174
22 shares, 174 points

Mini ја заокружува јубилејната година со погодена симболика. На салонот во Лос Анџелес (од 22-ри ноември), марката со богата традиција настапува со електричен Cooper SE и со екстремни изведби John Cooper Works спроти него. Приближно така ќе изгледа и иднината на британската марка со вредна традиција.

Големата британска марка со малечките автомобили годинава ја мина во одбележување на својата 60-годишнина. Пред крајот на 2019, Mini ќе спои две крајности, кои ќе имаат национална премиера на салонот во Калифорнија, што почнува во следниот викенд. На едната страна на салонскиот штанд во Лос Анџелес ќе се појави електричен Cooper SE, а спроти него екстремни спортски изведби со обврзувачкото име – John Cooper Works.

Уште пра-минито имаше верен круг обожуватели во САД, кои се одушевуваа од генијалниот просторен концепт на Сер Алек Исигонис, во спој со врвни возни својства. Продажбата на новите генерации на Mini од другата страна на океанот напредува сосем примерно. Дилерската мрежа во меѓувреме опфаќа 122 локации во 39 сојузни држави. Во САД се нуди целата моделска гама на Mini, од „оригиналната“ верзија со три врати, преку кабриолетот и комбито Clubman, до Countryman.

Mini E уште пред десетина години го тестираше електричниот погон, сегашниот SE настапува како сериски модел без ограничувања во секојдневието

Mini Cooper SE настапува како прв малечок автомобил кој вози чисто на струја во премиум сегментот. Електромоторот од 184 КС се грижи за спринтот до темпо 100 да трае одвај седум секунди. Батеријата што е вградена во подот дополнително го спушта тежиштето, а тоа значи дека профитираат и возните својства.

Како основа за „SE“ служи верзијата на Mini со три врати со обичен погон. Електричниот модел се разликува по затворената маска, жолтите логоа Mini Electric и по бандажите со препознатлив изглед. Производството е во фабриката во Оксфорд, покрај обичните модели. Испораките за САД ќе стартуваат во март следната година.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Во одлична форма настапуваат моделските изведби со традиционалното име John Cooper Works. Комбито Clubman и компактниот СУВ-модел Countryman во оваа екстремна изведба добија нов четирицилиндарски турбо бензинец со 306 КС. Моќноста е за 75 КС повисока во споредба со претходните верзии на моделите (има и +100 Nm), со што значително се поместуваат динамичните способности.

Каросеријата трпи преправки заради вградувањето на новиот мотор со 306 КС

Погонската спрега ја комплетира нов 8-степен Steptronic Sport, заедно со механичка блокада на диференцијалот на предната оска, со погон на сите тркала All4, со врвно дотерано подвозје и со неколку зафати во каросеријата, заради нејзино дополнително зајакнување. Спринтот од место до 100 km/h во новиот Mini John Cooper Works Clubman трае 4,9 секунди.

Ексклузивноста на Countryman во верзијата John Cooper Works се огледува мошне верно и во цената. Според германскиот ценовник, JCW чини 46.900 евра, наспроти 25.550 евра за основната изведба One. За нашите искуства со плагин-хибридната изведба на СУВ-моделот можете да прочитате на следнава врска.


Ти се допаѓа? Сподели со пријателите!

174
22 shares, 174 points
Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

0 Comments

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *