за

Супертранспортер: Mercedes Sprinter со дизел V6 и погон 4х4

Mercedes Sprinter Tourer

Шестцилиндарец што преде под хаубата, автоматски менувач со седум степени и погон на сите тркала од австриски специјалист, па сето тоа уште во комбинација со електронски асистент што говорните команди ги претвора во дело, со електромотори што ги затвораат вратите …. . И уште, место за девет патници, можност за доплата за лизгачка врата отстрана … И сребрена ѕвезда со три краци на воланот. Нешто тука не е како што треба. Каква е таа лимузина на Mercedes, или СУВ, со место за деветмина? Не е лимузина, но во секој случај е Mercedes. Сето претходно наведено е реалност во Sprinter, кој годинава стартуваше во нова генерација.

Тоа што огранокот Mercedes Vans ја нуди оваа луксузна лимузина, „вградена“ во големо комбе, секако дека не е каприц на марката. Хотелите во престижните зимски одморалишта, на Тирол, во Сент Мориц или Кортина, обично поседуваат соодветно фин превоз за своите клиенти. Замирисано комбе со продупчен издув, тешко дека ќе одушеви некого во такви средини.

Дека станува збор за погон на сите тркала од најсолидна сорта, докажува фактот што верзијата 4х4 на новиот Sprinter е 150 килограми потешка од обичната верзија. Толку метал има вградено дополнително во погонската спрега. Специјалистот за погон на сите тркала, австриската фирма Oberaigner, соодветно го има зголемено и растојанието од подлогата за повеќе од десет сантиметри.

Не само погон на сите тркала во Mercedes Sprinter, туку и редукција, но не и блокада на диференцијал

По желба, шестметарскиот Sprinter може да поседува и теренска редукција, којашто сигурно ќе биде од голема помош во случај кога приколката со скапоцениот багаж на патниците е блиску до максимално дозволените 3,5 тони. Вртежниот момент од моторот се распределува во фиксен сооднос меѓу предната и задната оска – 35 проценти напред, 65 проценти назад.

Mercedes Sprinter Tourer 4x4 v6 13am#

Блокада на диференцијал не постои. Интелигентна електроника ја презема задачата да „најде“ тракција во ситуациите кога теренот го соочува возачот со предизвик. Познатиот систем на Mercedes за контрола на тракцијата, 4ETS, е составен дел од посебно изведената контрола на стабилноста (ЕЅР).

Во случај кога некое од тркалата ќе изгуби тракција, 4ETS автоматски го потсопира тркалото – или повеќе тркала – пуштајќи куси и точно дозирани импулси до сопирачката на тркалото. Во исто време, тркалата што имаат подобра тракција, добиваат и повеќе њутнметри. Според Mrcedes, нивниот систем целосно заменува три диференцијали – средишен, за предната и за задната оска.

Mercedes е единствен што нуди шестцилиндарец во комерцијално возило во овој сегмент

Кога се ставени синџири на тркалата, може преку посебно копче да се исклучи контролата на тракцијата. Кога Sprinter ќе се извлече од снегот или мразот и ќе постигне брзина меѓу 40 и 60 km/h, контролата на тракцијата повторно се вклучува автоматски.

Mercedes Sprinter Tourer 4x4 v6 12am#

Кога на Sprinter стои бројката 319 CDI, тоа значи дека под предната хауба работи трилитарски дизел со шест цилиндри. Моторот располага со моќност од 190 КС и со максимален вртежен момент од 440 њутнметри. Секако дека Mercedes е единствениот што нуди V6 во овој сегмент. Автоматски менувач со седум степени следува со доплата, во замена за мануелниот менувач со шест степени. Возењето во транспортер за девет лица, со шестцилиндарец и автоматски менувач, секако дека е единствено доживување.

При возењето по стрмни патишта, важна е улогата на системот LAC, кусо од Load Adaptive Control. Тој автоматски препознава колку е натоварен Sprinter и воедно го пресметува тежиштето на возилото. Овие информации понатаму се пренесуваат до погонската спрега, како и до системите за контрола на стабилноста. Големиот круг на вртење од 14 метри сепак укажува дека станува збор за товарно возило, тоа не може да го прокрие ниту Sprinter во оваа престична моделска изведба.

Комуникацијата меѓу возачот и комбето се одвива преку MBUX, исто како во новата A-Class

Но, овој скап транспортер повторно ќе се обиде да ги докаже своите „автомобилски“ квалитети. На списокот со дополнителна опрема стои MBUX, истиот систем за говорни команди кој доживеа премиера во новата A-Class и според Mercedes е во голема предност наспроти сличните системи на конкурентските марки.

Mercedes Sprinter Tourer 4x4 v6 7am#

Mercedes не е марка што се избира прва во сегментот на товарните возила, но очигледно дека производителот е сосем спокоен со тој факт. Место поевтина изведба што ќе го зголеми кругот на купувачи, марката нуди уште попрестижна изведба на својот Sprinter. Дисплејот во средина има ист пречник од 10,25 инчи како во A-Class, иако не изгледа така во џиновската кабина на транспротерот, и исто така се ракува преку допир.

Овој лимузински луксуз во транпортерот со трилитарски V6, врвен автоматик, комотни седишта и избрани материјали според стандардите на сребрената ѕвезда, секако дека има и своја цена. Стандардната изведба на Mercedes Sprinter Tourer со трилитарски V6 во германскиот ценовник 56.577 евра. За погон на сите тркала се доплаќа екстра, исто и за автоматски менувач, плус дополнителна климатизација за патничкиот простор, скалило со електрично задвижување… Цената може да достигне основен модел на Mercedes S-Class, но таа не е комбе. Луксузно. В година ќе стане уште „полуксузно“. Пристига eSprinter, како придружба на eVito.

[FAG id=36306]

ИЗБОР НА СТАВКИ ОД ДОПОЛНИТЕЛНАТА ОПРЕМА

(цени во евра)

  • Пакет со активен асистент за сопирање, мултифункциски волан, камера за рикверц, следење лента, предупредување при замор · 1260,-
  • Систем за паркирање, при доплата за систем MBUX · 1735,-
  • Радарски темпомат · 866,-
  • Автоматски менувач 7GTronic · 2104,-
  • Погон на сите тркала · 8647,-
  • – погон на сите тркала со редукција · 9196,-
  • Старт-стоп · 250,-
  • Мануелна регенерација на филтер за гареж · 250,-
  • Резервоар од 93 литри · 290,-
  • Електрична паркирна сопирачка · 290,-
  • Алу-бандажи 6,5 х 17 инчи · 960,-
  • ЛЕД светла · 1600,-
  • Електрично ракување со странична врата · 929,-
  • Дополнителна врата лево · 960,-
  • Скалило десно, електрично задвижување · 724,-
  • Дополнително затемнети стакла · 461
  • Металик лак · 1458,-
  • Лакиран браник · 550,-
  • Хромирана рамка на предна маска · 230,-
  • Електрично собирање ретровизори · 50,-
  • Имитација на кожа, Артико · 60,-
  • Електирчно местење за возачко седиште · 1028,-
  • Комфорно седиште за возач, осцилациско · 490,-
  • I, II и III ред седишта, секој по · 900,-
  • Клима уред, автоматски, Термотроник · 2300,-
  • Дополнителна клима за патнички простор · 1990,-
  • MBUX · 1701,-
  • Кожа на волан · 181
  • Пневматска амортизација · 2490,-
Основни технички податоци · Mercedes Sprinter Tourer 319 CDI 4×4

(стандардна изведба со висок покрив, 3500 kg; погон на сите тркала)

Мотор DE30LA, издувна норма Euro VI – C, цилиндри 6, работна зафатнина 2987 cm³), Моќност kW (КС)/ min. 140 (190) / 3800, вртежен момент 440 Nm при 1400 – 2400 /min, мануелен менувач со 6 степени (опција автоматски менувач 7G-Tronic Plus, Тежина на празно возило 2450 – 2475 kg, Носивост 1025 – 1050 kg, Дозволена тежина на приколка 2000 kg, Должина х Ширина х Висина 5932 х 2175 х 2774 mm, пречник на круг на вртење меѓу ѕидови 14,0 m, резервоар 71 литри дизел, погон на сите тркала; Потрошувачка на гориво град/пат/просек (заден погон) 9,4/7,5/8,2 l/100 km

Mercedes-AMG GLC 63 извозе најбрз СУВ-круг на Нирбургринг

Mercedes достигна една милијарда допаѓања на инстаграм

Првиот електричен автобус Mercedes eCitaro вози во Хамбург

Водородниот Mercedes GLC F-Cell почнува со продажба

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

салон лос анџелес 2018

Купувачот е крал на салонот во Лос Анџелес

ford transit custom phev keln test

Ford тестира хибриден Transit во Келн