169
22 shares, 169 points

Цели 44 години Mercedes го остави автомобилскиот свет без луксузен кабриолет од највисоката класа. Тоа го искористија полупропаднати и полузакрпени британски луксузни марки, но работите повторно доаѓаат на место.

Салонот во Франкфурт ќе биде местото каде Mercedes ќе го лансира кабриолетот од класата S, наследник на традицијата на отворени верзии од најпрестижната класа од сериите W 111 и W 112, произведувани во периодот од 1961 до 1971 година. Во Mercedes не успеваат да ја сокријат еуфоријата од лансирањето кабриолетот. Ола Келениус, шеф на дистрибуција: „Новиот кабриолет од класата S ја симболизира нашата страст за индивидуална и безвременски ексклузивна мобилност, којашто ја споделуваме со нашите клиенти.“

Кабриолетот од класата S го климатизира и воздухот околу автомобилот

Целта при развојот на новиот S-Class Cabriolet беше да се понуди најкомфорниот кабриолет во светот. Mercedes пред премиерата во Франкфурт открива само неколку детали во поглед на комфорот на климатизацијата. Кабриолетот ќе поседува усовршена генерација на автоматскиот систем за заштита од прекумерен провев Aircap, заедно со дувалки во седиштата во пределот на главата – прочуениот Airscarf, како и загревани потпирачи за рака, грејачи и за задните седишта или комплетно автоматско управување со работата на климатизацијата кое што меѓу другото ја зема во предвид и положбата на покривот.

Со новиот кабриолет од класата S продолжува долгата и успешна традиција на луксузни кабриолети на Mercedes. Уште во 1920-те години, луксузните кабриолети од Штутгарт го соединуваа чувството на слобода при возење на отворено со комфорот и безбедноста на лимузините на марката. По војната, Mercedes постојано нудеше особено ексклузивна варијанта на кабриолет изведена од топ-моделите: 170 S (генерација W 136) од 1949 година, 220 (W 187) од 1951 година и 300 S (W 188) од 1952 година.

Само 7.000 примероци се произведени од ексклузивниот кабриолет од генерацијата W 111/112

По кабриолетите 220 S (W 180) и 220 SE (W 128) од познатиот „понтон-мерцедес“ произведувани од 1956 до 1960 година, со серијата W 111 во 1961 година пристигна моделот што за многумина ќе остане најелегантниот кабриолет на сите времиња. Во десетте години Mercedes понуди пет различни моделски типови од оваа серија: 220 SE, 250 SE, 300 SE (W 112), 280 SE, а на крајот и 280 SE 3.5 како врвен модел со осумцилиндарски мотор. Од овие пет модела во Зинделфинген беа произведени само 7.013 примероци.

По оваа генерација Mercedes повеќе не понуди кабриолет од највисоката класа, туку се ориентираше на родстер моделите, на легендарниот SL од генерацијата W 107 од 1971 година, кој исто така прерасна во икона меѓу автомобилите од овој тип. Цените на отворените верзии на Mercedes во последните години бележат постојан раст. Кабриолетот од генерацијата W 111 во моделската изведба 280 SE 3.5 од завршетокот на серијата во 1971 година и во средно зачувана состојба, според најеминентните светски проценители денес вреди околу 290.000 долари. Пред десет години, неговата вредност беше проценета на 115.000 долари. Тоа е само за модел во средно зачувана состојба. Ако станува збор за врвно сочуван примерок, тогаш вредноста е 429.000 долари. Со појавувањето на новиот кабриолет од класата S, овие цени ќе продолжат да растат уште порапидно.


Ти се допаѓа? Сподели со пријателите!

169
22 shares, 169 points
Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

0 Comments

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *