за

Mercedes X-Class: Пикап за благородници што ‘рмбачат

Mercedes X-Class

Пикапот е синоним за работно возило на вредни луѓе. Но, денес не постои вистина што не може да се преиначи. Mercedes X-Class пристига како прв пикап од премиум марка. Купувачите ќе плаќаат двојно за нивниот камионет да носи ѕвезда. И техниката е позајмена.

По најинтелигентната лимузина во светот и по крстосувачот што веројатно се увезува од друга планета, по E-Class и S-Class, следното што пристига од марката со сребрената ѕвезда е Mercedes X-Class. Светот го доби првиот пикап од премиум марка. Малостопанствениците, авантуристите, одржувачите на предаватели на илјадници метри, отсега ќе можат да уживаат во рмбачењето во автомобил што ги задоволува највисоките стандарди кои ги поставува автомобилското производство.

Премиум-марките можат да продадат што и да наумат

Секако дека Mercedes X-Class не е наменет за класичната клиентела на пикапи и „X“ сигурно не е знак дека ниту во марката не знаат што да прават со возилото. Со добра приказна, пикапот со сребрена ѕвезда ќе ги најде своите купувачи. Предноста на благородните марки е во тоа што денес можат на пазарот да понудат што било – и пазарот да прифати со одушевување.

X-Class го задржува дизајнот на студијата и на историските вредности на пикап возилата им додава квалитетна завршна изработка, поврзување со дигиталниот свет и напредни системи за асистенција.

Mercedes X-Class ќе биде S-Class меѓу пикапите

Може да се избира меѓу три различни моделски изведби, мотори со четири или шест цилиндри, погон назад или погон на сите тркала – постојан или со вклучување по потреба – мануелен менувач или седумстепен автоматик. На тоа се надоврзуваат две варијанти на кожени седишта, три различни дизајни на украсните панели во кокпитот, како и понуда на најразличен прибор. Mercedes X-Class може да се приспособи по желба како никој друг пикап досега.

https://www.facebook.com/MercedesBenz/videos/10155553295191670/

Mercedes X-Class е последниот плод од соработката со Renault-Nissan. Прв беше Citan, на база на Kangoo, потоа следеше двојката Smart fortwo – Renault Twingo. Како основа за пикапот на Германците послужи Nissan Navara, што е сосем пристојна база. Производството исто така ќе се одвива во фабриката на француско-јапонската алијанса во Шпанија.

Причината што Mercedes се вмешува во овој сегмент е големиот раст во продажбата на пикапи на светско ниво. Повеќето од новите клиенти се приватни сопственици, пикапите се во тренд.

Продажбата во Европа стартува во ноември, а потоа следат Јужна Африка, Австралија и Нов Зеланд, па Аргентина и Бразил во почетокот на 2019. Ценовникот за германскиот пазар стартува од 37.294 евра.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Audi e-tron quattro

Зад оваа маска се наоѓа најлутиот конкурент на Tesla

Ford GT

Ford GT „вози“ со 300 мегабајти во секунда – побрзо од борбен авион