момент до задните тркала. Новата генерација на погонот на сите тркала се одликува со побрза реакција, како и со намалена тежина и димензии.

Како опција се нуди приспособлива контрола на амортизерите, со електронска регулација, исто како и Mini Driving Modes со три сетапи на возилото: Mid, Sport и Green. Овие сетапи влијаат врз реакцијата на педалот и на управувањето, на климатизацијата, а во зависност од моделот и на звукот на моторот и на работата на менувачот со двојна спојка.

По пример на претходникот којшто своевремено направи неколку револуционерни чекори во поврзувањето и користењето преносни уреди, новакот ја додава функцијата Country Timer, којашто го мери времето кога Countryman се вози надвор од асфалт или по снег и мраз и во исто време на дисплејот ја прикажува тежината на предизвикот за возачот при возење по терен.

Од претходната генерација на Countryman од 2010 година се продадоа над 540.000 примероци. Премиерата на новиот модел ќе се случи на 18-ти ноември на салонот во Лос Анџелес, за испораката на европскиот пазар да следува во март.

[FAG id=25994]

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

BMW со нов филм: Бркотница со новата серија 5 и Клајв Овен

Вака реагираат Британци кога возач се однесува како да е оттука