133
19 shares, 133 points

Верзиите со две врати во гамата на Mercedes S-Class имаат цел, сé што лимузинската изведба веќе го прави врвно, да го надминат за уште едно ниво. Како компензација за тоа што недостига чифт врати, следи екстра доза во сите останати подрачја.

Играта на формите и рабовите на каросеријата во освеженото моделско годиште на купето и кабриолетот во гамата на Mercedes S-Class е дотерана за да оддава посилна спортска нота, но во исто време и да укаже на високата технологија што ја поседуваат овие каросериски изведби со чифт врати помалку. Промените напред се во браникот со хромиран сплитер и со масивни отвори за воздух. Отстрана се нови праговите, додека назад штрчат по два чифта хромирани издувни цевки, во стил на моделите со V12-мотор.

Mercedes S-Class Cabriolet, Coupe

Уште повпечатливи се задните светла со органски светлечки диоди. Вкупно 66 ултратенки диоди оддаваат впечаток како да лебдат во задните светла. Тие светат со ист интензитет во речиси сите правци и лесно се препознатливи во уличната слика, дење и ноќе.

Најслабата изведба на купето од Mercedes S-Class располага со 367 КС

Во верзијата S 560 работи новиот осумцилиндарец со битурбо-натполнење, со 469 КС. Потрошувачката е намалена за осум проценти во споредба со претходникот S 500 со 455 КС. Инженерски стандард во V8-моторите на Mercedes е сместувањето на турбините меѓу двата реда цилиндри, заради покомпактни димензии на агрегатот. Кај купето се исклучуваат половината од цилиндрите при возење под пониско оптоварување, заради дополнителна заштеда на гориво.

Mercedes S-Class Cabriolet, Coupe

Верзијата со трилитарски шестцилиндарец сега носи ознака S 450 и располага со 367 КС, достапна само како купе и стандардно со погон на сите тркала. Врвот му припаѓа на S 65 AMG со 12-цилиндарец со 630 КС, под него е S 63 AMG со четирилитарски V8 и 612 КС.

Со системите за асистенција преземени од лимузината, S-Class Coupe и S-Class Cabriolet се на чекор поблиску до автономното возење. Активниот темпомат го држи возилото на растојание од сообраќајот напред, но умее и автоматски да ја смали брзината во свијоци, пред крстосница или кружен тек. „Волшебната контрола на каросеријата“ исто така е подобрена, со примена на камера што го снима патот пред возилото до брзини од 180 километри на час. Тоа е достапно како опција само кај S 560, по цена од 5.355 евра.

Mercedes е на половина пат да почне да вградува камин во S-Class

Енергизирање е поим што обично се среќава во спа-центрите, но отсега и во Mercedes S-Class. Интелигентна електроника ги спојува во мрежа сите комфорни системи во возилото. Таа ги синхронизира климатизацијата и парфимирањето на кабината, греењето, вентилацијата или масажата во седиштата, осветлувањето во кабината и музиката што се слуша, со цел да создаде посебна атмосфера на „велнес“ – возачот само избира соодветна програма, како во спа. Следната фаза веројатно ќе биде посредување на чувство на пливање зад воланот.

Mercedes S-Class Cabriolet, Coupe

Главни во кокпитот се широките дисплеи со висока резолуција. Може да се избира меѓу три стилови: Класичен, спортски и прогресивен. Од E-Class се познати сензорските полиња во обрачот на воланот, заедно со копчињата за ракување со темпоматот. Во речникот на системот за гласовна команда се додадени контроли за климатизацијата и греењето на седиштата, за светлото во кабината, за вентилацијата и јонизацијата, масажната функција во седиштата и проекцискиот дисплеј.

Личен советник на списокот на услуги што ги нуди Mercedes

Паметниот телефон отсега може да функционира како дигитален клуч за возилото. Опционалниот аларм поседува нов софтвер и нови сензори. Доколку системот регистрира поаѓање или влечење на возилото, веднаш се испраќа порака до мобилната апликација. Како опционален пакет, Mercedes може да понуди низа услуги, меѓу другото и личен советник.

Тоа се дополнителни можности, кои се достапни само откако ќе се плати соодветната сума за основата. Тоа значи најмалку 101.655,75 евра за S 450 во купе изведба и 257.456,50 евра за S 65 AMG во кабриолет верзија, според германскиот ценовник. За енергизирање се наплаќа екстра.

[FAG id=29419]


Ти се допаѓа? Сподели со пријателите!

133
19 shares, 133 points
Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

0 Comments

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *