за

Mini вози на струја, повторно

Mini Cooper SE
Mini Cooper SE

Електричните автомобили одамна станаа дел од урбаниот животен стил во европските метрополи. Меѓутоа, возачите на Mini, кои се во самото јадро на урбаното живеење, досега мораа љубоморно да гледаат додека другите возат автомобили на струја. Тоа ќе се смени.

Во ноември, од погоните во Оксфорд ќе излезат првите примероци од електричниот Mini. Нема потреба од изградба на посебна фабрика, зашто електричниот модел со ознака Mini Cooper SE се разликува само малку од неговите браќа со обични мотори. Концептот и дизајнот се идентични, исто како и димензиите, просторот во кабината, а благодарение на тоа и цените се држат во разумни граници.

Британците, инаку, уште во 2008 година го пуштија првиот Mini E. Но, тоа беше проект со околу 600 возила, кој имаше за цел да испита дали бизнис-моделот се исплатува. Досегот од 240 километри не беше драстично помал отколку на сегашниот модел. Но, тогашната батерија тежеше 350 килограми и го заземаше целиот простор на задната клупа и багажникот.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Mini Cooper SE е различен во тој поглед. Литиум-јон батеријата е вградена во подот и има форма на буквата Т. Тоа е добро и за возните својства, зашто тежиштето е ниско. Багажникот со неговите 211, односно 731 литри, не губи ништо. Разликата е во висината. За батеријата да биде повеќе одалечена од подлогата, каросеријата е подигната за еден и пол сантиметар.

Разликите со обичниот модел се во затворената маска со жолтата лента, во аеро-бандажите што се достапни како опција и, секако, во отсуството на издувна цевка. Електромоторот со 184 КС потекнува од BMW i3 и испорачува 270 њутнметри до предните тркала уште од старт. Со спринтот до 60 km/h за 3,9 секунди, Mini SE ги остава зад себе и спортските автомобили. Но, потоа сé доаѓа во нормала.

Забрзувањето до темпо сто трае 7,3 секунди, крајната брзина е ограничена на 150 km/h

Досегот изнесува меѓу 235 и 270 километри. На полнач со моќност од 11 киловати, батеријата се полни за три и пол часови. Доколку стои на располагање брз полнач, кои обично се поставуваат на автопатиштата, полнењето до 80% трае 35 минути. Посебна апликација дозволува пристап и стартување на Mini SE преку паметен телефон.

Како што е веќе стандард кај новите електрични модели, ретко има потреба од притискање врз сопирачките, затоа што брзината може да се контролира само преку „гасот“. Забавувањето е изразено, притоа електромоторот работи како генератор и ја претвора кинетичката енергија во струја, односно ја полни батеријата. Возачот има избор од два степени на „електромоторно“ сопирање.

Цената во Германија изнесува 32.500 евра, што е најскапа моделска изведба во гамата на Mini со 3 врати. Според моќноста, споредбен модел е Mini Cooper S, со цена од 26.000 евра.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

mitsubishi pajero sport 2019

Mitsubishi најавува освежување за Pajero Sport

Maserati Levante GTS, Trofeo

Levante со мотор V8 од Ferrari стана најсилен Maserati во историјата