за

MG се враќа на европскиот пазар во 2019 година

Некогашната спортска икона од островот денес продава секојдневни автомобили со висока противвредност. На кинеските сопственици им е важно MG да стекне поголема популарност во Европа, како основа марката да го привлече и вниманието на купувачите во Кина. Моделите и не се толку неинтересни.

По дванаесетгодишно отсуство, традиционалната британска марка во сопственост на кинескиот SAIC, се враќа на европскиот пазар. MG веќе шест години се продава во островската држава под капа на Кинезите, но пазарот не ги прифати толку одушевено новите модели, коишто се сосема различни од автомобилските икони што го изградија името на марката. Слабата продажба во Велика Британија го одложи и планираниот старт на „новиот“ MG на поширокиот европски пазар.

На тековниот салон во Шангај е објавено дека MG од крајот на 2019 година повторно ќе биде достапен за купувачите во поголемите автомобилски пазари во Европа. Моделската понуда ќе се состои главно од лесни теренци и комбилимузини во градската и компакт класата.

MG GS

Актуелниот сопственик SAIC пред десет години ја презеде британската марка, по спојувањето со Nanjing, којшто во 2005 година ги купи погоните на MG Rover, како последна марка големосериски автомобили во британска сопственост. Моделите на MG Motors моментно се увезуваат од Кина, откако лани беше прекината монтажата во фабриката во Лонгбриџ.

Слабата продажба во Британија ги спречи плановите за ширење на европскиот пазар

За дистрибуцијата на модели на европскиот пазар ќе биде задолжен новиот огранок на компанијата со седиште во Луксембург. Првичниот план беше возилата да се испорачуваат директно од Британија, но по излегувањето на земјата од ЕУ сепак мораше да се изнајде соодветно решение. Кинеско-британската марка моментно е во преговори со големите дистрибутери, а се размислува и возилата да се нарачуваат директно од производителот, преку интернет.

MG3

Моделската понуда ќе ја сочинуваат малечкиот кросовер ZS, наследникот на компактниот кросовер GS и градскиот автомобил MG3, исклучиво со бензински мотори – дизел не се нуди во MG. Стартната цена за MG3 со 1,5-литарец со 106 КС изнесува 8.695 фунти, додека GS стартува од 15.095 фунти. Лани на пазарот во Велика Британија се продадоа нешто повеќе од 4.000 возила, за една третина повеќе отколку преклани. Продажбата во Европа е важна и за кинескиот пазар, затоа што тамошните купувачи ги ценат возилата што се популарни меѓу европските возачи.

SAIC постигнува одлични продажби на пазарот во Кина, но помалку со сопствените марки, отколку со партнерствата со Volkswagen и General Motors. Марката Roewe, којашто исто така е во сопственост на Кинезите и во основа е наследник на Rover, лани продаде над 240.000 возила во Кина, додека од марката MG се продадоа околу 80.000 возила. Двете марки користат иста погонска техника.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Купувачите сакаат Ford во осум нијанси на сиво

ЕУ бара наплата на патарина според емисијата на СО2