158
24 shares, 158 points

На некои автомобили што може да се сретнат во уличното секојдневие, не им се потребни шарени дисплеи среде кокпит, мотори со неколкукратно турбонатполнење, па дури ниту обична електрика за прозорците, за своите сопственици да ги унапредат во најсреќни возачи во светот. Во моментот кога се произведени, а тоа може да било пред триесет, четириесет години, половина век или многу повеќе, овие автомобили како да спуштиле временска рампа, по која ништо не се менува во автомобилскиот свет.

Овој Mercedes 220D, од својата генерација W115, произведувана меѓу 1968 и 1976 година, создава таков впечаток, како времето да запрело во моментот кога тој излегол од фабрика. Многумина ја имаат забележано лимузинава, не само поради нејзиното лакирање во светлозелена боја со металик ефект. Дури и кога таа би била лакирана поинаку, помалку впечатливо, таа пак ќе го привлекува вниманието, зашто е сочувана во совршена состојба.

Постои некоја посебна форма на позитивна енергија или можеби нешто органско во автомобиливе што се избрани да му одолеваат на забот на времето. По неколку часови откако на нашиот профил на инстаграм ги објавивме фотографиите од зелениот W115, направени при случајно минување низ една споредна скопска улица, веќе договаравме термин за интервју со сопственикот на овој олдтајмер, или по ново, јангтајмер.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Тој е Драган Трајковски, млад софтверски инженер на свои 29 години, кој низ своето раскажување за W115 ни откри една вистина, а тоа е дека олдтајмерите стануваат олдтајмери дури откако нивните сопственици ќе почнат да зборуваат за својот автомобил. Дотогаш, овие сведоштва од историјата се само една убава улична појава со благопријатен ретро-ефект, но сепак нема појава. Кога сопственикот ќе ја раскаже приказната, тогаш автомобилот добива душа.

Средбата со Mercedes W115 е сосем случајна, при минување покрај бензинска станица во Велес

Младиот олдтајмерџија во 2017 година е во потрага по олдтајмер, уште неодредено околу марката и моделот, сé додека на минување покрај бензинска станица во Велес не го здогледа автомобилот: „Го прашувам сопственикот дали автомобилот се продава и очекувам негативен одговор. Но, човекот ми кажува, ‘да, се продава’. Во мракот не се гледа ниту бојата, ниту моделот. Можам само да видам дека е стар Mercedes и дека е во некоја темнозелена боја. Толку не се гледа.“

New photo by Automedia MK / Google Photos

Минува една седмица додека Драган првпат го види автомобилот на дневно светло. Компјутерскиот инженер пробува како вози автомобилот и прашува дали работат бришачите, паркирната сопирачка, веројатно очекувајќи да слушне оправдување од тогашниот сопственик, дека нешто не функционира совршено. Место тоа, следи одговор: „На колава сé работи, колава е исправна, не треба да ме прашуваш, сé работи.“ Така младиот Трајковски станува сопственик на ова вредно историско парче.

Автомобилот е од крајот на производството, тоа се ценети примероци на сцената на олдтајмери, особено од љубителите кои сакаат редовно да го користат возилото

Претходниот газда ќе каже дека тоа е првиот приватен Mercedes во Велес, донесен во 1985 година. Станува збор за 220D, значи за модел со 2,2-литарски дизел со 60 КС, произведен во 1975 година, како дел од „Serie 2“. Овие возила од периодот меѓу август 1973 и завршетокот на производството во декември 1976 година се разликуваат од претходната серија по тоа што лајсните на прозорците досегаат до предното крило, задните светла се ребрести, маската е поширока, нема триаголни прозорци напред, а ретровизорите се поголеми и се местат однатре. Како автомобил од крајот на производството, ова е непроценливо вреден примерок на W115.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Ваква шанса не се пропушта, но пак е храброст потегот на Драган, историскиот Mercedes да му биде прв автомобил во лична сопственост. За стопетнаесетката (зарем треба да е чудно тоа што сопствениците ги наведуваат своите мерцедеси во женски род?) да ја достигне сегашната состојба, минуваат две зими во работење во гаража, со расклопување, проверка, замена, одржување или поправка на прилично секој дел од возилото.

За автомобилот да биде во сегашната врвна состојба се вложени две зими работа со голем ентузијазам

Облогите на седиштата се изработени од ново, според оригиналниот пример и по напорна потрага по мајстор што ќе бара разумна цена за тоа. Пред неполни два месеци, спектакуларно зелената W115 доби комплетно нова предна оска. Има и фактор среќа. Драган ги наоѓа сите делови за предницата во дуќан за резервни делови што е пред затворање. Не вклучувајќи го времето што младиот компјутерџија го минува во работа врз автомобилот, овој Mercedes денес вреди најмалку двојно повеќе отколку при купувањето пред две години. Колку точно е „двојно“, тоа е неблагодарно прашање.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Зошто Mercedes, го прашуваме олдтајмерџијата: „Mercedes отсекогаш имале предимство, затоа што биле грандиозни и елегантни лимузини. Брза кола не ме привлекува, како што ме привлекува елегантна и комотна кола. Од тој аспект, мерцедесот секогаш се издвојува и е над другите.“

„Не очекував дека ќе можам да го возам секојдневно“

Трајковски отсекогаш се интересирал за олдтајмери, но немал конкретни планови за купување, сé додека не се укажала можноста за тоа, со реткиот W115. За најголемото изненадување и најголемото задоволство што го причинува стариов мерцедес, тој открива: „Не очекував дека ќе можам да го возам секојдневно, дека со него ќе одам на одмор во Охрид, дека ќе можам да се качам буквално на секоја планина, како секој друг авотмобил. Првично мислев дека ќе го возам повремено, до некоја изложба и назад, а излезе дека тој може да се користи како секојдневно возило. Единствено нема клима.“

New photo by Automedia MK / Google Photos

За овие две години, 220D има извозено 10.000 километри. Според претходниот сопственик, петцифрениот одометар „свртел“ само еднаш. Драган сепак не придава значење на тој податок, а има и причина за тоа: „Кога ја менував предницата, во јуни, ги извадивме вилушките, спиралите, чаурите, споните, сé беше спуштено, колата стоеше на дигалка. Кога ги извадивме, го прашав мајсторот, дали му личи дека нешто е менувано. Тој кажа, не! Сам ќе видиш дека не е ништо сменето, зашто ‘јабучиците’ се заварени на вилушката. Тие се заваруваат само фабрички. Тоа значи, ако се менувани, тогаш ќе бидат набиени. Овие беа заварени и мајсторот ги вадеше со шмиршајбна.“

New photo by Automedia MK / Google Photos

Трајковски е човек од кого дефинитивно може да се размислува околу купување автомобил. Не овој, тоа секако. „За овие две години сменив сé што мислев дека ќе ми направи проблем. Такво нешто повеќе не постои. Сé е сменето, од стабилизаторите што тропкаа, држачите на мотор … Т-држач за мењач, на кого гумата разлабавена, и тој го сменив. Сега колата буквално спие на пат, само се слуша оној препознатлив мерцедесов звук, дизел-звук. Сега е во перфектна состојба,“ ни појаснува тој на нашето невешто прашање дали нешто е останато да се смени на колата.

Вреден показател за состојбата на зелениот Mercedes е тоа што нема празнина во печатите за регистрација, односно во сите години досега, возилото е регистрирано редовно, од година за година.

Секојдневието со ваков впечатлив олдтајмер не е секогаш едноставно: „Секое излегување во град, барем по еден ќе праша колку чини автомобилот. Повеќето го прават од љубопитност. Дури и ако некој ми понуди поголема сума, пак ќе размислам дали да го продадам. Освен парите што се вложени во него, огромно е времето што јас го имам потрошено во возилото.“

New photo by Automedia MK / Google Photos

Но, излегува дека стопетнаесетката е само почеток, иницијална каписла за тоа што се нарекува пасија за олдтајмери. Пред околу една година, Драган дознава дека во близина на неговиот дом постои стар Mercedes што би можел да му го привлече вниманието. Не се знае ниту моделот, ниту бојата, постои само површно познанство со сопствениците. „Отвораме гаража, врз колата еден прст прашина. Не се гледа бојата, од прашината. Гледам дека е W123, со корозија на крилата и вратите. Првично, не сум заинтересиран. Останува да ја погледнам внатре. Има што да видам. Седиштата се како нови,“ раскажува младиот Трајковски за вториот Mercedes што пристига во неговиот двор.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Конечната одлука паѓа кога Драган ги забележува патосниците. На подот има три реда патосници – најгоре гумени, па црни, па оригиналните фабрички патосници. Последниве не доживеале човечка нога да стапне директно на нив. „Подот недопрен. Оригинална боја… ништо не е крпено, не е поправано… воланот сé уште ребрест, значи не е возена… сервисна книшка со 150.000 километри… станува импресивно… на крај гледам радио Becker, со автоматска антена, што се подигнува при палење.“

Се чини дека наскоро ќе има братско ривалство во возниот парк на ИТ-инженерот: „Во основа, W123 сега е во подобра состојба отколку што е стопетнаесетката.“

Сепак приказната за јангтајмерот не завршува во неговиот двор или гаража, туку интересот на публиката победува и W115 веќе е позната низ фото студијата ширум Македонија. Првата фотосесија и изнајмувањето на автомобилот за венчавка роди голем интерес кај младите и веќе се работи на повеќе проекти за идни фотосесии за различен вид на настани.

Иако стара 44 години, колата живее во модерново време благодарение на фотографиите кои се објавени на социјалните мрежи и се лесно достапни за секој кој сака да ги погледне.

За поубаво да ја доживеете приказната за безвременската машина, следат линкови и QR код кои водат директно во светот на магичниот Mercedes W115.


Ти се допаѓа? Сподели со пријателите!

158
24 shares, 158 points
Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

0 Comments

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *